МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

17 февруари 2021

17 февруари 2021

– Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи својата 13-та седница.

– Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе се сретне известителот во Европскиот парламент за Република Северна Македонија, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е во дводневна посета на земјава.

– Министерот за надворешни работи Бујар Османи изрази очекување дека во наредните денови ќе продолжи комуникацијата со бугарската страна и оти ќе се финализира текстот на Акцискиот план, кој е фокусиран на секторската соработка помеѓу линиските министерства. Во исто време, неговата бугарската колешка Екатерина Захариева повтори дека не е точно оти Бугарија го оспорува македонскиот идентитет, апелирајќи на враќање кон Договорот за пријателство и добрососедство и негова имплементација.

– Министерката за одбрана Радила Шекеринска, денеска и утре ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет на ниво – министри за одбрана преку заштитена видео-конференциска врска.

– Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАР) и Фондацијата „Конрад Аденауер“ денеска преку платформата ЗУМ ќе ги презенитараат резултатите од анализата „Далечинско учење или далеку од учење? Анализа на спроведувањето на моделот на далечинско учење во средните училишта во учебата 2020/2021 година“.

– Дваесет и девет мерки во вредност од 9,7 милијарди денари или 160 милиони евра содржи петтиот пакет за поддршка на стопанството и граѓаните што го презентираше вчера Владата. Таа е со очекувања дека мерките ќе помогнат за ублажување на ефектите од кризата и за закрепнување на економијата и видливи проценти на раст во втората половина од годината. Наспроти владиниот кабинет, опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека новиот пакет мерки е неразвоен и нема да ја даде потребната поддршка на стопанството и граѓаните.

– Со вакцинација на двајца здравствени работници, денеска во 10 часот во модуларната болница во Скопје ќе почне процесот на имунизација во земјава. Пунктот во модуларната болница ќе има шест вакцинални позиции, кои ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје.

 – Во Хрватска во следните недели можно е да пристигнат до два милиона дози на руската вакцина „Спутник V“, а се чекаат само регулаторни фактори што мора да се исполнат за да се увезе вакцината, објави порталот Индекс.

– Земјотрес со интензитет од 5,1 степен беше регистриран утрово во Грција, соопшти Евро-медитеранскиот сеизмолошки центар. Епицентарот бил на 22 км североисточно од Патра, на длабочина од 2 км. Во моментов нема податоци за жртви или штети.

– Француските локални избори, закажани за март се одложени за јуни поради епидемиолошката состојба во државата. Тоа го одлучи синоќа Сенатот на францускиот Парламент.  Гласањето ќе се одржи на 13 и 20 јуни.

– Нов Зеланд ќе го заврши своето 20-годишно воено присуство во Авганистан до мај. Тоа го објави премиерката Џaсинда Ардерн.

 – Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден одобри продажба на оружје за речиси 200 милиони долари на Египет, но најави притисок врз прашањата за човековите права, откако американски активист спомена случај на вознемирување на неговото семејство.

– Иран и порача на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) дека значително ќе ја намали соработката во рок од седум дена, стои во извештај на агенцијата наменет за нејзините членови.

– Претседателот на Светската медицинска асоцијација, Франк Улрих Монтгомери, смета дека медицинскиот персонал не треба да се вакцинира со вакцината на АстраЗенека.

 Напаѓачот на Барселона, Антоан Гризман, е многу разочаран по поразот од Пари Сен-Жермен. Каталонците синоќа загубија на домашен терен со 4:1 во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите и се пред елиминација.

 Руските тенисери Данил Медведев и Аслан Каратсев се пласираа во полуфиналето на Австралија опен. Првпат во историјата на Грен слемот, има двајца Руси помеѓу четворицата најдобри.

 – Времето во земјава изутринава ќе биде ведро и студено, по одделни котлини со појава на слаба магла. Преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северозападен ветер. Во вечерните и ноќните часови облачноста ќе се зголеми и во североисточните делови ќе има повремен слаб снег.  Утринската температура ќе се движи од -16 до -7, а дневната од -2 до 6 степени. Во делови од Пелагонија утринската температура ќе биде околу -20, а максималната околу -7 степени

Back to top button
Close
Close