МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

21 јануари 2021

21 јануари 2021

– Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, на кое е предвидено странките да започнат со давање на завршните зборови.

– Собранието денeска треба да одржи продолжение на 29. седница, на која се очекува да се гласа за Предлог законот за попис на населението, домаќинства и становите во Република Северна Македонија, 2021, по скратена постапка.

По тринеделен зимски распуст, основците и средношколците денеска се враќаат на настава – пред ИТ-уредите или во училишните клупи, за да го продолжат второто полугодие од учебната 2020/2021 година.

– Благодарение на подобрувањето на епидемиолошката состојба во поголемиот дел од Словенија, скијачките центри наскоро ќе бидат „отворени“ под одредени услови. Следната недела повторно ќе почнат часовите во пониските одделенија во основните училишта, а ќе се отворат и пазари, фризерски салони, механичарски сервиси, соопшти синоќа словенечката Влада.

– Телата на 3.439 ерменски жртви беа пронајдени за време на борбите во Нагорно Карабах, но овие бројки се прелиминарни. Ова го изјави за време на парламентарната контрола ерменскиот вицепремиер Тигран Авинјан.

– Твитер привремено го заклучи налогот на кинеската амбасада поради коментарите во кои се брани кинеската политика во регионот Синџијанг, поради што реагираше социјалната мрежа и оцени дека се кршат нејзините правила во врска со „дехуманизација“.

– Реал Мадрид синоќа беше поразен во 1/16 финалето од Купот на Шпанија од третолигашот Алкојано со 2:1 по продолженија, откако по 90 минути средбата заврши нерешено 1:1.

– Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во западните делови од земјава ќе има услови за повремени врнежи од дожд, на повисоките планините од снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11 степени, информираат од УХМР.

 

Back to top button
Close
Close