МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

28 декември 2020

28 декември 2020

– Во сенка на ковид-пандемијата, со заштитни маски на лицата, ја испраќаме 2020 година, тешка, но поучна. Граѓаните велат дека изминавме тешка година која физички нѐ раздели од роднините и пријателите, меѓутоа, за сите, поуката е иста, нема ништо поважно од здравјето.

 – Собраниската Комисија за одбрана и безбедност на денешната седница ја разгледа Информација за продолжување на набавката на лесни оклопни возила на тркала за потребите на Армијата со склучување на амандман/анекс на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија со Владата на Соединетите Американски Држави.

– Германија тврдеше дека проширувањето на ЕУ, а особено официјалниот старт на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, се важен приоритет за нејзиното претседавање со ЕУ, но сепак доби непријатно изненадување од Бугарија, која стави вето на пристапните разговори со Скопје, поради спорот околу јазикот, историјата и наследството, наведува „Брисел Тајмс“.

– Поради појавата на нов вирусен субтип со зголемена преносливост во Велика Британија, лабораторијата за генетика и персонализирана медицина од Клиничката болница „Жан Митрев“ од денеска повторно почнува со секвенционирање на SARS-CoV-2 примероци. Целта е утврдување на можно присуство на мутирани соеви од овој вирус кај македонски пациенти.

– Во организација на ПСУ „Јахја Кемал – јуниор“ и шаховскиот клуб „Гамбит Асеко – СЕЕ“ од 21 до 27 декември во просториите на училиштето „Јахја Кемал- јуниор“ се одржаа првите бергер турнири за млади играчи во нашата држава. Се одржаа два турнири, едниот за рејтингувани играчи и вториот за играчи кои се почетници.

– Еднократната финансиска помош од 6.000 денари, како дел од четвртиот пакет антикризни мерки, е исплатена на над 90 отсто од корисниците. За останатите да може да се исплати финансиската поддршка потребно е да се направат законски измени со нови подолги рокови.

– Студентките Сара Јованова и Елмедина Мислими, од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, изработија иновативен проект за да се подигне јавната свест за трговија со животни преку кој им овозможи директно учество за натпревар на овогодинешниот виртуелен Зоохакатон, со 29 тимови од цела Европа на тема „Технологија и заштита на живиот свет и животната средина“, информираат од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје.

– Шефицата на Сеизмолошката служба на Хрватска, Инес Иванчиќ, ги предупреди граѓаните на можноста од нови земјотреси во наредните часови и денови во областа Петриња и Сисак.  Првиот земјотрес се случи во 6:28 часот, со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала, проследен со два малку послаби, кои беа со изнтензитет со 4,7 и 4,1 степени.

– Во Босна и Херцеговина најмалку 3.000 мигранти престојуваат на отворено во зимски услови, што може да се опише како хуманитарна катастрофа, предупреди денеска шефот на мисијата на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во земјата, Питер Ван дер Авераерт.

– Третиот „локдаун“ на Австрија до 18 јануари повторно ќе ја чини австриската трговија повеќе од милијарда евра од прометот, предупредуваат истражувачите од Универзитетот Јоханес Кеплер (ЈКУ) во Линц.

– Неизвесно е дали сите средни училишта во Велика Британија ќе ја продолжат наставата по Божик, соопшти утрово кабинетот на секретарот на британската Влада, Мајкл Гоув.

– Хонгконг, кој се соочува со четврти бран на Ковид-19, вложува напори да спречи ширење на коронавирусот, откако една болница стана жариште на зараза.

– Познатиот новогодишен огномет во Сиднеј ќе се одржи, како што беше планирано, но нема да им биде дозволено на луѓето да се собираат и да набљудуваат од пристаништето доколку не се во некој од угостителските објекти.

– Кинеската државјанка Жанг Жан е осудена на четири години затвор за известување во живо од Вухан кога избувна епидемијата, изјави нејзиниот адвокат денеска, скоро една година откако се појавија детали за „непозната вирусна пневмонија“ во тој град во централна Кина.

 Тимот на Тотенхем синоќа испушти победа на натпреварот од 15. коло на шампионатот на Англија со Вулверхемптон. Конечниот резултат е 1:1, а „Спарс“ примија гол во финишот на мечот.

Back to top button
Close
Close