МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

24 декември 2020

24 декември 2020

– Премиерот Зоран Заев на покана на градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, денеска ќе изврши увид во тековните и реализирани проекти во Осогово – Пониква.

– Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Охрид ќе присуствува на промоција на пловни објекти на езерската полиција.

– Настава со осум или девет задолжителни предмети поделени во две групи од кои во првата македонски, албански, турски српски или босански јазик, математика, природни науки, општествени науки и англиски јазик, а во другата група уметничко, физичко, техничко-технолошко образование, предвидува новиот концепт за реформи во основното образование што вчера беше презентиран. Од Министерството за обрзование и наука најавија дека по презентацијата ќе следи јавна дебата.

–  Извештајот на министерот за надворешни работи Бујар Османи за остварувањето на надворешната политика и меѓународната положба на Република Северна Македонија, е на дневен ред на  денешната седница на собраниската Комисија за надворешна политика.

– Лекарите, односно медицинскиот персонал, се првата категорија граѓани кои ќе ја примат вакцината против Ковид-19, во време кога таа ќе биде достапна во здравствените институции. Став на Владата е дека по нив на ред ќе бидат хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и другите на приоритетната листа.

– Групата за застапување за еднакви можности при вработување, составена од Ромки активистки која делува во рамки на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување денеска ќе презентира наоди од Извештајот за состојбата на Ромките на пазарот на трудот.

– Католичките верници и дел од православните христијани кои времето го сметаат по Грегоријанскиот календар денеска го слават Бадник, во пресрет на Божик, раѓањето на Исус Христос.

 „Млади, перспективи…“ е насловена панел дискусијата што денеска ќе се одржи во организација на ЦИВИЛ.

– Слоу Фуд Македонија денеска на ZOOM платформата и на Facebook ќе го промовира првото издание на списанието „Полжавче“.

– Стопанската комора на Македонија и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска ќе потпишат меморандум за соработка.

– Владата на Словенија донесе одлука за забрана за движење меѓу општините во регионот на западот од земјата и по Божик.

 –   Европската унија планира да потроши стотици милиони евра следната година за да им помогне на бегалците што живеат во Турција. Голем дел од нив побегна од граѓанската војна во Сирија.

  Сите патници на летовите кон Холандија ќе треба да направат негативен тест за коронавирус не постар од 72 часа од следниот вторник, соопшти холандската Влада.

 –   Прес-конференција за постигнат трговски договор на Велика Британија и Европската унија по брегзит најверојатно ќе се одржи денеска претпладне, јави Би-би-си. Медиумот се повикува на извори во Лондон и од Брисел.

– Пекарата Фелбер е првата компанија во Австрија која воведе забрана за работа за работници кои немаат тест за коронавирусот.

– Канцеларијата на ОН за човекови права соопшти дека е длабоко загрижена за одлуката на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп да помилува четворица поранешни војници осудени за масакрот во Багдад во кој беа убиени 17 ирачки цивили.

– САД сметаат дека агенти на Федерална служба за безбедност (ФСБ) ја употребиле супстанцата „новичок“ во обидот за убиство на рускиот опозиционер Алексеј Навални, изјави синоќа за Си-ен-ен портпарол на Стејт департментот.

  Новоизбраниот претседател на САД, демократот Џозеф Бајден, се уште не одлучил за кандидат за директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и ќе го објави името дури по Божиќните празници, јави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на свои извори.

– Американскиот претседател Доналд Трамп вчера помилува 26 граѓани, вклучително и поранешниот шеф на неговиот предизборен штаб Пол Манафорт и поранешниот советник Роџер Стоун.

– Специјален истражен тим во обвинителството во Токио одлучи да не покренува обвиненија против поранешниот јапонски премиер Шинѕо Абе за поткуп на гласачи и кршење на законот за политички фондови.

 Велшкиот репрезентативец во редовите на Тотенехем, Герет Бејл заработи повреда синоќа на натпреварот (3:1) со Стоук во Лига купот на Англија. Тој беше стрелец на првиот гол за тимот од Лондон.

–  Далас загуби од Феникс во првиот натпревар од новата сезона во НБА лигата со 106:102. Најпродуктивен играч на средбата беше словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ, со 32 поена.

 – Реал Сосиедад го продолжи договорот со главниот тренер Иманол Алгуасил.

– Времето во утринските часови во земјава ќе биде магливо или со значителна ниска облачност, а преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Утринската температура ќе се движи од минус 2 до 3, а дневната од 7 до 15 степени.  Во Скопје, наутро магливо, а преку денот сончево со мала до умерена облачност. Утринската температура ќе се спушти до 1, а дневната ќе достигне 9 степени.

Back to top button
Close
Close