МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

22 декември 2020

22 декември 2020

– Mеѓународна конференција на тема „Предисторија во Македонија“ ќе биде одржана денеска во организација на Центарот за истражување на предисторијата со поддршка на Министерството за култура. Ова е шесто издание на веќе традиционалната конференција „Неолитот во Македонија“, која поради актуелната пандемија годинава ќе се одвива во онлајн форма.

 – Агенциите на ОН во земјава и Finance Think денеска организираат онлајн конференција „Социо-економско влијание од КОВИД-19 во Северна Македонија – научени лекции и препораки за успешно и одржливо закрепнување“.

– Не ни требаат бај-пас решенија за членството во ЕУ кое е наша единствена алтернатива. Иако Унијата испрати лош сигнал, земјава останува посветена на реформите. Подготвени сме за почеток на преговорите и нема сомневање дека секое нивно одложување би било грешка, уште еднаш потврди македонскиот државен врв.

– Министерот за надворешни работи Бујар Османи и директорот на Пошта, Јани Макрадули денеска во холот на МНР ќе промовираат поштенска марка по повод 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Северна Македонија и САД.

– Новиот концепт за основно образование што го најави Министерството за образование и наука, а со кој се планира спојување на предметите историја со географија и граѓанско општество, и биологија со физика и хемија изминатите денови предизвика реакции во јавноста. За таа цел, вчера Министерството за образование и наука (МОН) преку презентација ги појасни дел од грижите што ги имаат граѓаните, наставниците, родителите и учениците во однос на новиот концепт.

 – Поради појавата на нова мутација на коронавирусот во Велика Британија, од денеска се забранети сите летови од и кон оваа држава. Мерката за оваа забрана ќе трае до крајот на годинава. Кај нас надлежните уверуваат дека вирусот е под контрола, а во однос на вакцината, се е подготвено навреме за нејзина набавка.

– Министерот за здравство Венко Филипче, на покана на премиерот на Бугарија, Бојко Борисов и министерот за здравство Костадин Ангелов, денеска ќе присуствува на седница на Владата на Република Бугарија.

 Уставниот суд на Косово синоќа го прифати барањето на опозициското Движење Самоопределување (ВВ) за прогласување за неважечки на еден од гласовите на пратениците за избор на владата на Абдулах Хоти и одлучи дека треба да се организираат вонредни парламентарни избори, јави  дописникот на МИА од Приштина.

– Три романски десноцентристички проевропски партии вчера потпишаа договор за формирање нова влада, што ќе ја предводи актуелниот министер за финансии, Флорин Циту (48), по изборите што се оддржаа на 6 декември.

– Русија е загрижена поради плановите на Израел за изградба на населби во окупираните палестински територии, изјави првиот заменик на рускиот постојан претставник во ОН, Дмитриј Полјански, пренесува Танјуг.

– Авиокомпаниите „Бритиш ервејз“, „Делта“ и „Вирџин“, ќе ги тестират сите патници кои патуваат од Лондон и другите британски градови до њујоршкиот аеродром „Џон Ф. Кенеди“. Оние со позитивен резултат ќе бидат вратени назад.

– Технолошките гиганти „Мајкрософт“, „Алфабет“, „Циско“ и „Вмвер“ вчера се приклучија во правната битка на Фејсбук против хакерската компанија НСО, со поднесок до федералниот суд во кој предупредуваат дека израелската компанија користи моќни и опасни алатки.

– Конгресот на САД го усвои закон за помош поради кризата со коронавирусот, вреден повеќе од 900 милијарди долари, јави ДПА, потсетувјќи дека на законот се чекаше повеќе месеци, а со кој ќе им се даде помош на најпогодените од корона-кризата.

 Играчот за врска на Интер, Раџа Наинголан може да го напушти клубот во текот на зимскиот преоден рок. Спортскиот директор на клубот Пјеро Аусилио изјави дека „нероаѕурите“ се подготвени да ги разгледаат предлозите за 32-годишниот Белгиец.

 – Торонто и Оџи Ануноби се согласија да ја продолжат соработката за уште четири години. Според новиот договор кошаркарот ќе заработи 72 милиони долари.

– На планинските превои Ѓавато, Пресека и Буково утринава има магла поради што видливоста е намалена од 50 до 100 метри. На останатите патни правци низ државата, сообраќајот се одвива без забрани, по наместа влажни коловози, инфомира Авто мото сојузот на Македонија.

– Времето денеска ќе биде умерено облачно, претпладне по котлините со појава на магла и ниска облачност. По одделни котлини маглата ќе се задржи во поголем дел од денот. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.

 

Back to top button
Close
Close