МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

4 декември 2020

4 декември 2020

– Пандемијата како системска закана бара системски одговор. Треба заедно да продолжиме да работиме во создавањето на издржливи, добро управувани, одговорни, отчетни здравствени системи кои им служат на граѓаните, порача претседателот Стево Пендаровски на специјалната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, посветена на пандемијата на Ковид-19 што се одржа вчеравечер по средноевропско време.  

– Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска ќе ја  посети компанијата АСП-ПАК во Охрид.

– Додека трае дводневната средба на македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања, властите во Скопје со пораки дека разговорите со Бугарија ќе продолжат и покрај најавеното бугарско вето за старт на преговорите за членство на земјава со ЕУ, а научната заедница и МПЦ со порака дијалогот со Софија да се води на рамноправна и принципиелна основа, со почитување на меѓународното право и сознанијата на науката.

– Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа денеска ќе одржи работен состанок со тутунопроизводителите и откупувачите на тутун.

– На здравствена заштита и социјални бенефити Северна Македонија во 2019 година потрошила вкупно 507 милиони евра односно 4,5 проценти од БДП или по 244 евра по глава на жител, што е под просекот од 9,9 проценти од БДП во земјите од ЕУ.

– Министерот за здравство Венко Филипче денеска ќе има работен состанок со Координативното тело за вакцини за Ковид-19 преку КОВАКС механизмот, кој обезбедува глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација.

– Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија (АФД) денеска на ZOOM платформата ќе одржи презентација на резултатите од годишното истражување на пазарот на финансиски друштва во Република Северна Македонија.

– Лидерот на УРА, Дритан Абазовиќ, кој во новата црногорска влада е предложен за потпретседател, најверојатно за безбедност, изјави дека му биле понудени 21 милион евра да не коалицира со други две изборни листи со цел да се собори од власт ДПС на Мило Ѓукановиќ.

– Граѓаните на Москва од денеска ќе можат да се пријават за вакцинација против Ковид-19, а пунктовите за имунизација ќе бидат отворени од утре, изјави градоначалникот на рускиот главен град Сергеј Собјанин.

– Изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп и Републиканскиот национален конгрес заедно собрале 207,5 милиони долари по претседателските избори во САД.

– Американската фармацевтска компанија „Модерна“ соопшти дека очекува во првиот квартал од 2021 година да испорача меѓу 100 и 125 милиони дози експериментална вакцина против Ковид-19.

– Во нафтената рафинерија на компанијата „Енген“ во Дурбан, во Јужноафриканската Република, рано утрово одекнала експлозија, изјави локален полициски претставник.

 Менаџерот на Тотенхем Жозе Мурињо истакна дека неговиот добар биланс во пресметките со Арсенал на домашен терен нема никаква важност пред претстојното дерби на северен Лондон овој викенд во Премиер лигата.

Кошаркарот Ентони Дејвис го продолжи договорот со Лејкерс, соопшти прес-службата на тимот од Лос Анџелес. Условите на новиот договор на 27-годишниот Американец не се обелоденети.

– Во земјава утринава е облачно и магловито. Врнежи од дожд има во Демир Капија и Гевгелија, а магла во делови од Скопската котлина, во Тетово и Пожаране.  Според информациите од УХРМ, најмногу дожд во изминатите 24 часа наврнал во Пожаране – 13 литри на метар квадратен по што следува Тетово со 9, Гевгелија со пет и Битола со два литра на метар квадратен. Утринските температури во целата држава се над нулата.

 

Back to top button
Close
Close