24 ноември 2020
– Министерството за правда веќе почна постапка за изготвување на нов Кривичен законик, во кој ќе бидат вметнати кривичните дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите и медиумските работници. Ова денеска го истакна министерот за правда, Бојан Маричиќ во обраќањето на вебинарот „Изменување и дополнување на Кривичниот законик на Северна Македонија: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“.
– Во тек е медицинско опремување на објектот (на поранешната гинеколошка болница „Мала Богородица“, сегашен хотел „Ибис Стајлс“), што Клиничката болница „Аџибадем Систина“ го отстапи за хоспитализација на пациенти со Ковид-19. Се подготвува и техничката документација за станица за кислород што ќе биде поставена надвор од објектот со цел опслужување со кислород на пациентите кои ќе бидат хоспитализирани. Во тек се и преговорите околу начинот на кој ќе функционира овој ковид-центар, согласно договорот меѓу Министерството за здравство и приватните клиники за меѓусебна соработка во борбата со Ковид-19, информираат од болницата.
– Расправата за Предлог-буџетот за 2021 година на првиот ден од разгледувањето во собраниската Комисија за финансирање и буџет помина со забелешки од страна на опозицијата дека се работи за неразвоен Буџет без визија и укажувања од страна на парламентарното мнозинство дека е насочен кон поддршка на здравството, економијата и граѓаните.
– Државата да воведе привремени, директни мерки за поддршка на земјоделството, посебно на микро, малите и средните стопанства, да обезбеди еднократна помош, да авансира некои од идните директни плаќања и да размисли за зголемување на дел од веќе проектираните субвенции, порачаа учесниците на Втората сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој.
– Грци на возраст од над 50 години се мнозинството од 106-те лица кои во овој период се без кров над глава и живеат на улиците во Солун, според грчката невладина организација „Арсис“, која им помага на бездомниците, особено за време на карантинот, јави дописничката на МИА од Атина.
– Шпанската Влада ќе предложи поинакви Божиќ и Нова година, со ограничувања поради коронавирусот, така што на прославите ќе бидат дозволени само шест лица, пишува денеска шпанскиот весник „Мундо“.
– Во африканските држави во изминатите 24 часа регистрирани се 9.448 потврдени случаи со новиот коронавирус, а вкупниот број се искачи над два милиона, соопшти денеска Регионалната канцеларија на Светска здравствена организација за Африка.
– Екипата на Милвоки бакс ќе ја започне новата сезона без навивачи во својата сала. Ова одлука е во согласност со градските и државните прописи за ограничување на ширењето на КОВИД-19.