МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

24 ноември 2020

24 ноември 2020

– Трите екстерни испити од државната матура од учебната 2020/2021 година во јунската сесија ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни. Листата на изборни предмети за третиот екстерен испит годинава е проширена со уште два предмета – информатика и географија, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини, а новина има и за проектната задача која ќе содржи истражувачки дел.

Поради штрајк на грчките царински служби Граничниот премин Евзони ќе биде затворен за секаков вид на сообраќај од денеска од 05:00 часот, па до утре 05:00, соопшти вчера Министерството за внатрешни работи.

– Премиерот Зоран Заев вчера најави дека не сме далеку од договор со Бугарија, и оти не се разговара за отстапки, туку за решенија меѓу двете страни. Во меѓувреме и од бугарска страна омекнување на позициите – бугарскиот премиер Бојко Борисов рече дека Бугарија отсекогаш била подготвена за дијалог и разбирање за решавање на билатералните прашања со Република Северна Македонија, но тоа мора да биде посакувано и спроведено од двете страни. САД ја повторија позицијата Скопје и Софија да продолжат да ги решаваат билатералните спорови надвор и одвоено од процесот на евроинтеграциите и оти влезот на земјава во ЕУ го гледаат како заеднички интерес.

Од денеска, наредните десет дена ќе бидат на сила новите мерки на Владата на Србија, донесени со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.

 – Полека продолжува да се стишува епидемијата на коронавирусот во Франција, откако во изминатите 24 часа се откриени 4. 452 нови случаи, објави Институтот за јавно здравство и Министерството за здравство на оваа земја, јави дописникот на МИА.

Вакцината против коронавирусот, што ја развива Универзитетот во Оксфорд во соработка со „Астра Зенека“, ќе биде за целиот свет, бидејќи ќе чини само помеѓу три и четири долари, објави британски „Телеграф“.

Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден се очекува да ја номинира Џенет Јелен, поранешен претседател на Управниот одбор на Федералните резерви, за министер за финансии.

Дуња Иванова, член на велосипедскиот клуб Енерџи од Скопје е годинешниот државен првак со освоени три први места на Државното друмско-ридско првенство, Државното друмско – хронометар првенство и Државното првенство во планински велосипедизам.

Времето во земјава ќе биде сончево со умерена, а повремено со значителна облачност. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен ветер од северен правец. Утринската температура ќе се движи од минус 5 до 2, а дневната од 8 до 15 степени.

Back to top button
Close
Close