МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

20 ноември 2020

20 ноември 20202

– Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да одржи продолжение на две седници. Најавено е продолжение на 20-тата и 21-та седница.

– По повод 20 Ноември – Светскиот ден на детето денеска ќе се одржи вебинар на тема „Децата преземаат владин состанок на високо ниво. За децата од децата – иднината на образованието“.

– Во знак на одбележување на Светскиот ден на детето денеска дел од институциите во Скопје ќе бидат осветлени во сина боја како симболичен гест на нивната заложба за унапредување на правата на децата.

– „Како до ефикасен инспекциски надзор против загадувањето“ е тема на конференцијата што денеска ќе се одржи во Скопје во организација на Зелениот институт во соработка со „Биро де Хелинг“ од Холандија.

– Амбасадата на Руската Федерација во земјава и Општина Центар денеска организираат садење дрва позади Универзалната сала со што ќе биде најавена реконструкцијата и отворањето на Паркот на сеќавање.

– Бугарските барања се спротивни на европските вредности и излегуваат од рамката на Договорот за добрососедство. Но, Северна Македонија ќе продолжи да бара разумно решение за надминување на разликите. Притоа, преговори за јазикот и идентитетот нема да има.

– На предлог на Советот за безбедност кој вчера беше прифатен од Претседателот на државата, се очекува Владата денеска да прогласи кризна состојба на територијата на целата земја во траење од 30 дена поради исклучително сериозната состојба со КОВИД-19. Тоа ќе овозможи подобро менаџирање на сите капацитети и човечки ресурси, на располагање покрај јавните, ќе бидат и приватните болници со кои ќе управува државата, а во справувањето со епидемијата ќе помага и Армијата.

– Телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска во Куманово организира завршен настан за Кампањата за публицитет за ИПАРД Програмата 2014-2020.

– Српскиот патријарх Иринеј (90) почина денеска од компликации од новиот коронавирус. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, потврди дека патријархот Иринеј починал.

 Нова седница на српскиот Кризен штаб ќе се одржи утрово поради моменталната неповолна епидемиолошка состојба, за која главниот епидемиолог д-р Предраг Кон нагласи дека е „катастрофална“.

 Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска ги собира на видео конференција претставниците на триесетина фондови и меѓународни менаџери на берза кои се обврзаа да промовираат „зелени“ финансии со цел да се борат против климатската вонредна состојба во светот.

 Европската унија може да плати повеќе од девет милијарди евра за вакцините Фајзер и КјурВак, јавија западни медиуми повикувајќи се на официјален претставник на ЕУ.

– Американската веб-страница за вести „БазФид“ ќе ја преземе контролата над својот домашен конкурент „ХафПост“, се наведува во денешното соопштение, што претставува натамошен чекор кон консолидирање на понудата на бесплатни вести на Интернет.

 – Кина ги отфрли критиките на разузнавачкиот сојуз „Пет очи“ во врска со политиката на Пекинг кон Хонг Конг. Пекинг го повика сојузот да ја прифати реалноста дека поранешната британска колонија веќе е вратена во Кина.

– Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусам нареди воведување т.н. полициски час од утре во поголемиот дел од таа американска сојузна држава, по зголемувањето на бројот на нови случаи на коронавирус.

–  Во Канада можно е да бидат регистрирани 20.000 нови случаи на Ковид-19 на ден до крајот на декември, објавија локални медиуми синоќа повикувајќи се на нови податоци што треба да се објават денеска.

– Судот во Феникс ја отфрли тужбата на Републиканците, кои побараа од официјалните лица во Аризона да не го потврдуваат избраниот претседател Џо Бајден за победник на изборите во таа сојузна држава.

– Лара Трамп, снаа на американскиот претседател Доналд Трамп, има намера да се кандидира на изборите за Сенатот во нејзината родна држава Северна Каролина во 2022 година, пренесуваат Њујорк Тајмс и Политико.

– Итна помош им е потребна на околу 2,3 милиони деца по избувнувањето на конфликтот во етиопискиот регион Тиграј додека илјадници други се изложени на ризик во бегалските кампови, соопшти денеска агенцијата за деца на ОН.

– Компанијата Фејсбук синоќа, по првпат објави информации за распространетоста на говорот на омраза на својата платформа, велејќи дека од 10.000 содржини во третиот квартал од оваа година, 10 до 11 содржат говор на омраза.

 – Договорот со тренерот на Рома, Пауло Фонсека автоматски ќе се обнови доколку тимот се пласира во Лигата на шампионите следната сезона, пренесува „Скај Италија“.

 Вториот светски рекет Рафаел Надал, синоќа на завршниот АТП турнир во Лондон го победи минатогодишниот шампион Стефанос Циципас (6:4, 4:6, 6:2) и се пласираше во полуфиналето.

 – Актуелниот тренерот на Атлетик Минеиро, Хорхе Сампаоли, наскоро може да го напушти тимот. Според „Глобал еспорте“, Колумбиската фудбалска федерација планира да му ја понуди на Сампаоли функцијата селектор на националниот тим.

 Дефанзивецот на Реал, Серхио Рамос ќе го пропушти натпреварот од 4. коло во Лигата на шампионите против Интер, објавено е на  официјалната веб-страница на клубот од Мадрид.

– Во битолско, демиркаписко и струмичко утринава има магла. Утринските температури, според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи, се под нулата освен во Скопје, Охрид и Претор. Најстудено е во Берово каде се измерени -10 степени. Во Битола утринава температурата е  -6, во Струмица -5, во Петровец кај Скопје -4, во Тетово, Демир Капија и Маврово -3 и во Штип, Прилеп, Гевгелија и Крива Паланка -2 степена. Нула степени утринава се измерени на Зајчев Рид кај Скопје и во Охрид и Претор. За денеска синоптичарите најавуваат сончево и ведро време со мала до умерена локална облачност. Веќе од попладне ќе почне да дува умерен, а вдолж Повардарието и засилен северен ветер по што во текот на ноќта облачноста од север ќе се зголемува. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.

Back to top button
Close
Close