МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

26 октомври 2020

26 октомври 2020

– Заради технички зафати во дистрибутивната електромрежа денеска без струја во различни временски периоди ќе останат корисниците во неколку населби во Скопје, информира ЕВН.

– Од ЈП Водовод и канализација соопштија дека поради уличен дефект на водоводна цевка со пречник Ф 150мм, на улица Црногорска бр 2, прекин на водоснабдување ќе имаат корисниците улиците: Црногорска, Кузман Шапкарев, ул.1223, Гостиварска, Кадињача, Андон Папрадишки, Александар Македонски, Андреј Зографски, Смилевска, Панајот Гиновски, Жеденска, Островска, Драговити и дел од Борис Сарафов.

– Во Собранието на Република Северна Македонија денеска се закажани седници на неколку собраниски комисии.

– Министерот за надворешни работи Бујар Османи заедно со Резидентниот координатор на Обединетите Нации во Република Северна Македонија Росана Дуџиак денеска во холот на МНР ќе ја потпишат новата Рамка за соработка за одржлив развој  (UNSDCF) за периодот 2021-2025.

– Ребалансот на Буџетот со кој практично треба да започне имплементацијата на четвртиот пакет мерки, ја помина амандманската расправа и сега се очекува негово усвојување на собраниска седница.

 – Македонско-бугарските односи и изминатиов продолжен викенд беа актуелна тема меѓу политичките чинители во државава. Од тоа дека Северна Македонија нема територијални претензии, дека борбата на македонските револуционери никогаш не била мотивирана ниту за територии, дека нема потреба од нов договор со Бугарија, но и со барање став од Владата за Гоце Делчев и за македонскиот јазик.

– Есенскиот бран на Ковид -19 зема се поголем замав. Бројот на заболени расте, а државите воведуваат порестриктивни мерки во обид да го спречат ширењето на вирусот.

– Стопанската комора на Македонија денеска ќе одржи онлајн прес-конференција за еврокодовите како услов за поконкурентно македонско градежништво на европските пазари.

– Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска почнува турнеја низ регионов, при што ќе ги посети Грција, БиХ и Србија.

– Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган вчера изјави дека САД не треба да го одложуваат воведувањето на санкции кон Анкара поради неодамнешната проба на рускиот противвоздушен систем С-400.

– Актуелниот градоначалник на Киев, Виталиј Кличко води на локалните избори со 45,93 отсто од гласовите и во вториот круг ќе се натпреварува со Александар Попов, кандидат на Опозициската платформа за живот, кој освоил 9,62 процента, покажуваат резултатите од излезните анкети.

– Главната литванска опозициска партија на десниот центар Татковинска унија соопшти дека победи на парламентарните избори и оти ќе формира влада со две помали либерални партии.

– Германската Влада постигна договор со синдикатите на вработените во јавниот сектор во врска со платите, со кој се опфатени околу 2,3 милиони работници во локалната и сојузната администрација.

– Британските безбедносни сили презедоа контрола врз танкерот „Нејв Андромеда“ кој пловел низ Ла Манш, при што се уапсени седум осомничени лица кои им се заканувале на членовите на екипажот.

– Во заедничкотосоопштение на Стејт департментот и владите на Ерменија и Азербејџан се наведува дека од денеска стапува во сила хуманитарно примирје во судирот помеѓу Ереван и Баку за Нагорно-Карабах.

– Премиерот на Пакистан, Имран Кан исптари писмо до основачот на Фејсбук, Марк Закерберг во кое бара забрана на исламофобијата на социјалната мрежа.

 Јувентус синоќа во натпревар од 5. коло на италијанскиот шампионат ремизираше со Верона со резултат 1:1.

 Управата на Барселона поднесе официјална жалба до Шпанската фудбалска федерација против судијата Хуан Мартинез Мануера кој јa делеше правдата во 7-то коло од Ла Лига против Реал Мадрид (1:3).

 Напаѓачот на Лестер, Џејми Варди ги сумираше резултатите од натпреварот од 6. коло во шампионатот на Англија против Арсенал (1:0).

– Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност, во утринските часови со услови за магла по одделни котлини. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.

Back to top button
Close
Close