МИА Радио флеш

МИА Радиофлеш

25 септември 2020 

25 септември 2020 

– Република Словенија ќе продолжи да Ве поддржува на патот кон полноправно членство во Европската Унија и на тој пат не треба да постојат неправедни условувања кои ќе го кочат процесот, истакна словенечкиот претседател Борут Пахор на денешната средба со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Пахор изразил огромна благодарност за можноста за размена на мислења и за обраќање пред пратениците во Собранието, како израз на пријателство и градење сојузништва особено во тешки и непредвидливи времиња.

– Одбраната на обвинетите во случајот „Монструм” ќе поднесе кривична пријава против вештакот Снежана Николовска, заради, според нив, фалсификување на вештачењето на земјата од Смилковско Езеро и Враживир.

Ова го најави адвокатот Насер Рауфи, по завршување на денешното рочиште за „Монструм“, кој уште додаде дека нивниот став оти случајот е монтиран е потврден со денешниот исказ на сведокот Николовска дека ова вештачење е фалсификувано.

-Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари видео средба со федералниот министер за европски и меѓународни работи на Австрија, Александар Шаленберг.

Во таа прилика, соопшти МНР, Шаленберг му упати честитки за изборот на Османи и му посака многу успех во вршењето на новата должност.

– Земјоделците кои во претходниот рок не успеале да поднесат барања за директни плаќања за 2020 година, тоа ќе може да го сторат од денеска до 30 септември, соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Според Агенцијата, новиот рок е донесен од страна на Владата и е утврден согласно дополнетата Уредба за директни плаќања.

– Нова опрема и студентски сервис за поддршка на студентите со попреченост при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска беше презентирана на Филозофскиот факултет во Скопје.

Опремата или асистивните уреди се состојат од брајов принтер, 3Д принтер, два персонални компјутери со тастатури прилагодени за студенти со засегната фина моторика, два колор печатачи, машинка за пластифицирање и рачен нож за хартија.

– Поведена е кривична пријава против еден полициски службеник од Битола, кој вчера брутално нападна Ром во Битола. Тој заедно со уште еден негов колега кој бил присутен за време на инцидентот ќе бидат суспендирани, објави попладнево министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– МВР осудува каков било вид на насилство, особено кога тоа го направил полициски службеник. Ниту еден ваков чин не може да се поправи. МВР вложува многу во менувањето на ликот на полицијата и полициските службеници. Нашата цел е полиција која ќе биде во служба на граѓаните, рече Спасовски.

– Лекарската комора преку соопштение најостро реагира на тоа што во последно време сè почесто во средствата за јавно информирање се публикуваат написи, коментари, изјави и интервјуа на доктори чии ставови не се базирани на медицински докази или на лично искуство и директна работа со Ковид пациенти.

Со ова целосно, посочуваат од Лекарската комора, се девалвира трудот на докторите кои се вклучени во лекувањето на заболените со Ковид-19.

–Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска имаше средба со нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин, кој како дел државната посета на претседателот на Словенија, Борут Пахор, престојува во официјална посета на нашата држава.

Како што се наведува во соопштнието од Министерството за одбрана, Шекеринска се заблагодари за поддршката на Словенија на нашиот пат кон НАТО и изрази увереност дека соработката во одбраната меѓу двете земји ќе добие нов интензитет во рамки на Алијансата.

– Гласната поддршка од Словенија во НАТО и ЕУ беше силен мотив да ги засилиме нашите напори за остварувањето на стратешките цели. Во мене како министерка за одбрана ќе имате секогаш соговорник и партнер за соработка на полето на обуките, тренинзите и заеднички мисии, рече министерката Шекеринска.

– Не постои ниту една Армија во светот чиј висок воен чин, полковник, се расправа за политика во медиуми со актуелниот министер за одбрана. Тоа го нарушува кредибилитетот на Армијата, но и довербата на граѓаните во институциите на системот.

Вака претседателот Стево Пендаровски денеска одговори на новинарско прашање околу неговиот став во врска со барањето на министерката Радмила Шекеринска за измени во Законот за служба во Армијата кои ќе наложат, високи воени лица да не смеат да бидат членови на партија.

Го покренав, рече Пендаровски, тоа прашање на последниот Совет за безбедност. Мислам дека станува збор за ситуација без преседан.

– Полицијата на Меѓународната мисија за владеење на правото во Косово ЕУЛЕКС го приведе претседателот на Организацијата на воени ветерани на ОВК Хисни Гуцати и се очекува да го спроведе во Хаг пред меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, каде што е подигнато обвинение против него, јави дописникот на МИА од Приштина.
Гуцати е забележан како се изнесува со лисици на рацете од просториите на ОВВ-ОВК околу 13.30 часот.
Апсењето е извршено во рамките на денешната акција на ЕУЛЕКС во седиштето на ОВВ-ОВК, која започна околу 11.30 часот.

 

– Германската армија има проблем со лошиот квалитет на милион заштитни маски што им беа нарачани на војниците поради пандемијата на коронавирусот, тврди магазинот „Шпигел“.

Од почетокот на корона-кризата армијата нарачала околу 10 милиони маски од типот FFP2 без вентили за 47 милиони евра.

Француското Национално обвинителство за борба против тероризмот соопшти дека отвори истрага за обид за убиство во врска со терористички потфат и злосторничко терористичко здружение, јави дописникот на МИА од Париз.

Истрагата им е доделена на Регионалната дирекција на судската полиција на Париската префектура (DRPJ) и Генералната дирекција за внатрешна безбедност (ДГСИ).

– Русија засега не планира да воведе посериозни ограничувања во борбата против ширењето на пандемијата на Ковид-19, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Колку што знам, за ова во моментов не се разговара, рече тој, одговарајќи на прашањето дали на Русија ќе и требаат построги мерки за сузбивање на ширењето на епидемијата.

Според него, има одредено зголемување на бројот на заразени лица.

– Лидерите на Европската унија ќе се соберат на самитот во Брисел на 1 и 2 октомври, потврдено е во кабинетот на претседателот на Европскиот совет.

Портпаролот Баренд Лејтс вели дека претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, по втор пат имал негативен тест на Ковид-19 и продолжува со подготовките за самитот со кој ќе претседава.

-Поддршката на Грција за Кипар, за „воведување конкретни санкции за лица и субјекти инволвирани во континуираните нелегални активности на Турција во кипарската Ексклузивна економска зона“ ја изразува портпаролот на грчкото МНР, Александрос Гениматас, одговарајќи на новинарско прашање, јави дописничката на МИА од Атина.

-Грција цврсто ја поддржува позицијата на Кипар за спроведувањето на Одлуката на Советот на ЕУ во врска со наметнување насочени санкции за лица и субјекти инволвирани во континуираните нелегални активности на Турција во Ексклузивната економска зона на Република Кипар, вели Гениматас.

– Двајца пилоти на Военото воздухопловство и ПВО на српската армија загинаа утрово при пад на авион МиГ-21 во близина на Мали Зворник додека извршувале летачки задачи, потврди Министерството за одбрана.

Српското Министерство за одбрана соопшти дека авионот „Миг-21“ што се урна  бил прегледан во согласност со сите процедури, а по увидот утврдено е дека е исправен и подготвен за лет.

– Шефот на Светската здравствена организација за одговор на грип, Ан Моен, денеска изјави дека некои земји на северната хемисфера имаат проблеми со набавка на дополнителни дози на вакцина против грип, во услови на зголемена побарувачка.

Таа рече дека на здравствените работници и старите лица треба да им се даде приоритет во случај на недостиг на вакцини, пренесува Гардијан.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close