МИА Радио флеш

МИА Радиофлеш

25 септември 2020 

25 септември 2020 

– Почестен сум што можам да Ви се обратам и ја користам оваа прекрасна пригода за да ви ги пренесам изразите на искрено пријателство и посебна наклонетост на Словенија кон вашата држава и сите нејзини граѓани. Дојдов да Ви изразам цврста поддршка за сите ваши напори за членство во ЕУ. Ниту една друг држава не жртвувала толку труд и политичка енергија за исполнување на условите уште пред започнување на преговорите и се восхитувам на вашата храброст и ја ценам подготвеноста за компромиси што на Северна Македонија ќе и загарантираат јасна еворпска перспектива.

Ова денеска го нагласи во обраќањето пред пратениците во Собранието, претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, кој престојува во дводневна официјална посета на земјава.

– Во јули годинава во земјава вкупно се потрошени 546.080 мегават часови електрична енергија, 35,713 милионаи нормални кубни метри природен гас, 427.784 тони јаглен и 73.953 тони нафтени продукти.

Според податоците на Државниот завод за статистика, 92,4 отсто од потрошената електрична енергија е од домашно производство, а 96,6 отсто од вкупно потрошениот јаглен е употребен за производство на струја.

– Прометот од продажба на услугите во второто тримесечје од годинава во однос на истиот период лани забележува пад од 34,8 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Намалување во ова тримесечје, односно во април, мај и јуни годинава е забележано во сите сектори, но најголемо е во секторот Објекти за сместување и сервисни дејности со храна – за 77,7 отсто и во секторот Административни и помошни услужни дејности – за 63,4 отсто.

– Во текот на наредните неколку дена, а особено утре, како резултат на циклонска активност, се очекуваат локални поројни врнежи од дожд, на места доста интензивни со над 30 литри на квадратен метар, во вид на невреме и проследени со засилен ветер, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

-Ваквите процеси можат да предизвикаат појави на течење и слевање вода низ градските улици поради неможноста за одведување на водата во толку краток временски интервал. Исто така, поради очекуваниот интензивен дожд локално на некои места, можно е брзо зголемување на водостојот на помалите реки и суводолиците, покрај кои посочуваме за внимателно движење, велат од УХМР.

-Економската соработка помеѓу двете земји, која има голем потенцијал и перспектива да се подобрува од година во година, беше тема на разговор на денешната средба во Скопје меѓу вицепремиерот за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и амбасадорот во заминување на Република Франција, Христијан Тимоние.

На средбата, информираат од Кабинетот на Битиќи, се зборуваше и за проектите кои се спроведуваат со поддршка на Зелениот климатски фонд, кои предвидуваат проекти за унапредување на животната средина, справување со климатските промени и енергетска ефикасност, и кои се во согласност со Целите за одржлив развој и Агендата 2030 на Организацијата на Обединети нации.

– Северна Македонија и Бугарија да најдат компромисно решение доколку имаат некакви недоразбирања, но тоа да не го доведе во прашање одржувањето на меѓувладината конференција, истакна денеска словенечкиот претседател, Борут Пахор.

За кое било прашање што евентуално не е јасно, рече Пахор, решенијата треба да се најдат со  вешта дипломатија и флексибилни преговарачи.

-Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посети Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде целосно е реновиран третиот кат на установата, обновена е фасада, а набавени се и санитетски возила и нова медицинска опрема.

– Завршен е уште еден дел од реконструкцијата на установата, благодарение на проектот на Министерството за здравство, но и бројни општествено одговорни компании. Третиот кат од болницата е целосно реновиран, опремен со нов под, прозорци, кревети, душеци, инсталација на лифт, а обновена е и старата фасада. Ова е зграда што потекнува од 20-тите години од минатиот век. Благодарение на ангажманот на директорот и целиот стручен колегиум, пациентите добиваат подобри услови за лекување, а вработените подобри услови за работа, истакна министерот Филипче и додаде дека истовремено интензивно се работи на проектот за нова градска болница, што би требало да биде лоцирана во населбата Аеродром.

-Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска оствари работен состанок со  генералниот директор на Норвешкиот државен инвестициски фонд, Ханс Кристијан Нигард.

На состанокот Груби истакна дека Владата на Република Северна Македонија има усвоено афирмативна одлука за инвестицијата на приватната компанија НОРМАК во слободната економска зона во Тетово и истовремено го информираше Нигард дека се исполнети сите формалности од страна на нашата земја.

– Министерството за труд и социјална политика информира дека во тек е третата и последна дополнителна исплата на правата од социјална и детска заштита за месец август за оваа година.

-Во исплатата спаѓаат гарантиран детски додаток, посебен додаток за месец септември 2020, ЕПП за новороденче, родителски додаток за трето дете, родителски додаток за четврто дете, гарантирана минимална помош ГМП, туѓа нега, еднократна парична помош, мобилност и слепило, цивилна инвалиднина, социјална сигурност- социјална пензија и паричен надоместок за згрижувачко семејство, информираат од Министерството.

– Премиерот Зоран Заев денеска ја осуди полициската бруталност и насилството врз полицајците во велешко. Тој потенцира дека законот треба да важи за сите поеднакво.

– Ја осудувам полициската бруталност. Апелирам да се преземаат, согласно законот, најригорозните мерки за таквите случаи, каде што има полициска бруталност, нагласи Заев.

Тој истакна дека, во тој дух, секогаш апелирал и кога имало провокациите на меѓуетничка основа.

– Ако решивме едно општество за сите и го затворивме правниот дел на Охридскиот рамковен договор, не значи дека ова е трајно затворено прашање. Ние мора да работиме на соживотот, на меѓусебното почитување и разбирање, посебно кога се работи на служењето на институциите пред граѓаните, вели Заев.

Претходно, пpемиерот Заев ја осуди полициската бруталност и преку „Фејсбук“.

-Премиерот Зоран Заев денеска изрази уверување дека со Бугарија ќе се најде решение со кое двете страни ќе бидат среќни и рече дека Бугарија ги поддржува евроинтегративните процеси на земјава.

-Верувам дека ние како премиери, така и нашите министри ќе водат грижа дека на крајот треба да се договориме и да најдеме решение каде што двете страни ќе бидат среќни, ќе продолжиме низ самите тие решенија да го унапредуваме и зацврстуваме пријателството и добрата соработка меѓу двете земји, рече Заев.

-До крајот на месецов, во државните и воените болници во Грција, се ослободува простор и објектите, просторите и креветите ќе бидат наменети исклучиво за пациенти заразени со коронавирусот, додека пак оние што се хоспитализирани на одделите за интензивна нега, а не се ковид-пациенти, доколку биде потребно, ќе бидат префрлени во приватни клиники, предвидува заедничка министерска одлука објавена во Службен весник, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас, говорејќи за грчката телевизија „Стар“ рече дека со ова, „се дава можност, случаите што не се ковид од одделите за интензивна нега од државните болници да бидат префрлени во приватните клиники“.

– Истражувањето на Центарот за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ) покажа дека повеќе од 60 проценти од испитаниците очекуваат Црна Гора да остане независна и на евроатлантскиот пат по изборите, јави Анадолија.

Анкетата на јавното мислење на таа невладина организација, исто така, покажа дека повеќе од 80 проценти не ја доведуваат во прашање независноста на државата.

„Кога станува збор за очекувањата на граѓаните, по изборите, за државниот статус на Црна Гора, 61 процент од испитаниците се за тоа да остане независна на нејзиниот евроатлантски пат, а 21,9 проценти се да остане независна, но да се сврти кон Србија и Русија„, соопшти ЦЕДЕМ.

Секретарот на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВВ-ОВК), Фатон Клинаку, по денешниот упад на полицијата на Меѓународната мисија за владеење на правото во Косово ЕУЛЕКС во просториите на организацијата, изјави дека ЕУЛЕКС при упадот не покажал никаков документ кој му дава за право да врши претресјави дописникот на МИА од Приштина.

Таковото однесување, изјави Клинаку, наликува на она на некогашните југословенски безбедносни сили кои вршеа упади, претреси и апсења на Албанците без никаков налог.

-Во нападот што утринава се случи на местото каде им се оддава почит на жртвите од нападот на неделникот Шарли Ебдо, односно поранешното седиште на весникот, потешко се повредени две лица, јави дописникот на МИА.

Околу местото на нападот е воспоставен безбедносен периметар, сите училишта ги затворија вратите според безбедносните мерки од планот Вижипарат, односно станува збор за оебезбедување на неколку илјадници деца од 11-от, 3-от и 4-от арондисман на Париз.

Над 80 проценти од луѓето во Велика Британија не ги следат упатствата за самоизолација кога имаат симптоми на Ковид-19 или во случај да имале контакт со некој што е позитивен на тестот, покажува истражувањето спроведено од лондонскиот Кралски колеџ.

Истражувањето ја доведува во прашање ефективноста на англиската програма за тестирање и следење.

Според истражувањето, само 18,2 проценти од луѓето кои пријавиле симптоми на Ковид-19 во изминатите седум дена не излегле од дома откако се појавиле симптомите и само 11,9 проценти побарале да направат тест за Ковид-19.

 Tри лица утринава биле убодени со нож од непознат напаѓач во Париз, по што напаѓачот побегнал во метрото, јави дописникот на МИА.

Според префектурата на полицијата на Париз, силите на редот се наоѓаат на местото на нападот на булеварот Ришар Леноар во 11-от париски арондисман.

-Три тела се пронајдени, но 13 лица се уште се водат како исчезнати откако нивниот брод потона крај либискиот брег, соопшти денеска Меѓународната организација за миграција на ОН (ИОМ), пренесе ДПА.

„Најмалку 13 животи се изгубени на море и три тела се извадени откако синоќа се случи трагичен бродолом крај брегот на Либија“, соопшти либиската канцеларија на ИОМ.

-Њујорк го задржа првото место на светската ранг листа на финансиски центри, а Лондон го обезбеди второто место пред целосното излегување на Велика Британија од Европската унија, покажува денеска објавено истражување.

Индексот на глобалните финансиски центри (ГЦФИ) се заснова на истражување спроведено од групата З/Јен во партнерство со Кинескиот институт за развој и вклучува истражување на 8549 професионалци во финансискиот сектор и нивните над 54.500 оценки.

-Илјадници џамии се уништени и оштетени за само три години во северозападната кинеска провинција Синџијанг, а сега ги има помалку од кога било, пишува Гардијан.

Ова се податоци од извештајот за кинеската репресија врз муслиманското малцинство на австралискиот Институт за стратешка политика (СПИ). Податоците се добиени преку сателитски слики и теренски извештаи.

Кинеските власти тврдат дека во оваа област има повеќе од 24.000 џамии и дека властите ги чуваат. Но, според извештајот на СПИ, има нешто повеќе од 15.000 кои не се оштетени или уништени.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close