МИА Радио флеш

МИА Радиофлеш

27 април 2020/16:00

27 април 2020/16:00

Скопје – Министерството за здравство соопшти дека денеска Институтот за јавно здравје регистрира 53 оздравени од Ковид-19 и тоа во Скопје – 25, Куманово – 13, Прилеп – 5, Струга – 1, Битола – 4, Охрид – 1 и Кочани – 4. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, како што се посочува, починаа 58- годишна пациентка од тетовско Желино, примена на Клиниката на 21 април со тешка форма на болеста и 81 – годишна пациентка од Куманово, лекувана на клиниката од 15 април. Двете пациентки имале и висок крвен притисок. Во ГОБ „8 Септември“ почина 47-годишен пациент од Куманово, примен на болничко лекување на 3 април во тешка состојба и долго време приклучен на респираторна машина. Почина и 66-годишен пациент од Битола, кој во тешка општа состојба, со срцева слабост и цироза се лекуваше во Клиничката болница во градот.

– Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) насочи 2,5 милиони евра кон „Охридска банка“ АД Скопје со кои ќе се поддржат проекти за енергетска ефикасност во резиденцијални објекти. Ова е прв потпишан договор за кредитирање од почетокот на глобалната криза, со кој ќе се поддржи енергетската ефикасност на резиденцијалните згради, ќе се помогне во намалувањето на гасовите кои создаваат ефект на стаклена градина и ќе се подобри квалитетот на живеење на сопствениците на домаќинствата. 

–  Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) соопшти дека денеска се поднесени тужби од новинари за нападите  врз нив во случувањата во Собрание на 27 април пред три години.- Во име на одбележување на овој црн ден за демократијата и застапување на слободата на изразувањето и безбедноста на новинарите, група новинари, помогнати од ЗНМ преку адвокатската канцеларија Медарски денеска поднесe тужби. Тужбите против државата, се поднесени за утврдување на повреда на правото на слобода на изразување и за надомест на нематеријална штета, соопшти ЗНМ.

Сторијата „Жив и надграден: Лукративниот бизнис-клуб околу РЕК Битола“, на новинарот Владо Апостолов, ја освои првата награда на годинешниот конкурс „Никола Младенов“ за најдобра истражуваќка сторија за 2019 година. Сторијата која што е објавена на интернет-страницата „Призма“ открива како се злоупотребува системот на јавни набавки за внесување фирми блиски на власта во профитабилниот бизнис за ископ на јаглен за потребите на термоелектраната РЕК Битола.

– Во пресрет на утре закажаната седница на српскиот Парламент, на која треба да биде потврдена одлуката за воведување на вонредна состојба и мерките во борбата против коронавирусот, пратениците на партиите и движења на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС) порачаа дека нема да присуствуваат на собраниската седница, бидејќи со тоа би го поддржале кршењето на Уставот, јави дописникот на МИА од Белград.

И покрај тоа што беше најавено дека веќе на 4 мај ќе биде донесена одлука за повторно отворање на повеќе помали бизниси и ќе се укинат некои ограничувања за движењето на граѓаните, словенечката Влада реши уште малку да се почека со олабавувањето на мерките. Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, ова значи дека на почетокот на следниот месец, сепак нема да бидат отворени толку очекуваните фризерски и козметичарски салони, а останува и забраната за граѓаните да ја напуштат општината каде што живеат.

Компаниите БиоНТех и Фајзер добија одобрение од германскиот Сојузен институт за вакцини и биомедицина „Пол Ерлих Институт“ да започнат со први клинички истражувања на кандидати за вакцина против Ковид-19. Германската БиоНТех и американската Фајзер заедно ја развиваат вакцината БНТ162, а ова е прво клиничко истражување на кандидати за вакцина против коронавирусот во Германија и дел од светската развојна програма, се наведува во заедничкото соопштение на двете компании.

Поради пандемијата на Ковид-19 неколкумина шефови на италијанската мафија со двоцифрени пресуди се ослободени и се наоѓаат во домашен затвор. Тоа го соопшти обвинителот одговорен за борба со мафијата и тероризам, Федерико Кафиеро де Рао. Целта на властите во Италија е да се заштитат затворениците. Владата не гледа друг начин да ги заштити затворите од пандемијата, освен да пушти некои затвореници.

Повеќе од 500 цивили биле убиени во Авганистан во првите три месеци од годината, откако насилството продолжи по договорот меѓу САД и талибанските бунтовници за повлекување на странските сили од земјата, соопштија денеска ОН. Во првите три месеци од годината во судири загинале 1.293 цивили, а меѓу нив има и 152 деца и 60 жени, се наведува во извештај на мисијата на ОН во Авганистан (УНАМА).

Глобалниот воен трошок минатата година достигна највисоко ниво за три децении, при што САД, Кина и Индија издвојуваат најмногу за таа намена, објави денеска шведски институт за истражување. Во 2019 година потрошени се вкупно 19,1 илјади милијарди долари за воени потреби, што претставува зголемување од 3,6 проценти од претходната година, пресмета Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ).

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close