13 мај 2020

– Досега немало затворање на занаетчиските дуќани, но многу од нив три месеца немале промет. Нивни претставници денеска на министерот за економија му доставија предлози за надминување на моменталната состојба во која се наоѓаат поради кризата предизвикана од коронавирусот.

– Владата се уште нема донесено одлука дали вонредната состојба во земјава ќе продолжи и во наредниот период. Премиерот Оливер Спасовски, кој денеска беше на увид во градежните работи на изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш, вели дека се прават анализите и се проценува врз основа на здравствената состојба.

– Јавниот превоз во главниот град, кој од воведувањето на полицискиот час, има двократно работно време, се очекува да се нормализира паралелно со етапното олабавување на мерките.

– Српската вицепремиерка и министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ денеска изјави дека идејата за зелени коридори, произлезена од земјите членки на ЦЕФТА, Европската унија и Западен Балкан, треба да придонесе за побрзи и поефикасни премини преку границите, со оглед на тоа дека чекањето трае со часови, јави дописникот на МИА од Белград.

– Шпанските власти планираат до јули да ги задржат границите затворени за повеќето патници од странство, со цел да се избегне втор бран на коронавирусот, соопштија денеска двајца неименувани извори од Министерството за надворешни работи во Мадрид.

– Границата меѓу Канада и САД се очекува да остане затворена за обични патувања до 21 јуни, објави денеска канадскиот весник „Глоуб енд мејл“.

 

Back to top button
Close
Close