МИА Радио флеш

МИА Радиофлеш

5 март 2020 

5 март 2020 

– Членовите на Државната изборна комисија (ДИК) имаа средба со шефот на Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР, Тана де Зулета и со претставници на мисијата, на која се разговарале сите аспекти од изборниот процес, вклучувајќи ги и учесници на изборите.

Како што соопшти ДИК, претставниците на Мисијата на ОБСЕ/ ОДИХР биле заинтересирани за начинот и активностите кои ги презема Комисијата, како одговор на промената на законската рамка, непосредно пред распишувањето на Предвремените парламентари избори.

– Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, од 27 февруари до 04 март, на телефонскиот број 193 кој е дел од кампањата „Пријави оган на отворено“ регистрирала само две пријави од граѓаните. Пријавите се проследени кај инспекторите на Град Скопје за да покренат постапка против сторителите.

-Градот Скопје преку својот инспекторат и Територијалната единица за противпожарна заштита, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст организира мешани тимови кои работат секој ден, 24 часа, и се справуваат со огновите на отворено, соопшти Град Скопје.

– Дискриминацијата ја имаме во речиси сите сегменти во општеството и потребна е проактивна борба, нагласуваат од мрежата на 10. организации кои спроведуваат кампања под слоганот „Дискриминацијата завршува со мене“, а што беше претставена денеска во Прилеп.

Според Драгана Дрндаревска, правен советник од коалицијата „Маргини“ во Мрежа за заштита од дискриминација, мрежата од 10 организации им нуди бесплатна правна помош на сите граѓани, зашто дискриминација има по речиси сите основи: политичка, етничка, родова, расна, поради сексуалната ориентација, кај лицата со попреченост. Иако една година имаме нов Закон за спречување и заштита од дискриминација, сепак последниот собраниски состав не ја избра Комисијата.

– Европските интеграции на Северна Македонија и очекувањата од претстојниот Совет на ЕУ беа во фокусот на средбата на министерот за надворешни работи, Никола Димитров со претседателот на Националниот Совет на австрискиот Парламент, Волфганг Соботка,  кој престојува во официјална посета на земјава.

Како што соопшти МНР, во текот на разговорот Димитров потенцираше дека принципиелната и континуирана поддршка од австриските пријатели беше и останува од големо значење за нашите ЕУ аспирации.

-Министерот Димитров информираше за позначајните постигнувања и резултати во клучните реформски области, нагласувајќи дека посетата на австрискиот прв парламентарец доаѓа во контекст на позитивни моменти – новата методологија за пристапниот процес и позитивниот Извештај на Европската Комисија кој ја потврди препораката за отворање на преговорите со Северна Македонија, што се надеваме овој пат ќе доведат заеднички успех, се наведува во соопштението.

– Заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар учествуваше во работата на 63-тата сесија на Комисијата за наркотични дроги на ОН во Виена. На сесијата, организирана од UNODC (United Nations Office on Drugs and Crime), заменик министерот Бајрактар рече дека употребата на дроги негативно се рефлектира на севкупното човечко живеење и функционирање, на индивидуален, професионален, семен и социјален план, предизвикувајќи големи човечки страдања и загуби, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.

-Употребата и нелегалните активности поврзани со дрога се сериозна национална и интернационална состојба која треба да се разгледува во глобален контекст. Дрогата не е едноставен проблем бидејќи е закана за сигурноста, безбедноста, здравјето и благосостојбата, просперитетот на популацијата, особено на младината. Опфаќа голем број аспекти кои се испреплетуваат меѓусебно: здравствени, социјални, кривични, етички, кои сами по себе претставуват предизвик. Феноменот поврзан со дрога и мерките и активностите кои треба да се преземат се комплексни и во широк континуум кој опфаќа превенција, третман, намалување на штети, социјална реинтеграција, правна контрола, спроведување на закон, особено имајќи предвид дека употребата на дрогата, трендовите, како и нелегалното производство и трговија со дрога се многу динамични, постојано се менуваат, нагласи Бајрактар.

–  Шест членови  на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ од 2011 година, денеска сведочеа во Кривичниот суд за предметот „Титаник“ во кој обвинети се повеќе лица за изборни нерегуларности и незаконско финансирање на предизборна кампања. Сите шестмина прашани од обвинителката Лиле Стефановска изјавија дека не знаеле дека во нивно име е уплатена сума од 60.000 денари на партијата ВМРО-ДПМНЕ како донација и дека за тоа дознале на изјавата во СЈО кога им биле посочени уплатници.

Даниела Груевска вработена во ОУ „Марко Цепенков“ во општина Зелениково, како и Наталија Гелева вработена во СВР Струмица, рекоа дека ниту тие дале, ниту пак на некому му дале 60.000 денари да уплати во нивно име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како донација.

– Премиерот Оливер Спасовски се сретна со делегација на Националниот совет на Република Австрија, предводена од претседателот на Советот, Волфганг Соботка. На средбата, како што информира владината прес-служба, е соопштено дека продолжува јасната поддршка од Република Австрија за европерспективите на нашата држава и за отворањето на преговорите со ЕУ.

-Изразени се честитки за патот што го изоде Република Северна Македонија во реформскиот процес и во добрососедските односи. Констатирано е дека Договорот од Преспа е пример за решавањето чувствителни билатерални прашања и во целиот регион. Посебно е посочен како важен чекор за напредокот, донесениот Закон за јавно обвинителство, се вели во соопштението од Владата.

– Донација од 20 возила од марката „дачија“ и „рено“ во вкупна вредност од 287.557 евра од Министерството за внатрешни работи на Сојузна Република Германија денеска и беше предадена на македонската полиција. Возилата, како што информираат од МВР, ќе им бидат дадени на користење на полициските службеници од граничната полиција.

-Соработката помеѓу двете министерства е на високо професионално и пријателско ниво, веќе долги години наназад. Верувам дека има и тоа како широк простор тоа наше партнерство уште повеќе да го интензивираме и продлабочиме не само во поглед на заедничката борба против сите видови на криминал, туку и во сите други сегменти во кои споделуваме заеднички интереси и вредности во интерес на граѓаните на двете земји, рече министерот за внатрешни работи Наќе Чулев при примопредавањето на новата донација на возила.

– На предлог на епидемиолозите ќе и биде предложено на Владата да ја продолжи препораката за неодржување масовни јавни соби, а спортските натпревари да се играат без публика за уште една недела, до 13 март, поради коронавирусот, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата.

Тој информираше дека во моментов се чекаат резултатите од брисовите на двајца странци, кои треба да покажат дали се инфицирани со коронавирус.

-Тие се сместени во еден хотел во центарот на Скопје и засега ќе останат во изолација во хотелската соба. Имаат слични симптоми на настинка. Тим од епидемиолози веднаш е испратен во хотелот, земени им се брисови и испратени на тестирање на Инфективната клиника и резултатите ќе се знаат за неколку часа. Тие пристигнале на 28 февруари, едниот е од Австралија, другиот од Сингапур, кои со „Визер“ од Келн дошле заедно тука. Екипа на епидемиолози разговараат со нив за контактите кои ги имале и што правеле откако се дојдени, истакна министерот Филипче.

– Во наредниот период ќе има нови електронски услуги за граѓаните од институциите преку Националниот портал, за издавање лични документи од Министерството за внатрешни работи,  документи од Управата за водење матичните книги (УВМК), упис на деца во градинка и училиште. Следен чекор ќе биде автоматска размена на податоци меѓу институции. Поради сите овие процеси некаде ќе има вишок вработени во администрацијата, а некаде не, вели ресорниот министер Дамјан Манчевски.

– Сакаме целосно да биде електронски начинот за апликација за лични документи за граѓаните ќе треба само да одат да се фотографираат и да ги подигнат. На електронски упис во градинка се работи и верувам дека ќе успееме во тоа во текот на следните недели. Уписот на деца во градинка трае цело време и граѓаните ќе можат веднаш да ја користат оваа услуга, а за училиштата имаме време да се организираме од септември. Во делот на Управата следната недела ќе ни биде големиот пробив, каде документите многу побргу ќе се генерираат и ќе се издаваат. Преку uslugi.gov.mk  граѓаните ќе може да ги добијат во рок од само неколку минути, информира денеска Манчевски, на претставувањето на услугите преку порталот во Министерството за труд и социјална политика од каде електронски се издаваат 11 потврди.

– Делегација на Вооружените сили на Босна и Херцеговина, предводена од началникот на Здружениот штаб, генерал-потполковник Сенад Машовиќ, во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија, денеска престојуваше во Генералштабот на Армијата.

По приемот со високи воени почести, генералот Машовиќ остварил средби со неговиот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, по што следуваа официјални разговори со военото раководство во Генералштабот.

– Претседателот и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски, денеска оствари средба со генерал – полковник Сенад Машовиќ, началник на Здружениот штаб на вооружените сили на Босна и Херцеговина, на која биле разменети мислења и информации за севкупната армиска и одбранбена соработка меѓу двете земји и заедничкото учество во странски мировни мисии.

Претседателот Пендаровски, како што информираат од неговиот кабинет, на средбата со генерал – полковник Машовиќ разговарале и за можностите за зајакнување на меѓусебната соработка во функција на поголем придонес на билатерален и на мултилатерален план. Пендаровски истакнал дека Република Северна Македонија и како 30-та членка на НАТО ќе продолжи со добрата армиска соработка со Босна и Херцеговина.

– Претседателите на Албанија, Илир Мета и на Бугарија, Румен Радев, на денешната прес-конференција одговорија на прашање околу ситуацијата на турско – грчката граница, со големиот прилив на мигранти.

Мета смета дека е потребен дијалог за да се избегнат какви било инциденти.

– Ние тесно соработуваме со Фронтекс и секогаш сме заинтересирани да промовираме дијалог и здружување на силите за да избегнеме какви било инциденти или загрозување на животот на мигрантите за да може ова прашање да напредува. Состојбата да се надмине со дијалог, со ангажирање на ЕУ и на НАТО, бидејќи покрај хуманитарниот проблем, треба да се занимаваме и со проблемот од аспект на безбедноста, изјави Мета.

– Лидерот на најголемата косовска опозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК), Кадри Весели вели дека Владата на Албин Курти во првите 30 дена од преземањето на должноста не покажа никакви резултати, освен промашувања, а „галамата и ароганцијата“ станаа нејзини „средства за правдање на неработењето“.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во осврт на својата страница на Фејсбук, Весели ја обвини новата косовска Влада дека во овој краток период бесмислено го зголеми бројот на советници и именува роднини и партиски војници на јавни функции.

– Бугарскиот претседател Румен Радев, кој престојува во дводневна официјална посета на Албанија, ја изрази силната поддршка на неговата земја за европскиот пат на Албанија.

– Мојата посета се случува во важен момент од гледна точка на перспективата на Западен Балкан. Сметаме дека Албанија е подготвена да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Ние разбираме дека процесот е комплициран и долг, но подготвени сме да ја приближиме нашата помош, истакна Радев на заедничката прес-конференција со домаќинот, албанскиот претседател Илир Мета.

– Апелацискиот суд во Париз ги потврди затворските казни изречени на првостепениот суд за поранешните градоначалници на парискиот регион Левалоа Пере, Патрик и Изабел Балкани поради затајување данок, јави дописникот на МИА.

Апелацискиот суд ги осуди Патрик Балкани и Изабел Балкани, соодветно на казна од по четири години затвор, од која една година условна казна и три години затвор, без налози за апсење и одземање на правото двајцата да бидат избирани во следните десет години. Ова се случува само неколку седмици по ослободувањето од затворот на Патрик Балкани поради „здравствени причини“.

– Главниот европски преговарач за односите со Обединетото Кралство, Мишел Барние, ги брифираше новинарите за првата рунда преговори за идното партнерство и предупреди дека засега разликите се многу големи, но дека сѐ уште верува во договор на крајот од преговарачкиот процес, јави дописничката на МИА.

Оваа недела британскиот и европскиот тим, предводени од Дејвид Фрост и Мишел Барние, остварија серија состаноци на кои се отворени единаесет поглавја, додека безбедноста и надворешните работи засега остануваат затворени, информираше Барние.

– Во Франција досега се регистрирани 285 лица заразени со коронавирус, од кои 15 сериозни случаи. Тоа се последните официјални бројки, а властите очекуваат зголемување на бројот на заразените, јави дописникот на МИА.

Здравствените власти утврдија дека десетина лица се заразиле на Собирот на евангелистичката црква „Отворена врата“, кој се одржал од 17 до 24 февруари во Мулуз. Еден од заболените е доктор по општа медицина, Џонатан Петершмит, кој сведочи за неговата здравствена состојба.

– Во Јужна Африка денеска е регистриран првиот пациент од новиот коронавирус, кој неодамна се вратил од Италија.

– Националниот институт за заразни болести потврди дека пациентот за кого се сомневало дека е заразен со вирусот е позитивен на Ковид-19, соопшти јужноафриканското Министерство за здравство.

– Претседателот на Русија и на Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган денеска во Москва разговараат за решавање на кризата во сириската провинција Идлиб.

Ердоган пред средбата изрази оптимизам дека по денешната средба со Путин во Идлиб би можело да биде прогласено примирје.

– Судскиот совет на Меѓународниот кривичен суд денеска донесе пресуда дека Обвинителството може да отвори истрага за наводни воени злосторства извршени во Авганистан.

Одлуката отвора пат главната обвинителка Фату Бенсоуда да отвори истрага за воени злосторства во Авганистан, како и злосторства против човештвото извршени за време на конфликтот од страна на талибанците, редовните авганистански сили и американските воени и разузнавачки структури.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close