МИА Радио флеш

МИА Радиофлеш

5 март 2020

5 март 2020 

– Претседателот на Националниот совет на Република Австрија Волфганг Соботка денеска престојува во посета на Собранието.

Како што најави собраниската прес-служба, Соботка ќе се сретне со претседателот на Собранието Талат Џафери и ќе потпишат Писмо за намери за формирање „Работилници за демократија“.

Во рамки на посетата, Соботка ќе се сретне и со претставници од бизнис-заедницата: Штефан Петер од ЕВН Македонија АД, Глигор Бишев и Алвин Аличевиќ од Шпаркасе банка Македонија АД Скопје.

Соботка предвидено е да оствари одвоени средби со претседателот на СДСМ Зоран Заев, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и со претседателот на ДУИ Али Ахмети.

– Во официјална посета на Република Северна Македонија и Армијата престојува делегација на Вооружените сили на Босна и Херцеговина, предводена од началникот на Здружениот штаб, генерал-потполковник Сенад Машовиќ.

Генералот Машовиќ денеска во Генералштабот и Министерството за одбрана ќе има средба со својот домаќин генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати, денеска ќе одржи средба со амбасадорот на Кралството Холандија во земјава, Дирк Јан Коп.

Од назначувањето за претседател на Уставниот суд, Мурати досега се сретна со американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз, со евроамбасадорот Самуел Жбогар, како и со амбасадорите на Франција, Германија, Турција, Унгарија и на Руската Федерација, Кристијан Тимоние, Томас Герберих, Хасан Мехмет Секизќок, Ласло Иштван Дукс и Сергеј Баздникин.

– Патниците од Милано и од Венеција кои пристигнуваат на скопскиот и на охридскиот аеродром ќе пополнуваат прашалник за коронавирус, што е уште еден чекор за подигање на контролата на повисоко ниво бидејќи има сè повеќе заболени во Европа.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека бројот на заразени во европскиот регион е 3.365 пациенти и дека нови земји во кои е проширен вирусот се Андора, Летонија и Португалија.

– На државниот Универзитет во Белград, најстарата и најголема високообразовна установа во Србија, студираат 88 македонски државјани, најмногу на постдипломски студии. Универзитетот има 31 факултет, 11 институти и 100 000 студенти. Од нив странци се 5000, а има тенденција да биде избор и за многу поголем број затоа што овој универзитет е меѓу 500-те најдобри на Шангајската ранг-листа која опфаќа само 2 процента од сите универзитети во светот. Неодамна тој стана и седми член во европската универзитетска алијанса Circle U. заедно со уште шест престижни универзитети од Европа.

Интернационализацијата е еден од главните приоритети на актуелниот ректор, проф. д-р Иванка Поповиќ, и во иднина се очекува зголемување на бројот на студиски програми на англиски јазик кои во овој момент се околу 50, главно на мастер-ниво.

Ректорката Поповиќ минатата недела работно го посети Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола и со ректорот Сашо Коруновски потпишаа меморандум што ќе овозможи Белградскиот и Битолскиот универзитет да соработуваат на повеќе активности и програми за размена на наставен кадар, студенти, на заеднички истражувачки проекти и други области од заемен интерес.

– Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, партија која е во предизборна коалиција со СДСМ за изборите на 12 април, кој е во посетата на САД, се сретна со помошникот државен секретар за Европа и Евроазија и поранешен американски амбасадор во земјава, Филип Рикер.

– Се сретнав со амбасадорот Филип Рикер во Стејт департментот, каде имавме многу плоден разговор за случувањата во Северна Македонија. Го информиравме амбасадорот за последните случувања и за коалицијата СДСМ-Беса како победничка коалиција. Имаше позитивна оценка од амбасадорот и сите дипломати овде во САД за оваа коалиција, која е коалиција за иднината на Северна Македонија, вели Касами во видео изјавата објавена на неговиот профил во Фејсбук.

– Словенечките здравствени власти објавија дека повеќе лица се во карантин, откако синоќа кај 60-годишен маж, кој се вратил од патување во Мароко е потврдено дека е заразен со новиот коронавирус.

Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, тој веќе изолиран во карантин во една од специјално за тоа направени простории на инфективната клиника при Универзитетскиот клинички центар во главниот град на земјата.

Според последните информации човекот се чувствуваа добро.

– Сите оние кои нелегално влегле во Грција и немаат профил на бегалци, ќе бидат сместени во касарна во близина на Серес во северниот дел на земјата, за веднаш да се депортираат во земјата на нивното потекло е планот на грчката влада, според министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, откако беше одлучено од 1 март, за еден месец никој да не може да достави барање за азил, јави дописничката на МИА од Атина.

Митаракис во интервју за грчката државна телевизија „ЕРТ“, рече дека во следните денови ќе биде пуштен во функција затворениот центар за конкретната цел, а работата ќе биде привремена.

Возот ТГВ што го поврзува Стразбур со Париз излета од шините изутринава  во 7:30 часот, во близина на Ингенхајм во Докна Рајна, десет лица се повредени меѓу кои и машиновозачот, јави дописникот на МИА.

Возот не излезе целосно од шините, туку само првите четири вагони. Според жандармеријата, 10 лица се повредени, вклучувајќи го и возачот, кој е со посериозни повреди.

СНЦФ – државната железница, им соопшти на патниците дека несреќата се должи на слегнување на насипот во кој удри  возот. Компанијата потврдува за Франсинфо дека според првите елементи, предниот погон на ТГВ удрил нешто. „Тоа е редок настан“, велат од компанијата.

– На крузерот „Гранд принцес“, на кој претходно имало двајца патници заразени со новиот коронавирус, не му е дозволено да се врати во пристаништето во Сан Франциско од каде тргна на нов пат кон Хаваите, откако 20 лица пријавиле симптоми слични на коронавирус.

Гувернерот на Калифорнија Гавин Њусом изјави дека бродот, на која има повеќе илјади патници, ќе остане на море се додека не бидат тестирани патниците и членовите на екипажот со симптоми кои можат да се поврзат со новиот коронавирус.

– Претставници на Опек настојуваа на состанок во Виена Русија дополнително да се намали производството за да се зголемат цените на нафтата кои од почетокот на годината се намалија за петтина поради епидемијата со новиот коронавирус.

Извори од Опек нагласуваат дека на состанокот не е постигнат договор бидејќи Русија се залагала до крајот на вториот квартал на годината производството да остане на сегашното ниво.

Саудиска Арабија предлага во вториот квартал да се намали производството на нафта за дополнителни милион до 1,5 милиони барели дневно, а до крајот на годината да остане на сила сегашното намалување од 2,1 милиони барели по ден.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close