МИА Радио флеш

МИА Радиофлеш

22 јануари 2020 

22 јануари 2020 

Претседателот Стево Пендаровски денеска и утре ќе престојува во Израел, каде што ќе учествува на лидерски форум по повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот 27 јануари и 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц – Биркенау.

Форумот, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, ќе се одржи во Светскиот меморијален центар на Холокаустот Јад Вашем во Ерусалим на 23 јануари, а се очекува присуство на над 40 шефови на држави и влади, како и членови на кралски семејства.

Во рамки на форумот претседателот Пендаровски ќе присуствува на конференцијата на тема „Сеќавање на Холокаустот и борба против Антисемитизмот“, како и на меморијална церемонија на полагање цвеќе.

– Претседателот на Владата Оливер Спасовски, денеска ќе ја посети новата операциска сала на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Спасовски ќе биде придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за здравство, Венко Филипче, соошти влдината прес-служба.

– Вицепремиерката задолжена за економски прашања и координација со економските ресори Мила Царовска и директорот на Делегацијата на германското стопанство Патрик Мартенс, денеска ќе го посетат Општинскиот електро-машински училишен центар „Наум Охридски“ во Охрид, соопшти владината прес-служба.

Царовска и Мартенс ќе направат увид во кабинетите за практична настава во училиштето и ќе се сретнат со директорите на компаниите ЛТХ леарница, Костал и ОДВ Електрик во кои се спроведува пилот проектот за дуално образование во охридскиот регион.

– Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска во рамките на средби со претставниците на државните институции задолжени за спроведување на изборите ќе се сретне со членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата.

– Делегација од Секретаријатот за европски прашања предводена вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, ќе остари средба со делегацијата на Државната комисија за спречување на корупцијата предводена од претседателката на Комисијата Билјана Ивановска. Оваа средба е дел од серијата институционални средби на Османи со претставници на  институциите задолжени за спроведување на изборите, се вели во соопштението од Секретаријатот за европски прашања.

– Модерна, професионална и ефикасна служба за надворешно разузнавање, способна во секој момент да се соочува со предизвиците, предвидува новиот закон за Агенција за разузнавање кој вчера Владата го прати на усвојување во Собранието на Република Северна Македонија.

Како што соопшти владината прес-служба, на предлог на Министерството за правда, Владата го утврди текстот на Предлог-законот за Агенција за разузнавање, и донесе одлука да биде пуштен на усвојување до пратениците.

-Со донесувањето на новиот закон за Агенција, конечено ќе се заокружат започнатите реформи во безбедносниот систем во Република Северна Македонија, како предуслов за влез на државата во НАТО. Ова е во полза на националната безбедност и граѓаните воопшто, се наведува во соопштението.

– Владата на четвртата седница го донесе „Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион (2020-2029 година)“, со акциски план со кој се обезбедува имплементација на сите препораки на УНЕСКО.

Во Планот, како што соопшти владината прес-служба, се прецизираат забранетите активности во соодветните заштитни зони и се утврдија идните специфични планови и истражувања што се неопходни за обезбедување на одржливиот развој на подрачјето на доброто.

Хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, пред европратениците повтори дека Западниот Балкан е врвен приоритет за хрватското претседателство и во тој контекст отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија имаат посебна важност за кредибилитетот на Европската Унија.

-Кредибилитетот на Европската Унија како светски играч треба да го положи тестот на успехот во нејзиното непосредно соседство, изјави Радман пред членовите на комисијата за надворешна политика на Европскиот Парламент.

– Завршна конференција на тригодишниот проект „Граѓанските организации во служба на локалната демократија“ ќе се одржи денеска во Скопје.

Овој проект, како што соопшти проектниот тим, го спроведуваат Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА)-Скопје, Здружението на финансиски работници на локалната самоуправа и јавните претпријатија (ЗФР) и Европското движење на Република Северна Македонија, со финансиска поддршка од Европската унија во рамките на ИПА 2 програмата за граѓански организации.

– Единаесет лица се здобиле со лесни телесни повреди во седум од вкупно 14 сообраќајни незгоди што се случиле изминатото деноноќие на подрачјето на Град Скопје. Во седум сообраќајни незгоди е причинета материјална штета.

Според податоците на СВР Скопје, сообраќајната полицијај исклучила еден возач кој се движел со поголема брзина од дозволената, еден возач пред се стекне со право на управување на моторно возило и едно нерегистрирано возило.

– Во Берово утрово е најстудено, -11 степени, а максимални два степена се измерени во Дојран.

Според УХМР, -8 е во Скопје Петровец, Штип и Кривас Паланка, -7 во Тетово, Битола, Струмица, Дебар, Демир Капија и Маврови Анови, -6 во Скопје Зајчев Рид, Прилеп и Охрид, -5 во Претор и Куманово, -4 во Лазарополе, -3 во Гевгелија и нула степени се измерени во Крушево.

Висината на снежната покривка до 7 часот е 12 сантиметри во Маврови Анови, четири на Попова Шапка и два сантиметра во Крушево.

– Промоција на иницијативата „Отворено судство“ која е дел од програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Северна Македонија” ќе се одржи денеска во Скопје.

На настанот ќе биде промовирана и анализата „Отвореност на судството во Северна Македонија“.

Како што најавија од Центарот за правни истражувања и анализи, поздравни обраќања ќе имаат министерката за правда Рената Дескоска, амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галовеј, вд претседател на Врховниот суд Фаик Арслани и претседателот на Судскиот совет Киро Здравев.

– Доколку се ревидира методологијата на проширување и доколку Унијата напредува во сопствената реорганизација преговорите на Северна Македонија со Унијата можат да се отворат мошне брзо, а и францускиот претседател Емануел Макрон одлучил Самитот во Загреб во мај да го претвори во успех.

Ова го порача Стефан Сежурне, француски европратеник од партијата на францускиот претседател Макрон, во интервјуто за МИА. Тој вели дека е свесен оти Северна Македонија постигнала напредок за да оди понатаму во следната фаза од евроинтеграцијата – отворање на преговорите со Унијата, но исто така е свесен и дека перцепцијата за Франција е дегрдирана кај земјите-кандидати и членки на Унијата, по негативната одлука.

– До крајот на неделава стручните тимови на ВМРО-ДПМНЕ треба да достават предлози и забелешки на законот за Јавно обвинителство, по што би требало да се одржи средба на работните групи. Оваа произлезе од вчерашната средба меѓу Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО – ДПМНЕ, на која станало збор за можните решенија и одоглавување на дијалогот за законското решение за Јавното обвинителство.

-ВМРО-ДПМНЕ се обврза да достави конкретни писмени забелешки на текстот на законот во наредните денови пред да се закаже средба на работните групи која би требало да се случи до крајот на оваа недела. Постапките на СЈО и продолжување со работа на обвинителите на конкретните случаи со кои се задолжени остануваат најголем проблем за опозицијата. Ние сакаме правда и професионално обвинителство кое ќе ги продолжи постапките. СДСМ цврсто стои зад донесување на законот и работиме со сите пратенички групи за негово донесување, велат од СДСМ.

– На Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје денеска ќе биде промовирана новата опрема за царинската лабораторија набавена со помош на Програмата ИПА 2013.

На промоцијата обраќање ќе имаат министерката за финасии Нина Ангеловска, евоамбасадорот Самуел Жбогар и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски.

Опремата е наменета за анализа на акцизни стоки, производи од хемиската индустрија и други стоки кои се контролираат од аспект на избегнати давачки или подлежат на забрани или ограничувања.

– Младинскиот образовен форум (МОФ) денеска ќе промовира две истражувања за студентскиот стандард: „Анализа на јавни набавки во студентските домови“ и  „Крпен студентски живот – истражување за животниот стандард на станарите во ДСД – Скопје“.

Истражувањето „Крпен студентски живот – истражување за животниот стандард на станарите во ДСД – Скопје“ ги адресира прашањата поврзани со корупцијата во студентските домови, начинот на носење одлуки и вклученоста на студентите во истите, како и квалитетот на живот во домовите. Истражувањето „Анализа на јавни набавки во студентските домови“, пак, ги одговара прашањата: колку, во колкава мера и дали се трошат и инвестираат доволно средства од страна на Државниот студентски дом „Скопје“ – Скопје, а во врска со квалитетот на домувањето и квалитетот на услугите за студентите во домовите под капа на Државниот студентски дом „Скопје“ – Скопје.

– Времето во Република Северна Македонија ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северозападен правец.

Утринската температура ќе се движи од минус 10 до минус 2, а дневната од 7 до 13 степени.

Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Утринската температура ќе се спушти до минус 7, а дневната ќе достигне до 7 степени.

– Швајцарската полиција минатиот август уапсила двајца руски разузнавачи во Давос, за кои се претпоставува дека подготвувале шпионски активности за време на годинашниот Светски економски форум.

Според швајцарските медиуми, уапсените Руси имале дипломатски пасоши и биле ослободени непосредно по нивното апсење, јави Би-Би-Си, додавајќи дека еден од нив се претставувал како водоводџија.

Министрите за финансии на ЕУ не постигнаа договор околу финансирањето на „Фондот за правична транзиција“ на ЕУ со кој треба да се финансира Зелениот Пакт на Европската Комисија, најавен на крајот на минатата година.

Министерскиот совет за економија и финансии кој се одржа во Брисел вчера не успеа да ги приближи ставовите на двата главни табори на земји во ЕУ: од една страна земјите кои сметаат дека се потребни свежи пари за Фондот, од другата, земјите кои сметаат дека треба да се пренасочат постоечки средства, посебно оние од земјоделството и политиката на кохезија.

– Словенечкиот премиер Марјан Шарец ја отфрли можноста за промена на ставот на Словенија кога станува збор за арбитражен спор со Хрватска по заминувањето од функција на министерот за одбрана Карл Ерјавец.

– Заминувањето на министерот не може да донесе промени, изјави Шарец за Словенечката телевизија.

Тој од Давос, каде учествува на Светскиот економски форум, запрашан да ги коментира оценките на дел од хрватските медиуми, дека отворените прашања меѓу двете држави можат полесно да се решат по заминувањето на Ерјавец, кој беше еден од актерите во арбитражната афера, рече дека Шарац во тој поглед не очекува никакви промени.

– Во грчкиот Парламент утрово ќе се одржи специјалната седница за избор на нов претседател на Грција, на која пратениците ќе гласаат за владиниот предлог, Екатерини Сакеларопулу да биде нов шеф на државата, јави дописничката на МИА од Атина.

Седницата е закажана за 10.30 часот по локално време, не е предвидена расправа, туку само гласање на кое секој од пратениците, вкупно 300, ќе биде прозван и доколку има намера да го поддржи владиниот предлог, ќе треба да го изговори името на Сакеларопулу.

– Под слоганот „Ги сакаме назад нашите острови, го сакаме назад нашиот живот“, денеска, жителите Лезбос, Хиос и Самос, организираат генерален штрајк и протести на централните плоштади на трите грчки острови поради ситуацијата со бегалците и мигрантите, јави дописничката на МИА од Атина.

Според локалните медиуми, граѓаните бараат да се намали бројот на бегалци и мигранти на островите, да има еднаква поделба на товарот во сите делови од земјата, а барателите на азил да бидат сместени во центри со хумани услови.

– Во Франција, во 2019 година, бројот на барања за азил се зголеми за 7,3 проценти во однос на претходната година.

Според последните бројки на Француската канцеларија за заштита на бегалци и лица без државјанство (ОФПРА), минатата година 132.614 лица поднеле барање за азил во таа земја.

– Најмалку 36 лица загинаа во терористички напад на пазар во Буркина Фасо, во провинцијата Санматенга, соопшти локалната Влада.

Како што се наведува во соопштението, вооружени милитанти влегле во селскиот пазар во Аламо, каде пукале во луѓе, а потоа го запалиле целиот пазар.

– Светската здравствена организација денеска ќе одржи состанок на Стручниот одбор за управување со итни случаи, за да процени дали епидемијата на коронавирусот во Кина е вонредна состојба на меѓународно ниво.

Според најновите информации, бројот на заразени со новиот вид корона вирус во Кина се зголемил на 440, а девет лица починале.

– По 13-часовна расправа, американскиот Сенат усвои правила за спроведување на процесот на отповикување на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучително и одложување на дебатата за повикување сведоци до средината на судењето.

Со 53 гласа „за“ и 47 „против“, Сенатот усвои план со кој им се дозволува на сенаторите обвинители да почнат случај подоцна во текот на денот.

– Израелски војници убиле тројца Палестинци кои врз нив фрлиле експлозивна направа додека се обидувале да ја преминат границата од соседна Газа, соопшти израелската војска.

Армијата соопшти дека трупите ја опколиле областа во близина на јужниот крај на палестинската крајбрежна енклава, откако три осомничени лица биле забележани како ја минуваат границата.

– Сопственикот на „Амазон“ Џеф Безос, бил цел на хакери, пет месеци пред убиството во 2018 година на саудискиот новинар Џамал Кашоги.

Според „Гардијан“, телефонот на Безос бил хакиран откако добил порака преку „WhatsApp“, испратена од личниот број на принцот престолонаследник на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман.

Back to top button
Close
Close