МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

17 септември 2020

17 септември 2020

– Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од променлив правец. Попладне во југозападните делови ќе има услови за локален пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од седум до 15, а максималната ќе достигне од 27 до 32 степена.

– Во Куршумли Ан во скопската чаршија вечер почнува 14-тото издание на „Скупи Фестивал“. Фестивалот завршува на 22 септември 2020.

 – Министерот за надворешни работи Бујар Османи  денеска ќе има  билатерална средба со овластениот министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија Гент Цакај, кој ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
-Како што соопшти МНР, главни теми на средбата се очекува да бидат соработката меѓу Северна Македонија и Албанија во остварувањето на заедничките стратешки цели за членство во Европската унија, состојбата со билатералните односи и можностите за понатамошната соработка и нивно унапредување, соработката во НАТО, состојбите со актуелната глобална здравствена криза и други прашања од заеднички интерес и значајни за нашиот Регион.
– Во дворот на ОУ „Живко Брајковски“  денеска градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски ќе им додели сертификати на наставниците кои дадоа особен придонес во реализацијата на учењето од далечина, информираат од оваа скопска општина.
 – Мајките на деца до шестгодишна возраст за денеска најавија протест поради одлуката да им се прекине породилното отсуство и да се вратат на своите работни места.
 Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.
– На шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија, Бугарија испрати објаснувачки меморандум до земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за отпочнувањето на преговорите со Унијата. Официјална Софија бара поддршка од нив за својата позиција во однос на македонскиот идентитет и јазик.
– Со два бастуна се движи низ Кавадарци, 85-годишниот Митре Јаневски е пример за своите сограѓани. Тие што го познаваат, велат дека од него треба да учат помлади кои наместо да се рекреираат и да се движат во природа, прекумерно седат пред компјутери и со паметните телефони, но и постари, кои не знаат што со себе во третата доба и како паметно да се искористи вишокот слободно време во староста.
– Собранието денеска треба да ја одржи 12. седница на која на дневен ред се измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование, по скратена постапка, како и одлука за испраќање на припадник на Армијата во меѓународната операција во Либан.
 – Четвртиот пакет економски мерки се подготвува, а неговата реализација нема да придонесе да се зголеми јавниот долг над проектираните 60 проценти од БДП. Финансирањето е стабилно. Приходите и расходите во Буџетот се согласно проекциите со ребалансот на буџетот.
– Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис сака да дојде во Скопје, затоа што сака да се потсети на тогашните години 1999-2000 кога бил главен, одговорен на Националната банка на Грција за аквизицијата или купувањето на Стопанска банка – Скопје. Тој има убави спомени од тој период. Нема дојдено од тогаш, открива претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во интервјуто за МИА, по средбата со неговиот грчки колега.
– Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска ќе ја отвори работилницата за разгледување на нацрт на Студија со секторска анализа на земјоделството и руралниот развој.
– Поради дефект на главен вентил на водоводна линија,  денеска   прекин во водоснабдувањето до 15 часот ќе има во населбата ,,Бел камен” во Кавадарци, известија од кавадаречкото јавно претпријатие ,,Комуналец”.
– Амбасадорот Виктор Габер, кој беше првиот македонски амбасадор во Рим, е одликуван со „Ѕвезда на Италија“ заради неговата долгогодишна активност во развојот на билатералните македонско-италијански односи.
– Министерот за здравство Венко Филипче вчера се сретна со Никола Бертолини, шеф на секторот за Програми за финансиска поддршка при Делегација на Европската Унија во Скопје.
 – Делегациите на Србија и Косово денеска ќе го продолжат техничко-експертските разговори за нормализирање на односите.
– Во Загреб, 49 деца во образовните институции се заразени со новиот коронавирус.
 – Велика Британија регистрираше речиси 4.000 новопотврдени случаи на инфекција со коронавирусот, најмногу во еден ден од мај, и поради тоа расте загриженоста дека земјата е на раб на второт бран на епидемијата.
– Британските власти сметаат дека е речиси сигурно дека труењето на Алексеј Навални го извршиле руските специјални служби. Тоа го изјави министерот за надворешни работи на Велика Британија Доминик Раб.
– Во воената вежба „Словенско братство 2020“ во Белорусија учествуваат и 300 руски падобранци, а во Минск пристигна и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
– Два месеца откако на новинарите од унгарскиот портал „Индекс.ху“ поднесоа оставки, тие најавија нов проект по пат на мешовито финансирање.
– Наставата на факултетите ширум Италија почнува в понеделник на 21 септември, а студентите на предавањата ќе мора да носат заштитни маски за да се спречи ширењето на вирусот Ковид-19, изјави италијанскиот министер за високо образование Гаетано Манфреди.
– САД ќе се обратат до ОН со цел повторно да воведат санкции за Иран следната недела, а Вашингтон ќе стори се што е потребно за тие санкции да бидат спроведени, изјави американскиот државен секретар Мајкл Помпео.
– Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека најмалку 100 милиони дози вакцина против новиот коронавирус би можеле да бидат дистрибуирани во САД до крајот на годината.
– Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио објави дека тој и неговиот персонал ќе бидат на неплатено отсуство една недела поради „невидени буџетски предизвици“ што се должат на пандемијата на новиот коронавирус, јави ДПА.
– Светската здравствена организација предупреди дека Ковид-19 се шири со алармантно висока брзина во делови на северната хемисфера, неколку месеци пред зимската сезона на грип.
– Премиерот на меѓународно признатата либиска Влада Фајез Сараџ изјави дека сака да ја предаде власта на новата администрација во октомври, во време на преговори за ставање крај на граѓанската војна во Либија.
 – Речиси две-третинии од младите Американци не знаат дека во холокаустот се убиени шест милиони Евреи, додека секој десети смета дека Евреите го предизвикале холокаустот, покажуваат резултатите од истражувањето на Конференцијата на еврејски материјални обвиненија против Германија (Claims Conference).
– Носењето заштитни маски може да обезбеди подобра заштита од Ковид-19 отколку вакцините, смета директорот на Американскиот центар за контрола и превенција на болести, Роберт Редфилд.
 Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека пандемијата на новиот коронавирус и понатаму е „надвор од контрола“ и дека светот се приближува до „најцрната пресвртница од милион загубени животи поради вирусот“.
 – Ураганот Сали што вчера го погоди брегот на Алабама и на Флорида доведе до историски и катастрофални поплави и масовен прекин во снабдувањето со електрична енергија, соопшти американскиот Национален центар за урагани.
– Бројот на потврдени случаи на коронавирус во светот достигна 30.042.218, покажуваат податоците објавени на веб-страницата на Worldometers.
– Како резултат на пандемијата со коронавирусот и карантинските мерки, уште 150 милиони деца се погодени од сиромаштија, се наведува во анализите на УНИЦЕФ и „Спасете ги децата“.
– Податоците за руската вакцина против Ковид-19 се нецелосни, има недоследности и повторување како „копи/пејст“. Тоа го предупредија 38 научници, чија позиција беше објавена во списанието „Nature“.
 Тренерот на НБА-лигашот Лос Анџелес Клиперс, Док Риверс ќе остане на функцијата и следната сезона.
 Напаѓачот на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг призна дека сака да го запише своето име во историјата на клубот.
 – Кралската фудбалска асоцијација на Холандија (КНВБ) го разгледува Франк де Бур за кандидат за нов селектор на репрезентацијата. Според „De Telegraaf“, наскоро ќе се одржи првата средба меѓу двете страни.
 Најсилната светска кошаркарска лига – НБА ја објави идеалната петорка за сезоната 2019/20.

Back to top button
Close
Close