МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

16 септември 2020

16 септември 2020

– Сончево време со мала до умерена локална облачност ќе преовладува денеска во земјава. Синоптичарите најавуваат слаб до умерен ветер од променлив правец. Утринската температура ќе се движи од 8 до 16, а дневната од 27 до 34 степени.

– Здружението за ментално здравје „Асоцијација Мисла” денеска организира панел дискусија на тема „Влијанието на пандемијата од КОВИД-19 врз менталното здравје на граѓаните“.

–  Согласно Стратегијата за реформа на правосудниот систем за периодот 2017-2022, во корелација со проектот: „Еднаков пристап за ефективна правда”, имлементиран од  Здружението на граѓани – Центар за еколошка демократија Флорозон Скопје, во соработка со ЕД Вила Зора од Велес денеска, во просториите на ЕД ВИЛА ЗОРА во Велес, ќе се одржи третата иницијатива на Национална коалиција за животна средина, во која членуваат 32 граѓански организации од целата држава.

– Детскиот културен центар „Карпош“ во соработка со Град Скопје организира манифестација „Движи се за здравје“, како дел од Европската недела на движењето, која се одржува од 16 до 22 септември. Манифестацијата „Движи се за здравје“, ќе може да се следи онлајн на Фејсбук страницата и „Јутјуб“ каналот на центарот, денеска од 10.00 до 12.00 часот.

– На делницата Жировница-Бошков мост кај селото Скудриње од денеска ќе има изменет сообраќаен режим. Сообраќајот ќе се одвива по една коловозна лента, а од 10 до 14 часот ќе биде целосно затворен.

– Во Градскиот парк во Скопје денеска ќе се одржи Граѓански буџетски форум „Моја заедница. Моја визија“. Форумот е организиран од Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. во соработка со активистката за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје, Драгана Велковска.
 – Прочистување на судството и обвинителството вети новата Влада, а веќе вчера министерот за правда Бојан Маричиќ најави дефинирање на моделот до истекот на првите 100 дена од мандатот.
 – Од следната среда, односно на 23 септември на работа се враќаат родителите на децата до шест години, лицата кои користеа продолжено породилно отсуство, додека бремените жени продолжуваат да ги користат мерките, односно се ослободуваат од одење на работа. Согласно владината одлука на работните позиции од 23 септември се враќаат и хронично болните, со исклучок на лицата, кај кои болеста е во фаза на влошување и оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист.
– Премиерот Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Атина, денеска ќе оствари средби со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и со лидерот на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас, а утрово ќе учествува на панел дискусија за Западен Балкан на конференцијата на „Економист“, јави дописничката на МИА од Атина.
– Премиерот Зоран Заев, кој од вчера престојува во работна посета на Атина, на својот профил на Фејсбук објави дека синоќа имал вечера со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас и екс-претседателот на Франција, Франсоа Оланд, со кои се согласиле дека „ова е време кога заедно со националните интереси на секоја земја, ги споделуваме и солидарноста и кохезијата за да направиме уште еден чекор напред кон подобра заедничка иднина“.
– Органското производство минатата година во однос на 2018-та бележи раст кај житните култури за 11,15 отсто, кај лозовите насади за 40,32 отсто, на зеленчукот за 1,07 отсто и на овошјето за 32,90 проценти, но евидентира и огромен пад од 82,67 проценти кај индустриските култури, како и намалување за 31,88 проценти на фуражот.
– Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“ продуцираше дигитална едуктивна игра наречена „Лунесол“, како алатка за едукација и обука на ученици, наставници и младински работници за препознавање и превенција на радикализаиција која води кон насилен екстремизам.
– По повод Европска недела на мобилност, која годинава трае од 16 до 22 септември, здружението на граѓани Еко Логик во рамки на програмата „Вело училишта‘‘ ќе го организра настанот „Вело Родео“во четири градови низ државата.
– Лабораторијата за вирусологија при Институтот за јавно здравје (ИЗЈ) го помина со максимален успех надворешниот тест на компетентност за детекција на SARS-CoV-2, спроведен од Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ЕЦДЦ).​
– Поради дефект на главна линија од висока зона, денеска  без вода за пиење до 15 часот ќе останат жителите од Брушанско маало и населбата „Голи оток“ во Кавадарци.

 –  Полска ги прекинува од денеска воздушните врски со Франција поради пандемијата со новиот коронавирус. Тоа го соопшти полската Влада.Франција е на списокот на околу 30 земји со кои воздушните врски се веќе прекинати поради пандемијата.

– Претседателката на Европска Комисија, Урсула фон дер Лајен денеска пред европарламентарците ќе претстави поамбициозни цели во борба против климатските промени и ќе предложи ЕУ да го забрза намалувањето на емисиите на штетни гасови кои предизвикуваат стаклена градина.

– Германија ќе издвои до 750 милиони евра за поддршка на три домашни фармацевтски компании што работат на развој на вакцина против новиот коронавирус.

– Европа е соочена со пресвртна точка во борбата против новиот коронавирус поради зголемениот број на заразени лица, почетокот на учебната година и доаѓањето на есента, предупреди директорот на Светската здравствена организација (СЗО) за итни ситуации, Мајкл Рајан.

– Во близина на пристаништето на италијанскиот град Анкона синоќа изби пожар, во кој нема повредени луѓе. Пожарот изби 30 минути по полноќ и зафати неколку магацини.

– Американскиот претседател Доналд Трамп нагласи дека вакцина против смртоносниот коронавирус може да биде достапна за 3-4 недели.

–  Десетици пожари продолжуваат да беснеат во западниот дел на САД. Пожарникарите се борат со пожар во близина на Лос Анџелес, што е активен повеќе од една недела и се заканува да зафати историска опсерваторија и објекти за телекомуникации во вредност од над една милијарда долари.

– Израелската армија утрово бомбардираше цели во појасот Газа. Погодени се кампови за обука на припадници на Хамас, јавија западни медиуми.

– Јапонскиот премиер Шинѕо Абе и неговата Влада денеска поднесоа оставка, а Парламентот треба да гласа за кандидатурата на неговиот наследник.

– Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, в петок ќе го посети Бразил, каде ќе одржи состанок со бразилскиот министер за надворешни работи Ернест Араужо.

– Ако не научиме од коронавирусот и го примениме наученото во пракса со потребните ресурси и посветеност, следната пандемија, што сигурно ќе има, ќе биде многу повеќе опустошителна. Тоа се предупредува во извештај на Светската здравствена организација.

– Јапонскиот Парламент го избра новиот претседател на владејачката Либерално-демократска партија, Јошихиде Суга, за нов премиер на државата.

– Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека сакал да го „елиминира“ сирискиот претседател Башар ал Асад во 2017 година, но тогашниот секретар за одбрана Џејмс Матис се спротиставил на операцијата.

–  Коронавирусот е причина за смрт на најмалку 121 лице на возраст под 21 година во САД помеѓу 12 февруари и 31 јули. Тоа се нагласува во студија објавена од Центрите за контрола и превенција на болести.

   Канадската федерална Влада ќе го продолжи затворањето на канадско-американската копнена граница за уште 30 дена, до 21 октомври, јави Си-Би-Ес Њуз.

– Договорите за нормализирање на односите на Израел со Обединетите Арапски Емирати и со Бахреин нема да доведат до мир на Блискиот Исток, изјави палестинскиот претседател Махмуд Абас.

–   Само еден од 10 Американци имаат голема доверба во Администрацијата за храна и лекови (ФДА) или фармацевтските компании каде треба да се обратат за своите интереси, Тоа се резултати од Аксиос-Ипсос Коронавирус Индекс.

– Бројот на заразени со новиот коронавирус во Индија надмина над пет милиони луѓе, соопшти денеска индиското Министерство за здравство.

 Кошаркарите на Денвер нагетс ќе играат во финалето на Западната конференција откако ноќеска го победија тимот на Лос Анџелес клиперс со 104:89 во седмиот натпревар од полуфиналната серија.

 Одбојкарски клуб „Ускана“ од Кичево, засилено продолжува скоро месец дена со подготовките за новата сезона на националното првенство во одбојка за жени.

 Тренерот на Барселона, Роналд Куман изјави дека нема никаква врска со конфликтот на Лионел Меси со управата на клубот.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close