МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

11 декември 2019

11 декември 2019

– Советот за социјална сигурност денеска ги поддржа законските измени со кои од идниот месец ќе се зголемат пензиите за сите пензионери за 700 денари.

– Ноември годинава е најтопол месец од 1951 година наваму, но и надпросечно влажен на ниво на државата.

– Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) ја рангира земјава на осмото место во светски рамки по количините фрлена храна според бројот на жители. Честопати сме ставени и на листата рекордери во загуба и отпад од храна, а истовремено се соочуваме со неможност да обезбедиме доволно храна за ранливите социјални категории. Бројките се многу загрижувачки и покажуваат дека 460.000 жители во нашата држава немаат постојан пристап до храна. Трендот во загубите е нагорен и околу 30 отсто од храната произведена или увезена, никогаш не се консумира, бидејќи се расипува веднаш по берењето во текот на транспортот или е фрлена од големите трговски синџири и потрошувачите, рече министерот за земјоделство Трајан Димковски на денешната консултативна работилница за креирање стратегија и надминување на овој проблем.

– Во периодот од 19 октомври до 6 декември година, односно по пријавување на последниот лабораториски потврден случај на мали сипаници, пријавени се два сомнителни случаи на мали сипаници, кои по направеното епидемиолошко и лабораториско истражување се отфрлени, информираат од Институтот за јавно здравје.

– Последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, но и натаму се присутни неизвесноста и ризиците од надворешното окружување, како и од домашниот контекст, оценил на седница Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

– Правилното и навремено информирање на сегашните, но и идните пензиски осигуреници за функционирањето на пензискиот систем и работењето на пензиските фондови е главниот фокус на информативно-едукативната кампања „Информирај се паметно“ што ја спроведуваат трите пензиски друштва Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје во соработка со Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

– Министерството за внатрешни работи во пресрет на новогодишните празници денеска упати апел да не се употребуваат петарди и да се пријавува нивна продажба. Укажува на статистичките податоци според кои над 150.000 луѓе во светот секоја година остануваат инвалиди поради користење петарди, а од нив 80 отсто се деца.

– EУ мора наскоро да го исполни ветувањето за отворање на преговорите за членство со Северна Македонија, истакнува шефот на дипломатијата Никола Димитров во изјава за АФП предупредувајќи оти не се доволни пораките на охрабрување по октомврискиот состанок на Европскиот совет на кој не беше донесена одлука за старт на пристапниот процес.

– Потребното двотретинско мнозинство за Законот за одбрана е неизвесено поради името Република Северна Македонија кое стои на законот. Владејачкото мнозинство очекува пратенциите од сите политички партии на денешната собраниска седница да покажат дека се за членство во НАТО и го поддржат законот. Неодговорно е, велат, на последниот чекор пред НАТО да се тера партиска политика.

– Црногорската држава ќе преземе 85,3 милиони евра долг на Монтенегро ерлајнз за даноци, придонеси, врз основа на веќе извршени плаќања од буџет, како и доспеани обврски кон Аеродроми на Црна Гора, Контрола на летање на Србија и Црна Гора, Хипотекарната банка и доставувачи, се предвидува со Предлог-законот за вложување во консолидација и развој на МА.

– Без разлика дали врне или паѓа снег, Атина ќе биде осветлена, порача, на шега, атинскиот градоначалник, Костас Бакојанис за време на манифестацијата за осветлување на новогодишната елка во центарот на градот и покрај силниот дожд, јави дописничката на МИА од Атина.

Руските ракетни единици со стратегиска намена (РВСН) во 2020 година ќе имаат повеќе од 200 воени вежби, со што вкупната бројка на активности нема да се промени со споредба со 2019 година, изјави заменик командантот на РВСН генерал-полковник Сергеј Сивер во интервју за весникот „Краснаја звезда“ , пренесе Тасс.
– Во оваа година стратегиските ракетни единици спроведоа повеќе од 200 вежби на различно ниво. Сметам дека оваа бројка е оптимална и дозволува подобрување на показателите за маневарската обука на личниот состав. Од овие причини во 2020 година бројот на вежби ќе остане непроменет, изјави воениот командант.
– Вулканот на Нов Зеланд денеска повторно исфрли пареа и кал при зголемена активност, што доведе до ново одложување на потрагата по телата на жртвите од смртоносната ерупција пред два дена.
– Демонстрантите во североисточна Индија и денеска запалија гуми и блокираа патишта и железнички пруги, спротивставувајќи се на давањето државјанство на прогонетите Хиндуси и други верски малцинства од Пакистан, Бангладеш и Авганистан каде мнозинството население е муслиманско.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close