МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

4 август 2021

4 август 2021

 Владата на Република Северна Македонија денеска преку видео конференциска интернет врска ќе ја одржи редовната 94-та седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.

– Државата денеска ја емитуваше дваесеттата емисија обврзници за денационализација во вкупен износ од осум милиони евра. Со неа ќе се обесштетат граѓаните кои имаат правосилни решенија за денационализација од 1 јануари до 31 декември 2020 година, каде што е утврдено надомест да се врши преку обврзници.

–  Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ во име на Општината потпиша договор со Министерството за животна средина и просторно планирање за доделување  средства остварени по основ на надомест за производство на енергија од фосилни горива како наменски дотации.

– Директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) на денешната прес-конференција во врска со шестмесечниот извештај за работата на Инспекторатот информира дека е зголемен обемот на надзори во 2021 година во споредба со 2020 година.

 Министерството за труд и социјална политика ги повикува работодавачите, негувателите и воспитувачите во градинките, вработените во Центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат.

 Заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа утре без електрична енергија ќе останат дел од корисниците од општините Студеничани и Карпош, соопштуваат од РЦУК – Скопје.

Во периодот од 9:00 до 12:00 часот без напојување со електична енергија ќе останат корисниците од селата Вртекица, Рамни Габер, Пагаруша, Долно и Горно Количани, општина Студеничани.

– На подрачјето на општина Старо Нагоричане останува активен пожарот кај Дренак, на тешко пристапен терен информираше денеска командирот на противпожарната единица, Далибор Трајковски. Таму како што информираат од РЦУК Куманово дејствуваат и пожарникарите, вработени од шумско стопанство кои сè уште се на терен. Надлежните очекуваат пожарот во планинскиот дел да се гаси со поддршка на хеликоптери.

– Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за доделување ученички и студентски стипендии за учебната/студиската 2021-2022 година и соопшти дека годинава се зголемени износите и се воведени нови категории стипендии.

– Железничкиот сообраќај од вчера е во прекин поради бојкот на машиновозачите. Тие денеска очекуваат да се сретнат со менаџментот на претпријатието со цел да се најде решение за нивните барања.

– Дополнителни 438 невработени лица ќе бидат опфатени со меркaтa за субвенционирање на плати преку Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот. Владата на Република Северна Македонија, на последната седница, преку пренамена на средства во Оперативниот план во износ од 100.000.000 денари обезбеди поголем опфат на невработени лица.

– На 11 локации во Скопје ќе започнат градежни активности. Како што информираат од Град Скопје, периодов започнува летна градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските улици и булевари.

-Амбасадор на Србија во Русија, Мирослав Лазански, почина ненадејно на 71-годишна возраст, соопшти Министерството за надворешни работи на Србија.

– Две лица загинаа, седум се во критична состојба, а 31 се повредени во судир на два патнички воза во близина на чешкиот град Гомазлица, на запад од земјата, соопшти денеска чешката агенција ЦТК.

– Неидентификуван маж се заканува дека ќе активира бомба што тајно ја внел во зградата на украинската влада, објавија руските агенции, повикувајќи се на ТВ каналот „Украина-24“.

– Џони Деп доби можност за пресврт во бракоразводната парница, против поранешната сопруга Амбер Хард. Приказната трае од 2016 година, кога Хард поднесе барање за развод и го обвини Деп за насилство.

– Најмалку осум лица загинаа во нападот врз домот на в.д.  министерот за одбрана во Кабул, соопшти денеска авганистанското Министерство за внатрешни работи, пренесе ДПА.

– Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен ги повика Соединетите Американски Држави брзо да ја укинат забраната за доаѓање од Европа поради коронавирусот.

– Талибанците презедоа одговорност за синоќешниот напад на резиденцијата на актуелниот авганистански министер за одбрана во Кабул, во кој осум лица загинаа, а над 20 се повредени.

 – Фудбалерот од средниот ред Гранит Џака се договори за продолжување на соработката со Арсенал, објави новинарот Фабрицио Романо на Твитер.

 Центарот на Шпанија, Пау Гасол стана еден од четворицата нови членови на Комисијата за спортисти на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), се вели на официјалната веб-страница на Игрите.

 Руската женска ракометна репрезентација ќе игра со Норвешка во полуфиналето на Олимписките игри во Токио.

 

Back to top button
Close
Close