МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

3 август 2021

3 август 2021 

– Претседателот на државата Стево Пендаровски честитајќи им на припадниците на Армијата, на противпожарните единици од Кочани и сите институции кои синоќа во Кочани се справуваа со огнената стихија, денеска на својот фејсбук профил напиша дека Армијата останува подготвена да интервенира каде било на територија на државата.

 – Поголем дел од пожарот на Кокино е ставен под контрола, но има ново жариште во месноста Кокински дол, изјави денеска градоначалничката на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска. Покрај противпожарната единица од Старо Нагоричане и пожарникари од повеќе градови, на терен се и екипи од Армијата, од МВР, од ДЗСИ, шумско стопанство и доброволци.

 – Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ги посети припадниците на Армијата, кои на Кокино беа ангажирани во справувањето со пожарот и упати благодарност до нив, до сите припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, како и доброволците, луѓето од општина Куманово.

 Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 3.658 тестирања, а регистрирани се 37 нови случаи со Ковид-19: Скопје – 15, Тетово – 8, Куманово – 4, Гостивар – 3, Кичево – 2, Битола, Струмица, Кочани, Радовиш и Дебар – по 1. Регистрирани сe 23 оздравени пациенти од: Тетово – 10, Скопје – 4, Куманово – 3, Кичево – 2, Гостивар, Штип, Струмица и Кочани – по 1. Не се пријавени починати лица, соопшти Министерството за здравство.

 Во рамки на одбележувањето на 20-годишнината на Охридскиот  рамковен договор, во организација на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците денеска се одржа трибина „Скопје на новите албански адреси, одраз на духот на Охридскиот договор “.

– Голем пожар се шири кон турска термоцентрала (ТЕЦ), а земјоделци во паника го тераат добитокот во близина на морето, откако шумските пожари, во кои загинаа осум лица, беснеат седми ден по ред.

– Под влијание на корона-кризата, во Србија пристигнаа помалку пари од дијаспората во текот на 2020 година и почетокот на 2021 година, отколку во годините пред пандемијата. Според најновите достапни податоци за билансот на плаќања на Народната банка на Србија, вкупниот прилив врз основа на дознаките од странство (лични трансфери) во периодот јануари – мај 2021 година изнесува 1.332,1 милиони евра, што е зголемување за 26,8 проценти во споредба со истиот период во 2020 година.

– Обединетите нации денеска ги повикаа украинските власти да спроведат непристрасна и ефикасна истрага за смртта на 26-годишниот белоруски активист Виталиј Шишов, кој беше пронајден обесен во парк во Киев.

– Бордот на гувернери на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја одобри досега најголемата распределба на Специјални права на влечење (СДВ) од своите резерви, во износ од 650 милијарди долари, а таа одлука стапува во сила на 23 август.

 – Фудбалерите на Тетекс од денес се во Охрид каде ќе поминат седум дена во подготвување за следната сезона. Од 12 јули до вчера фудбалерите беа на подготовки во Тетово.

– Времето до четврток ќе биде стабилно и многу топло, а ќе се активира и портокаловото ниво на опасност од високи температури, соопшти УХМР.

Back to top button
Close
Close