МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

3 август 2021

3 август 2021

 – Во рамки на одбележувањето на националниот празник на македонскиот народ и патрониот празник на Општина Илинден „Илинден 2 Август” се одржаа повеќе настани и активности. Во општината се одржаа спортските натпревари во фудбал и тенис, под покровителство на градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, а љубителите на спортот имаа можност да гледаат квалитетни натпревари, соопштија денеска од Општина Илинден.

– Поради зголемениот ризик од пожари од високите температури и портокаловата фаза со која е зафатен регионов, како и големиот број локални пожари што се активни на терен, на барање на градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, Владата од денеска воведе целосна забрана за движење на Водно и на Скопска Црна Гора.

– Се уште се активни пожарите во кумановско, во струмичкиот, битолскиот, штипскиот и скопскиот регион, објавија утринава од Центарот за управување со кризи. Во гаснење на пожарите активно интервенираат пожарникарите, а во одредени делови во гаснење на пожарот вклучени се и припадниците на АРСМ.

 Пожарите кои ја зафатија земјата донесоа тешка илинденска ноќ, но благодарение на професионалноста и солидарноста на пожарникарите и граѓаните и натаму немаме повредени или загрозени лица. Материјалната штета е нешто што со заеднички сили ќе го надоместиме, сега најголемата грижа на сите мора да ни биде безбедноста, напиша на својот фејсбук профил премиерот Зоран Заев.

 Штотуку разговарав со словенечкиот министер за одбрана Матеј Тонин – Словенија ги става на располагање сите свои капацитети за гасење на пожарите кај нас, објави на нејзиниот ФБ профил министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, популарно наречен Закон за стечајци стапи во сила. Стечајците кои ги исполнуваат условите треба во рок од 30 дена да се пријават во подрачните единици на Агенцијата за вработување.

 – Министерката за одбрана Радмила Шекеринска утрово разговарала со својот словенечки колега, Матеј Тонин, при што го информирала за состојбата со пожарите и побарала помош.

– Претстојниот викенд, од 5 до 8 август, ќе се одржи второто издание на Галичник Филм Фестивал. Фестивалот е со поддршка од Агенцијата за филм и Делегацијата на Европската Унија Скопје, а амфитеатарот Упија во Галичник на 1.500 метри надморска височина ќе биде домаќин на филмските проекции под отворено небо. Доцните часови се резервирани за концерти со филмска музика.

– Издавачката куќа „Прометеј“ од Нови Сад ја објави на српски јазик  книгата „Светилка за Ханука“ на Томислав Османли, преведена од македонски од Зоран Ж. Пауновиќ. По прозната книга „Збир-ка-прича“, ова е втора книга на македонскиот автор што ја објавува „Прометеј“. 

– Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на случаи на коронавирус во европскиот регион надмина 60 милиони од почетокот на пандемијата. Воедно, СЗО потсети дека „патувањата во странство не се без ризик“.

 Белорускиот активист Виталиј Шишов денеска, рано утринава, е пронајден мртов во парк во близина на неговата куќа во Киев, еден ден откако беше пријавено неговото исчезнување, соопшти украинската полиција.

– Вашингтонскиот полицаец Гинтер Хашида во четвртокот бил пронајден мртов во својот дом, каде извршил самоубиство, со што бројот на самоубиства на полицајци кои го обезбедуваа Конгресот при упадот на разулавената толпа на 6 јануари годинава се зголеми на четири.

 – Суд во Бразил ќе спроведе истрага против десничарскиот бразилски претседател Жаир Болсонаро заради неговата критика на процесот на електронско гласање, што во земјата се спроведува од 1996 година.

– Лекарите во нигериските државни болници започнаа штрајк поради одложената исплата на платите и надоместоците, објави синдикатот на лекарите.

– Северна Кореја бара укинување на меѓународните санкции со кои се забранува извоз на метали и увоз на нафтени деривати и други суровини во оваа земја, со цел да се покренат преговорите за денуклеаризација со САД.

– Јапонија ќе се фокусира на хоспитализирање само на најтешко заразените пациенти и оние кои се изложени на ризик да им се влоши состојбата, со цел да се избегне оптоварување на болничкиот систем, бидејќи се зголемува бројот на заразени во градот домаќин на Олимписките игри.

 – Одбојкарите на Бразил и на Русија ќе играат во полуфиналето на Олимписките игри во Токио.

 Франција и Шпанија се пласираа помеѓу четирите најдобри репрезентации на ракометниот турнир на Игрите во Токио.

 – Центарот Пау Гасол објави дека се повлекува од репрезентацијата на Шпанија, откако денес беше поразен од САД (81:95) во четвртфиналето на Олимпијадата во Токио.

 Ситуацијата околу напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн останува неизвесна. Според „Телеграф“, лондонци не знаат кога Англичанецот ќе се врати на локацијата на клубот. Се очекува Кејн да биде казнет затоа што не се појави на тренинзите. Ако Хари продолжи да бојкотира, казната ќе се зголемува, пишуваат британските медиуми.

– Високите температури кои деновиве надминуваат 40 степени, предизвикаа поизразено губење на почвената влага. Агрометеоролозите препорачуваат наводнување, особено на пролетните окопни и индустриски култури. Поради активираното портокалово ниво на опасност, пак, апелираат да се почитуваат препораките за работа на отворено и сите активности кои се итни да се извршуваат рано наутро или приквечер.

-Високите температури во текот на изминатите денови придонесоа да имаме поизразено губење на почвената влага, која се движи 6 до 7 милиметри на ден. Иако имаше појава на локални врнежи на одредени места, тоа не ги задоволи во доволен обем потребите на земјоделските култури. Топлото време кое неделава ќе надмине 40 степени, негативно ќе влијае и на повеќегодишните растенија кај кои резервите на вода и во подлабоките слоеви постојано се намалуваат. Затоа, се препорачува наводнување на културите, особено на пролетните окопни и индустриски култури, велат од УХМР.

Back to top button
Close
Close