МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

28 јули 2021

28 јули 2021 

 Министерот за надворешни работи Бујар Османи утре ќе престојува во официјална посета на Анкара, каде што ќе има средби со повеќе високи претставници на Република Турција, меѓу кои и со неговиот домаќин, шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу. Османи исто така ќе се сретне и со претставници на Сојузот на стопански комори и стоковни берзи на Турција.

– За трансродовата заедница во земјава е приоритетно да се донесат измените на Законот за матична евиденција, кои се во процедура во Собрание, но се уште не е отворена комисиска расправа. Со нив ќе се регулира правното признавање на родот и ќе се усогласат нивните лични документи.

– На сите граѓани што аплицирале и што ги исполнуваат условите за добивање ваучер за домашен туризам ќе им бидат врачени во текот на наредната недела и нема да важи условот „прв дојден, прв услужен“ што се применуваше досега, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

 Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 500.995 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 4.098 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.810 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 862.426 дози вакцини, а ревакцинирани се 361.431 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

– ОБСЕ и ЕУ денеска го одбележаа почетокот на заедничкиот проект за мониторинг на судски процеси во областа на организираниот криминал и корупција, чија цел е подобрување на спроведување на правдата и намалување на корупцијата и организираниот криминал, што е неопходно за исполнување на критериумите за пристапување во ЕУ.

 Апелацискиот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет во јавноста познат како „Титаник 3“, ги уважи жалбите на обвинетите Исмет Гури и Ејуп Алими, и ја укина првостепената пресуда.

– Истражувањето на Генералниот секретаријат на Владата на Црна Гора за ставовите на граѓаните за европската интеграција и процесот на пристапување покажа дека 73,8 проценти од Црногорците силно или до одреден степен го поддржуваат членството во ЕУ.

– Европската комисија денеска соопшти дека склучила договор за набавка на лек против Ковид, произведен од Глаксо Смит Клин (ГСК).

– Високи американски и руски претставници започнаа денеска разговори за стратешка нуклеарна стабилност, со нов мандат на нивните претседатели, кои одржаа самит минатиот месец во Женева.

 Дарко Костовски, тренерот на Дејан Георгиевски кој вчера освои сребрен медал на Олимпијадата во Токио, преку социјалните мрежи информира дека тој и неговиот брат Борче како тренери се откажуваат од наградата 600.000 денари доделена од Владата со одлука на вчерашната седница.

Back to top button
Close
Close