МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

27 јули 2021

27 јули 2021

– Во Собранието денеска седници ќе одржат Комисијата за европски прашања, Комисијата за транспорт, врски и екологија и Законодавно-правната комисија.

– Собранието денеска, во рамки на 47 седница, треба да ја продолжи општата расправа за дополнетиот ребаланс на Буџетот во кој се вметнати и осумте амандмани усвоени на Комисијата за финансирање и буџет. Општата расправа почна во четвртокот, а може да трае пет дена.

– Северна Македонија ќе го отвори Уставот непосредно пред стапувањето во ЕУ и тогаш ќе се вградат во него и помалите етнички заедници кои живеат во земјава а не се наведени во највисокиот правен акт во државата. За Софија, пак, сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавниот простор и постои систематско кршење на правата на граѓаните на Северна Македонија од бугарско потекло и нивна дискриминација.

– Собранието на Република Северна Македонија како претставнички дом на граѓаните чија што улога е, и да биде дел од ваквите традиции е горд покровител на фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“, истакна потпретседателот на Парламентот Горан Мисовски синоќа во Битола.

– Министерството за труд и социјална политика известува дека денеска започна етапната исплата на јулските пензии.  Ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19.

– Во скопското село Стајковци, општина Гази Баба, денеска ќе биде отворена новата градинка „Пеперутка”.

– Во Музејот на македонската борба напладне ќе се одржи промоција на книгата „Приказни од Пајко Маало“ на Марина Мијаковска.

– Романскиот вицепремиер Дан Барна нагласи дека ќе му понуди на премиерот Флорин Кацу партнерство меѓу владата и Романската православна црква за кампањата за вакцинација против Ковид-19.

– Црна Гора ќе добие Национален сертификат за дигитален Ковид  што би бил во употреба од петок, 30 јули, кога се очекува црногорската влада да објави коригирани мерки во борбата против коронавирусот, соопшти Министерството за здравство во Подгорица.

– Грчката електронска платформа за резервирање термин за вакцинација против Ковид-19 од петок ќе биде отворена за деца на возраст помеѓу 12 и 15 години, најави генералниот секретар на грчкото Министерство за здравство, одговорен за примарна здравствена заштита, Мариос Темистоклеус.

– Американскиот Центар за контрола и превенција на болести и Стејт департментот предупредија дека не треба да се патува во Шпанија, Португалија, Кипар и Киргистан заради зголемениот број на коронавирус инфекции во тие земји.

 Американскиот претседател Џо Бајден синоќа пред посетата на Белата куќа на ирачкиот премиер Мустафа ал-Казими, објави дека ќе има нова фаза во американското воено присуство во Ирак и најави дека воената борбена мисија на САД во таа држава ќе заврши до крајот на годината.

– Амбасадата на Куба во Париз беше нападната со молотови коктели, соопшти синоќа министерот за надворешни работи на таа земја Бруно Родригез. Во објавата на Твитер, тој не понуди повеќе детали за инцидентот, но го обвини Вашингтон за ширење на насилството.

– Северна и Јужна Кореја се согласија да ги обноват каналите за комуникација, што беа прекинати, се наведува во соопштението на јужнокорејското претседателство.

 Моќниот тајфун Непартак, кој се формира во Тихиот Океан, продолжува да се движи кон Јапонија и во среда наутро по локално време ќе го погоди североисточниот дел на главниот остров Хоншу, јавија западни медиуми, повикувајќи се на Националната метеоролошка управа на Јапонија.

– Американските граници засега остануваат затворени за меѓународните патници, без оглед дали се вакцинирани или тестирани за коронавирус, соопшти Белата куќа.

– Производителот на електрични автомобили Тесла заработи повеќе од една милијарда долари првпат во еден квартал.

–  Организацијата на Обединетите нации одлучи да им дозволи на светските лидери да присуствуваат на годишниот состанок на Генералното собрание во септември, а оние кои нема да можат да го сторат тоа ќе можат да снимаат говори и да ги испраќаат и оваа година.

– Потпретседателката на САД, Камала Харис следниот месец најверојатно ќе ги посети Виетнам и Сингапур.

 Македонскиот таеквондистот Дејан Георгиевски се пласира во полуфиналето на Олимпискиот турнир во Токио.Македонецот утрово во категоријата +80 го победи Сејду Гбане од Брегот на Слоновата коска со 9:4.

– Македонскиот таеквондистот Дејан Георгиевски се пласира во четвртфиналето, категорија +80 килограми на Олимпискиот турнир во Токио, откако утринава го победи актуелниот светски шампион Рафаел Алба од Куба.

– Тениските натпревари на Олимписките игри во Токио прекинати поради дожд. Овој прекин ќе донесе промена на пrвичниот распоред на тенискиот турнир вклучително и следните денови.

 – Втората фаворитка за златниот медал на Олимпискиот тениски турнир во Токио, Наоми Осака е елиминирана уште во осминафиналната рунда. Јапонката утрово загуби од чешката тенисерка Маркета Вондрушова со 1:6 и 4:6. Ова е четврта победа во кариерата за Вондрушова над ривалка од Топ 10.

– Времето денеска во државава ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност и со слаб ветер од променлив правец. Како што информира Управата за хидрометеоролошки работи, минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 33 до 39 степени. УВ-индексот ќе изнесува  9.

 

 

 

 

Back to top button
Close
Close