МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

26 јули 2021

26 јули 2021 

– Претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска денеска остварија средба со членовите на здружението за рехабилитација и инклузија на лица со Даунов синдром „Дневен центар Доза среќа“.

 Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 2.473 тестирања, а регистрирани се 10 нови случаи со Ковид-19, од кои седум во Скопје и по еден во Прилеп, Тетово и Струга. Пријавени се две починати лица од: Гостивар (67г) и Тетово (62г) починати во болнички услови. Регистрирани сe 16 оздравени пациенти од кои десет од Тетово, Скопје и Гостивар  по двајца и од Прилеп и Штип  по еден, соопшти Министерството за здравство.

– Изречените казни за обвинетите во случајот „Организатори на 27 април” според обвинителката Гордана Смаќоска, се многу ниски. Во изјава за медиуми таа посочи дека е изненадена од ниските казни бидејќи во претходната пресуда за самите извршители на насилствата во Собранието беа изречени многу високи казни.

– Делегација на Владата предводена од премиерот Зоран Заев, заедно со  првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска положи цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот, што го погоди Скопје во 1963 година.

– Играниот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија, во продукција на „Фокус покус филмс“, е награден во програмата „Works in
Progress (Филмови во изработка)“ на годинашниот Интернационален филмски фестивал во Пула.

– На луѓето во Данска кои примиле две различни вакцини против Ковид-19 ќе им биде понудена трета доза на вакцина, за да им се признае статус на целосно имунизирано лице надвор од Шенген зоната, каде што важат различни регулативи.

– Руското државно биро, задолжено за набудување на Интернетот,  „Роскомнадзор“ го блокираше сајтот navalny.com, на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални кој од јануари се наоѓа во затвор, како и 48 други сајтови на лица и организации поврзани со него, соопшти денеска тимот на Навални.

– Министрите за финансии на земјите членки на ЕУ денеска ги потврдија позитивните проценки и започнаа писмена постапка за одобрување на плановите за закрепнување и издржливост на четири земји-членки.

 – Научници од цел свет на виртуелен состанок следните две недели ќе се обидат да го комплетираат најновиот извештај за состојбата на климата, а екстремните временски услови со кои се соочува светот дополнително ја истакнуваат потребата од подетално истражување за тоа како ќе се развива ситуацијата, особено локално.

По пауза од две и пол децении, рускиот национален тим го освои златниот медал на Олимпијадата во спортска гимнастика екипно. Русите во крајно драматична и неизвесна борба, по вежбите во шест дисциплини, беа поуспешни од Јапонците.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close