МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

23 јули 2021

23 јули 2021

– Министерството за финансии информира дека Република Северна Македонија денеска во целост ја исплатила Еврообврзницата издадена во 2014 година и со тоа се раздолжила за 500 милиони евра, што придонесе долгот, (државниот и јавниот) само по овој основ да се намали за 4,358 п.п.. Од Министерството за финансии велат дека ја докажуваат својата цврста заложба за стабилизирање на долгот и негово позиционирање во рамки на Мастришкиот критериум, односно ниво под 60 отсто.

– Дваесет сертифицирани негуватели и негователки ќе им помагаат на 60 корисници во Општина Струга во рамките на проектот „Нега на стари лица во домашни услови во општина Струга”, што го спроведува Црвен крст Струга со финансиска поддршка на Министерство за труд и социјална политика и Светска Банка.

 Собранието на Република Северна Македонија денеска во рамки на 47-та седница ја продолжи расправата за дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2021 година.

– Огласи за вработување вкупно 500 образовни асистенти за учебната 2021/2022 година, за кои од буџетот на МОН се обезбедени 59 милиони денари, објавија пет ресурсни центри кои ќе ги опслужуваат сите основни училишта низ државата во кои има ученици со атипичен развој. Асистентите ќе им бидат поддршка на наставниците и нивната улога ќе биде да ја усогласат и приспособат наставната програма за да ја совладаат и учениците со попречености.

– Членството во НАТО ни го понуди ова како нова шанса – да ја збогатуваме одбранбената, но да ја збогатуваме и политичката соработка со земјите кои што се важни во Алијансата, но и земји кои што се важни во Европската Унија и таа шанса и овој пат ја користиме – да покажеме дека Северна Македонија е држава која стои на договореното, дека е држава на која што може да се смета и дека е држава која што вложува во својата одбрана, но вложува исто така и во вредностите на Алијансата, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Лисабон.

– Центарот и советодавните тела на УНЕСКО им дадоа на Северна Македонија и на Албанија дополнителни две години да постапуваат по препораките содржани во Реактивните мисии на Комитетот за Светско наследство на ОН, за да избегнат поместување на Охридскиот регион на листата Светски културни и природни богатства во опасност.

– Експертскиот комитет за имунизација на Србија даде препорака за третата доза на вакцина против коронавирус, потврди државниот секретар во Министерството за здравство, Мирсад Ѓерлек, јави дописникот на МИА од Белград.

– Потребата сите граѓани да се вакцинираат, како единствено решение за справување со пандемијата, ја истакнаа грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и грчкиот премиер Кријакос Мицотакис за време на нивната денешна средба, јави дописничката на МИА од Атина.

– За претседателот на научниот совет Жан-Франсоа Делфреси, која ја советува француската Влада во борбата против Ковид-19, „враќање во нормала“ е можно само во 2022 година, па дури и во 2023 година. Тој ги потенцира „вонредните капацитети на мутација“ на коронавирусот и предвидува можна нова варијанта во текот на зимата, јави дописникот на МИА.

– Најбогатите земји-членки на Г-20 првпат во историјата ја препознаа врската помеѓу климатските промени, животната средина, енергијата и сиромаштијата, изјави италијанскиот министер за еколошка транзиција, Роберто Чинголани.

 Предводени од знаменосецот Дејан Георгиевски и веднаш до него Арбреша Реџепи, на „Националниот стадион“ во Токио, попладнево зачекорија македонските натпреварувачи кои ќе ја претставуваат нашата земја на Олимписките игри 2020.

Back to top button
Close
Close