МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

23 јули 2021

23 јули 2021 

– Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа вели дека во финалната верзија на законот за продажба на државно земјоделско земјиште ќе бидат вклучени сите аргументирани забелешки на засегнатите страни, како и дека постапката за негова изработка ќе биде транспарентна и инклузивна. Од вчера одржаната јавна дебата за ова прашање, вели, произлегол заклучок дека ваков закон треба да има и оти останува да се допрецизираат деталите.

– Дијалогот меѓу Бугарија и Северна Македонија мора да продолжи и во иднина, за остварување на единствената и заедничка цел – земјата да започне преговори со ЕУ, изјави денеска вршителот на должноста бугарски министер за надворешни работи Светлан Стоев.

– Судија на претходна постапка, а потоа и Кривичниот Совет, донесе решение со кое го одби како неосновано барањето на обвинителот за замена на мерката куќен притвор со мерка ефективен притвор на осомничениот Д.Р.  во врска со  предметот за „Нелегална набавка на софтвер“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

– Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на 28 и 29 јули ќе престојува во Скопје, каде ќе се сретне со премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, во рамките на иницијатива за соработка позната како „Мини Шенген“, соопшти денеска Службата за соработка со медиумите на шефот на српската држава.

– Владата преку Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) е цврсто решена во своите заложби да ги користи предностите на ИКТС индустријата и да создаде напредно информатичко општество. Со тоа, ќе ја зголеми продуктивноста, ефикасноста и иновациите во јавниот и приватниот сектор, посочи денеска министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.

– Јубилејното 55-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи на почетокот на октомври, официјално одлучи Собранието на Фестивалот на последната седница. Ова јубилејно издание требаше да се одржи лани, во редовниот термин во почетокот на јуни, но пандемијата го одложи за годинава.

– Негирањето на геноцидот и глорифицирањето на воените злосторници се неприфатливи и ја поткопуваат заемната доверба неопходна за напредокот на БиХ на патот кон ЕУ, соопшти денеска американската амбасада во БиХ.

– Четири двогрби камили пристигнаа во зоолошката градина во Софија од зоолошката градина „Веспрем“ во Унгарија, донесени со специјален превоз лично од тамошниот директор Ласло Тиорок, соопшти општина Софија.

 Повикот да не се вакцинираш е повик да умреш, изјави италијанскиот премиер Марио Драги одговарајќи на повторените повици до граѓаните на лидерот на десничарската партија „Лига“ Матео Салвини да не се вакцинираат.

– Германија и Франција сакаат да обезбедат дополнителни пари за европскиот систем за лансирање Ариан 6, соопштија германскиот министер за економија Питер Алтмаер и неговиот француски колега Бруно Ле Мер.

– Најбогатите земји-членки на Г-20 првпат во историјата ја препознаа врската помеѓу климатските промени, животната средина, енергијата и сиромаштијата, изјави италијанскиот министер за еколошка транзиција, Роберто Чинголани.

Македонскиот ракометен прволигаш Голден Арт потпиша договор со Марио Миланов, Есад Дрпљанин и Даниел Ацев. Тројцата млади играчи кои во минатата сезона играа во прволигашот Шампион, од оваа сезона се дел од нашиот колектив. 20-годишните Марио, Есад и Даниел кои играат на позиција среден бек, лево крило и голман ќе имаат можност во нашата средина да работат на високо ниво, добивајќи шанса да го покажат својот талент и истиот да го надградат под плаката на стручниот штаб на чело со тренерот Никола Матлиески. Им посакуваме добредојде, многу успех и среќа во реализација на заедничките цели во следниот период, објави Голден Арт.

Back to top button
Close
Close