МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

22 јули 2021

22 јули 2021

– Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за евроинтеграцискиот пат на земјата и националните црвени линии е на дневниот ред на 47. седница на Собранието, која треба да се одржи денеска. На дневниот ред од денешната седница се повеќе предлог закони, како и барања за давање на автентично толкување на членови од повеќе закони.

 – На покана на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, вицепремиерот  задолжен за европски прашања Никола Димитров ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за европски прашања во својство на членови на Советот за општи работи (GAC), што денеска и утре се одржува во Љубљана и Брдо кај Крањ.

– Не станува збор просто само членството во ЕУ, за нас клучна цел европеизацијата на нашата земја. Покажавме вистинска посветеност на овој процес и покрај тоа што од 2005 година сме земја кандидат и 16,5 години чекаме да се случи следниот чекор. На јасно сме дека до членството ќе поминат можеби уште пет, седум или 10 и повеќе години, но ЕУ е неопходно да ги исполни своите ветувања, да ни овозможи да го направиме следниот чекор, истакна премиерот Зоран Заев во емисијата „Конфликт зоун“ на „Дојче веле“ на англиски јазик, наведувајќи притоа дека за жал ЕУ не го испорача ветувањето пред граѓаните на Република Северна Македонија и оти сега разочарувањето е навистина големо.

 – Премиерот Зоран Заев денеска ќе присуствува на промоцијата на Комплексот Планет, што се наоѓа меѓу селата Љубин и Арнакија во Општина Сарај.

– Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја започна дводневната официјална посета на Португалската Република. Посетата се реализира на покана на министерот за одбрана, Жао Гомеш Кравињу и е прва официјална посета на наш министер за одбрана.

 Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска ќе присуствува на почетокот на воведувањето на услугата домашна нега и помош на стари лица од подрачјето на општините Бутел и Чучер Сандево, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

– Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска ќе изврши увид на изградба на експресниот пат Градско – Прилеп, делница Градско – Дреново.

 – Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, денеска ќе учествува на јавна расправа посветена на Нацрт – законот за продажба на земјоделско земјиште во државна соспственост“.

– Продолжува трендот на намален број на новозаболени лица од коронавирусот во државата. Според вчерашните податоци објавени од Министерството за здравство, регистрирани се 15 нови случаи, а нема починати лица.

– Откако премиерот Зоран Заев изјави дека ќе бара согласност од партиите локалните избори во државата локалните избори да се одржат на 31 октомври, со цел да се избегне нивно поклопување со пописот, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека премиерот на своја рака, без консултација со останатите партии, бара поместување на датумот на локалните избори од средината на октомври и побараа изборите да се одржат на 17 октомври. Од друга страна, ДУИ информираа дека за нив е прифатлив кој било датум за одржување на изборите.

– Петнаесеттото издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“ ќе се одржи од денеска до 24 јули во Битола.

– Високиот судски совет на Бугарија денеска ќе го разгледа предлогот на министерот за правда, Јанаки Стоилов, за предвремено ослободување од функцијата на главниот обвинител Иван Гешев, јавија бугарските медиуми.

– Верификацијата на сертификатот за вакцинација или потврдата за прележан Ковид-19, што се неопходни за влез во т.н. „Covid free“ простори во Грција, за државјаните на трети земји нема да се врши преку специјалната апликација на грчката Влада, туку едноставно ќе се проверува на влезот на затворените простори, како што се кината, театрите, кафулињата, рестораните, но и сите ноќни клубови, јави дописничката на МИА од Атина.

– Норвешка денеска ја одбележува 10-годишнината од масакрите во Осло и на островот Утоја, кога антимигрантскиот екстремист Андерс Беринг Брејвик уби 77 лица.

– Белоруското Министерство за правда вчера побара од судот да ја забрани работата на водечкото здружение на новинари, со што продолжува пресметката на власта со независните медиуми и активисти на граѓанското општество.

– Претседателот на Украина, Володимир Зеленски го потпиша Законот за автохтоните народи на Украина, соопшти Кабинетот на украинскиот претседател.

– Украина започна официјални консултации со Европската унија и Германија за „Северен поток 2“, изјави министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, нагласувајќи го уште повеќе спротивставувањето на Киев на гасоводот, за кој тврди дека претставува закана за европската безбедност.

– Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, синоќа го поздрави договорот меѓу Германија и САД за гасоводот „Северен тек 2“, на кој Вашингтон веќе долго време се спротивставуваше.

– Стотици луѓе синоќа протестираа во Париз против воведувањето ковид сертификати  за одредени активности и против задолжителните вакцини за здравствените работници.

– Десетици илјади луѓе до денеска се евакуирани од поплавените подрачја во централниот дел на Кина, а властите јавуваат дека на 33 е зголемен бројот на загинати лица, во поплавите што во провинцијата Хенан траат речиси една недела.

– Планот на Светската здравствена организација (СЗО) за втората фаза од истрагата за потеклото на коронавирусот содржи јазик што не ја почитува науката и Кина нема да го следи, изјави на прес-конференција Зенг Јинсин, заменик-шеф на Државниот комитет за хигиена и здравје на кинеската република, пренесува Тасс.

 – Земјотрес со интензитет од 6,9 степени според Рихтерова скала го погоди вчера северниот брег на Панама, во близина на границата со Костарика, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
 Гвинејскиот министер за спорт, Сануси Бантама Соу изјави дека олимпискиот тим на земјата одби да учествува на Игрите во Токио 2020 година, поради ситуацијата со коронавирусот.
 Директорот на церемонијата на отворање на Летните олимписки игри во Токио, 48-годишниот Кентаро Кобајаши, доби отказ поради зборови искажани во минатото. На Интернет се појави видео-снимка од неговиот говор во 1998 година, по што изби скандал.
 Легендарниот италијански голман, Џанлуиџи Буфон, учествуваше на вчерашниот пријателскиот натпревар на Парма против Бохум. Тој играше за Парма, прв пат по 7339 дена, пренесува „Фудбал Италија“.

 – Времето денеска во земјава ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе се движи од 27 до 34 степени. УВ-индексот ќе изнесува 8.

Back to top button
Close
Close