МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

21 јули 2021 

21 јули 2021

-За ДУИ е прифатлив кој било датум за локалните избори за кој ќе се договорат политичките партии, изјави шефот на дипломатијата и член на ДУИ Бујар Османи.

– Kога политичките партии имаат проблеми со датумите повеќе тоа ми личи дека имаат проблеми со самодовербата за исходот на изборите. Ние во овој случај немаме таков проблем.Така да, било кој датум  што ќе го одлучат политичките партии по однос на одржување на изборите за нас е прифатлив. Дали 17, дали 31 октомври, за нас се прифатливи датуми, рече Османи на новинарско прашање по тематската дискусија поврзана со парламентарната димензија на надворешната политика.

-Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 50-та седница оформи постапка за испитување на имотната состојба на поранешен министер, поради утврдување на несрезмерно зголемен имот. Исто така, беа изгласани предлози до Комисијата за прекршоци во ДКСК за прекршочни мерки за неколку поранешни и сегашни функционери, поради прекршување на обврската за доставување на анкетен лист за утврдување на имотната состојба.

Овие предмети се оформени врз основа на годишен план за проверка на имотната состојба од 2019 и 2020 година.

– Апелационен суд Скопје како неосновани ги одби жалбите на обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева за случајот „Рекет“ и ја потврди првостепената пресуда.

-Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ -91/20 познат во јавноста под името „Рекет“, донесе одлука со која жалбите на обвинетиот Бојан Јовановски од Скопје и обвинетата Катица Јанева од Скопје, ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди. Вака донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите, информираат од Апелационен суд Скопје.

– Основното јавно обвинителство Прилеп до надлежниот суд поднесе Обвинителен акт против едно лице на возраст од 46 години кое го товари за сторени кривични дела – Обљуба со злоупотреба на положбата, за кое за две оштетени се гони за продолжено кривично дело по  член 189 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик и за две оштетени по член  189 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

– Обвинетитот како тренер по џудо, од февруари до декември 2020 година,  во Прилеп и на други места, заради задоволување на полови страсти, со злоупотреба на својата положба ивршил полови дејствија врз деца кои наполниле 14 години – четири ученички кои му биле доверени заради тренирање и воспитување, се вели во соопштението од ОЈО.

– Министерството за здравство соопшти дека на Универзитетската Клиника за хематологија, во соработка со Универзитетската Клиника за детски болести денеска се реализира и афереза на периферни матични клетки кај деветгодишно дете, ХЛА ДНК идентичен донор на матични клетки за сестра која боледува од акутна леукемија и на која и е потребен третман со трансплантација на матични клетки.

Со оваа соработка, како што се посочува, се отвора можност и педијатриски пациенти и донори да бидат лекувани со овие најсофистицирани медицински интервенции.

-Општина Гази Баба од периодот на преземање на надлежноста од 2012, па до 2020 година, средствата по основ на отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште сопственост на држвата ги уплаќа на несоодветна уплатна сметка, што резултирало со помалку приходи во државниот Буџетот во износ од 58,5 милиони денари, за сметка на поголеми приходи во буџетите на Општина Гази Баба и на Град Скопје. Истото се однесува и за наплатената договорна казна за непочитување на Законот за градежно земјиште од која причина во Буџетот на државата се уплатени помалку средства во износ од 1,2 милиони денари, соопшти денеска Државниот завод за ревизија.

ДЗР изврши ревизија на финансиските извештаи со ревизија на усогласеност за 2019 година на Општина Гази Баба, при што ревизорите констатирале слабости при примената на Законот за постапување со бесправно изградените објекти кои имаат влијание на остварените приходи по овој основ во Буџетот на Општината. Општина Гази Баба, наведува ДЗР, не изготвува годишни извештаи за користење на средствата од надоместот за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти и не ги доставува до Министерството за транспорт и врски.

-Општина Пробиштип доби донација на комунално возило од мисијата на Амбасадата на Јапонија, во рамки на Проект за обезбедување на комунално возило на Општина Пробиштип во вкупна вредност од 60.890 евра.

На завршната церемонија во Пробиштип денеска присуствуваше заменик шефот на мисијата на Амбасадата на Јапонија, Такахаши Сатору, градоначалникот на Општина Пробиштип Драган Анастасов и директорот на Јавното комунално претпријатие „Никола Карев“  Драган Ристовски.

-Паричната маса во јуни годинава, бележи месечен раст од 1,1 отсто што во најголем дел се должи на зголемените депозитни пари, а во помала мера и на долгорочните депозити до две години и краткорочните депозити, при пад кај готовите пари во оптек. Годишниот раст изнесува 8,3 отсто и главно е резултат на повисоките депозитни пари, при помал позитивен придонес и на краткорочните депозити и готовите пари во оптек, а во услови на забележан пад кај долгорочните депозити до две години, информираат од Народната банка (НБ).

-Вкупните депозити на годишна основа, се повисоки за 6,8 отсто, при раст кај двата сектора, кој е поизразен кај корпоративниот сектор. На годишно ниво, вкупните кредити бележат раст од 5,1 отсто, при зголемено кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“, прецизираат од НБ.

-Посветени на Гази Баба решаваме уште еден децениски проблем на граѓаните. Започнуваме уште еден капитален проект за изградба на фекална канализација во Црешево. Проектот за изградба на фекалната мрежа го опфаќа целото населено место, а ќе биде изведуван во две фази. Првата фаза ја опфаќа десната страна на селото, каде ќе биде изградена примарна и секундарна мрежа на 6 проектирани краци, изградба на препумпна станица и изградба на колектор, изјави градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

Изградбата на фекалната канализација во Црешево, посочи, е проект финансиран од средства на општина Гази Баба, а за првата фаза се предвидени 15 милиони денари.

-ВМРО-ДПМНЕ очекува партиите да го почитуваат законскиот и уставен рок и на 17 октомври да се одржи првиот круг од локалните избори, изјави денеска пратеникот на оваа опозициска партија Антонијо Милошоски во врска со предлогот на премиерот Зоран Заев локалните избори да се одржат на 30 октомври.

– Локалните избори не се определуваат за желбата на кој било политичар, било и тој да е премиерот. Локалните избори се одржуваат во точно определен термин според Уставот и законот, а уставниот и законски термин за локални избори е 17 октомври првиот круг, посочи Милошоски.на денешната прес-конференција.

-Апелирам наставниците и сите придружни и помошни кадри да се пријават за вакцина за да се зголеми процентот на имунизирани што работат во училиштата, изјави денеска министерката за образование и наука Мила Царовска откако министерот за здравство Венко Филипче вчера најави дека ќе почне интензивна комуникација со министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика и директорите на институциите за повторно да разговараат со своите вработени и да ги упатат на вакцинација против Ковид-19.

На новинарско прашање дали за невакцинирани наставници од МОН ќе се воведат стимулации, Царовска одговори дека МОН не го води процесот на вакцинација, туку Министерството за здравство со кое, рече, е во постојана координација и дека ако се воведат стимулации за другите, тоа секако ќе важи и за наставниците.

-Социјалните стипендии за студентите се зголемуваат за 100 прпоценти односно од 3.000 на 6.050. Ученичките стипендии, пак, кои се движеа од 2.000 до 2.900, сега се усогласени на 3.500 денари. За студентите од природните науки – хемија, физика и математика, стипендиите ќе бидат18.000 денари поради тоа што се дефицитарни, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска, која одлуката на Владата за зголемување на стипендиите денеска ја соопшти на средба со ученици и студенти. Таа информираше и дека по десет години, повторно ќе се стипендираат студенти запишани на магистерски и на докторски студии на факултетите во државава.

-Комисијата за спречување и заштита и од дискриминација од јануари кога беше избран новиот состав до сега постапувала по 108 претставки, од кои 78 преземени од претходниот состав и вакум периодот во оваа Комисија не функционираше. Најголем дел од претставките во овој период се однесуваат на дискриминацијата во полето на работните односи, но, поднесувачите најчесто го грешат основот за поднесување. Новина во делувањето на Комисијата е можноста да се вклучи во судските постапки како пријател на судот и давањето стручни мислења по предлог закони. За Комисијата и натаму останува предизвик како да се дојде до лицата кои трпат дискриминација, особено оние кои тоа не го препознаваат или пак не знаат кому да се обратат.

-Подготовка на Стратегијата за развој на финансиските пазари со посебен осврт на пазарот на капитал, нови закони во областа на банкарството, осигурувањето, пазарот на капитал, платежните услуги, ревизијата, ќе бидат во фокусот на работењето на Советот за развој на пазарот на капитал со која претседава министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во Министерството за финансии денеска се одржа седница на Советот за развој на пазарот на капитал на која министерот за финансии најави дека Советот активно ќе продолжи со своите активности, а којшто поради ковид-кризата и посветеноста на изнаоѓање решенија за справување со кризата и одржување на економијата на задоволително ниво во изминатиот период не одржуваше седници.

-Работа на политичките партии е да ги договорат термините за локалните избори, а ние сме подготвени и имаме со што да излеземе пред скопјани, изјави денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, коментирајќи го предлогот локалните избори да се одржат на 31 октомври.

– Што се однесува до скопјани, јас знам дека им е сосема сеедно дали изборите ќе бидат порано или на 31 октомври, затоа што знам дека ќе изберат континуитет во дејствувањето и функционирањето на градот. Ние сме спремни. Имаме и со што да излеземе пред скопјани. Имаме што да понудиме како продолжение, како континуитет на оваа успешна скопска приказна, потенцира Шилегов на денешната прес-конференција по повод почетокот на реконструкцијата на улицата „Лука Геров“ во Општина Петров.

-Новата двегодишна стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот ќе испрати порака дека организираниот криминал е неисплатлив, така што паралелно со криминалистичката истрага за делата како што се недозволена трговија со дрога, криумчарење мигранти, тероризам и злоупотреба на службена положба и овластување, ќе се трага и по висината на приносите од нелегалните активности, што ќе резултираат со навремено определување привремени мерки и обезбедување на нелегално стекнатиот имот со цел негова подоцнежна конфискација со судска одлука.

Со Стратегијата ќе се зајакне интероперабилната соработка меѓу сите надлежни институции коишто учествуваат во процесот на финансиски истраги и конфискација на имот произлезен од кривични дела, така што ќе се зајакне нивната дигиталната поврзаност и навремена размена на податоци, како и кадровските и институционални капацитети на органите и нивна координација и меѓуресорска соработка во следење на протокот на пари и нивно прикривање и пренесување.

-Ако постои политичка волја и лидерство во Бугарија, мислам дека можеме да најдеме европско решение кое би било добро и за македонско-бугарското пријателство и за европското ветување кон регионот и за Северна Македонија, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за „Еуроњуз“ со наслов „Дали Северна Македонија ќе ги закопа идеалите на ЕУ?“.

– Но, тука има едно „ако“, затоа што ние веќе сторивме сè што можевме. И, искрено, доколку мојот мајчин јазик, македонскиот, е причина за тоа да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде. Тогаш, ЕУ и не е тоа што сме мислеле дека е – заедница на вредности, вели Димитров во интервјуто во кое зборува за предизвиците и пречките на патот на Северна Македонија кон Европската Унија.

-Платформата за родова еднаквост, која е составена од 27 невладини организации, преку отворено писмо ги повикува подносителите на листите на кандидат(к)и за Локалните избори 2021 да покажат минимум демократски капацитет и да обезбедат родов баланс на изборните листи, а политичките партии да ги одржат своите ветувања и да покажат заложба за родова еднаквост во пракса преку родово-балансирани кандидатски листи на локалните избори.

Според нив, еднаква застапеност меѓу кандидат(к)ите значи и еднакви шанси за избор и на жените и на мажите во градоначалничката трка и само со практични чекори можеме да видиме суштински промени и подобрување на родовата еднаквост во економската, социјалната, политичката и во сите други сфери на општеството.

-По назначување на нов судија – поротник во дел од предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство, за август и септември закажани се термини за одржување на главните расправи за предметите „Титаник“, „Топлик“ , „Талир“ и „Тендери“, соопштија денеска од Основниот кривичен суд Скопје.

Од Судот информираат дека за „Топлик“ рочиште е закажано на 23 август 2021, ден потоа на 24 август за „Титаник“, за „Талир“ на 3 септември,  додека за „Тендери“ на 6 септември, за што веќе се известени странките во постапката.

-Додека трае постапката за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природата, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, согласно Законот за заштита на природата, донесе Решение за негова привремена заштита.

Привремената заштита на подрачјето ќе се применува до денот на влегувањето во сила на Законот со кој ќе се прогласи Студенчишко Блато за заштитено подрачје, а кој е завршна фаза на изработка. Во меѓувреме, Студенчишко Блато е прогласено за водно живеалиште од меѓународна важност според Рамсарската Конвенција.

– Да се опстои на домашниот и меѓународните пазари 85 години е навистина успех, а тој успех не би бил можен, доколку Алкалоид не ги следи светските трендови во фармацевтската индустрија и постојано вложува во технолошки развој, во своите вработени и во создавање нови квалитетни производи, со кои го зголемува обемот на производство и приходите, порача вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

Тој беше во работната посета на компанијата Алкалоид Скопје, каде оствари средба со генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор, Живко Мукаетов,  кој му ги презентираше историјатот и развојните планови на компанијата, а заеднички извршија обиколка на дел од производствените погони.

– Претседателот Александар Вучиќ изјави денеска дека, според договорот од Вашингтон, и Белград и Приштина имаат обврска да се воздржат од кампања за повлекување или лобирање за признавање на независноста на Косово и додаде дека Србија ќе стори се за да ги заштити своите интереси, ако другата страна го крши тој договор, јави дописникот на МИА од Белград.

Прашан да ја коментира најавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ќе започне лобирање за независноста на Косово, Вучиќ одговори дека Турција е велесила, а Ердоган е голем лидер.

-Поројните дождови во изминатите 24 часа предизвикаа поплави на 36 локации во 15 романски области. Според последните информации, две лица загинале.

Службата за вонредни ситуации (ИГСУ) денеска соопшти дека противпожарски и спасувачки служби се обидуваат да евакуираат десетици туристи кои се блокирани од надојдената вода. Погодените области од невремето се Алба, Аргеш, Ботосани, Брашов, Клуж, Караш-Северин-Ковасна, Дамбовита, Хунедоара, Неамт, Олт, Прахова, Сибиу, Тулчеа и Темис, објави Аџерпрес.

-Педесет години по производството на првиот „Москвич“ во Ловеч, се очекува првиот електричен автомобил. На терени на познатата фабрика „Балкан“ за производство на руските автомобили стапува германска компанија, која планира да ја продолжи традиција, почната уште во текот на 60-те години на минатиот век. Малкумина се сеќаваат дека италијанските автомобили „Фиат“ се склопуваа во претпријатието Ловеч, а историјата на фабриката почна од Државната фабрика за авиони.

Продолжувањето на традициите во автомобилската индустрија во Ловеч се дискутираше и овој месец, кога привремениот министер за економија, Кирил Петков, потпиша меморандум со германската компанија Next.eGO за изградба на електрични автомобили во земјата. Таа ќе  се наоѓа на локацијата на фабриката „Балкан“ во Ловеч. Со тоа, градот на јоргованите се очекува повторно да стане центар на автомобилската индустрија и да продолжи со традицијата, изјави за БТА, Ганчо Ганев, раководител на одделот „Нова и понова историја“ во Регионалниот историски музеј во Ловеч.

-Ива Митева, новиот спикер на 46-то Национално собрание, по завршувањето на конститутивната седница на Народното Сообрание, изјави дека овој парламент нема да биде полесен од претходниот.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Митева претпоставува дека претседателот на Бугарија наскоро ќе почне со постапката за формирање нова влада на земјата.

-Привремениот премиер на Бугарија, Стефан Јанев, по завршувањето на конститутивната седница на новиот парламент, изјави дека се надева дека во најскоро време ќе се формира функционална влада.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Јанев најавената потреба од правосудна реформа е нешто што сите Бугари во моментов го очекуваат.

-Во девет од 12 анализирани региони во Грција, регистрирано е заголемено присуство на Ковид-19 во отпадните води, зголемување кое е најголемо во Солун – за 260 отсто, во Александруполи за 255 проценти и во областа Атика, поширокиот регион на Атина, за 219 отсто, согласно податоците од Националната организација за јавно здравје на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Анализирани биле примероци од Атика и од Солун, Лариса, Волос, Патра, Ксанти, Александруполи, Јанина и од четири градови на островот Крит, а резултатите се однесуваат на отпадните води на 100.000 жители за периодот од 12 до 18 јули, во споредба со една седмица претходно.

-Вооружените сили на Украина спроведоа вежби на границата со Крим користејќи ракетни системи „Бук“, соопшти украинското Министерство за одбрана.

– Како дел од тактичките вежби на единиците за противвоздушна одбрана, се одржаа вежби на борбените единици на противвоздушните системи“ Бук“ за одбивање на воздушен напад на симулиран непријател, се наведува во соопштението.

-Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, распишува референдум за Законот за ЛГБТК заедницата, односно за прашањата за заштита на децата.

Референдумот треба да се одржи поради борбата против притисокот на Европската унија да ги измени неодамнешните амандмани на законите за образование и заштита на децата.

-Белорускиот министер за надворешни работи, Владимир Макеј изјави дека Минск нема да ги затвори своите дипломатски претставништва во ЕУ во блиска иднина.

– Во оваа фаза не планираме да ги затвориме нашите претставништва во која било земја на ЕУ, но секако дека ќе ја следиме ситуацијата. Ние веруваме дека ЕУ може да биде нормален партнер на Белорусија, но за да се постигне тоа, потребно е да се вратиме на разумните основи на соживот кои постоеја до неодамна во нашите односи, истакна Макеј во интервју за агенција БелТА.

-Најобилните дождови во последните неколку децении предизвикаа огромни поплавувања во централната кинеска метропола Женгжу, јави ДПА.

Локалните власти денеска информираа за 25 смртни случаи, но се стравува дека бројката на пронајдени безживотни тела ќе биде многу поголема.

-Австралискиот премиер Скот Морисон денеска одби да се извини во име на Владата за начинот на кој државата го спроведува вакцинирањето на населението, за време на размената на мислења со слушателите во текот на радио интервју, додека 13 милиони Австралијци се наоѓаат под блокада поради Ковид-19.

Рестриктивни мерки се воведени во државите Нов Јужен Велс, Викторија и Јужна Австралија, пишува весникот Гардијан.

-Бројот на земји и територии, во кои циркулира многу заразниот делта сој на коронавирусот, е зголемен за уште седум од 13 јули, па сега е регистриран во 124 земји, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).

Во претходните седум дена, уште 13 земји го информираа СЗО за присуство на делта мутацијата. Експертите тврдат дека делта сојот брзо ќе се прошири и ќе ги засени другите варијанти, а потоа ќе стане доминантна мутација на Ковид-19 во следните години.
СЗО е загрижен за ширењето на сите четири видови.
-Австралиските држави Нов Јужен Велс и Викторија денеска соопштија за нагло зголемување на нови случаи на Ковид-19, и ги оставија во сила антипандемиските мерки, и покрај надежите дека ќе се укине ограничувањето на движењето, што влијае на повеќе од половина од населението.
Нов Јужен Велс, со најнаселениот град во Австралија, Сиднеј, има 110 нови случаи на инфекција, што е значително зголемување од 78 случаи претходниот ден, и тоа скоро четири недели по затворањето на градот и околината, поради зголемувањето на случаите на Делта мутацијата.
– Меѓународната вселенска станица (ИСС) ќе добие нова лабораторија која денеска ќе ја донесе руската ракета „Протон-М“ до станицата која е 400 километри над Земјата.Ракетата треба да биде лансирана од космодромот Бајконур во Казахстан.

– Претседателот на водечката опозициска партија во Танзанија, Фриман Мбове и уште десет членови на партијата се уапсени во градот Мванза, во северозападниот дел на земјата каде што планирале митинг.

– Фримен Мбове беше уапсен по пристигнувањето во хотелот, заедно со други партиски функционери, соопшти партијата „Чадема“ на Твитер.

Таг

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close