МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

15 јуни 2021

15 јуни 2021 

– Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудува грубите дисквалификации и најостро го осудува недоличниот однос на градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко кон новинарката на Алфа ТВ и новинарите присутни на прес-конференцијата во текот на вчерашниот ден на тема дивоградбите во општина Струга.

– Во позитивна и пријатна клима, во претседателската палата во Атина, новоименуваната амбасадорка на земјава во Грција, Лидија Бошковска денеска ѝ ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.

– Истевнички Кукуље е новиот туристички производ на Агенција за промоција и поддршка на туризмот која во изминатиот период во партнерство со Општина Делчево го реализираше проектот за уредување и означување на туристички локалитет “Истевнички Кукуље“ кој што претставува природна реткост.

– Ретко кој медиум во Србија од утрово ја нема пренесено веста за денешното укинување на патарината за српските граѓани кои патуваат низ Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

– Активностите во вежбата Одлучен удар 21 која се одржа во втората половина од месец мај на Криволак, не предизвикаа загадување на животната средина – покажа анализата на универзитетската лабораторија АМБИКОН, со која Министерството за одбрана воспостави редовна соработка за мониторирање на влијанието на вежбовните активности на Криволак на животната средина, информираат денеска од Министерството за одбрана.

– Центарот за управување со кризи денеска во Охридско-струшкиот регион теренски реализираше дел од подготовките за претстојната есенска НАТО вежба „Северна Македонија 2021“.

– Унапредување и зајакнување на соработката во образованието и науката, помеѓу Северна Македонија и Србија, како и дигитализацијата во образованието, беа тема на денешниот билатерален состанок во Белград на министрите за образование и наука на двете земји, Мила Царовска и Бранко Ружиќ.

-Новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина на највисоко ниво, во која за првпат се среќаваат српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, заврши во Брисел, јави дописникот на МИА од Белград.

– Пандемијата ја зголеми корупцијата во Европска Унија, чии граѓани мораа од време на време да ги користат лични врски за да добијат здравствена заштита, а некои влади ја искористија кризата во своја полза, се наведува во денеска објавеното соопштение од „Транспаренси интернешнл“ (ТИ).

– Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денеска оцени дека „темата за размена на затвореници е несоодветна пред самитот Путин-Бајден“.

– Унгарија денеска го усвои предлог-законот за забрана на „промовирање“ на хомосексуалноста кај малолетните лица, предизвикувајќи загриженост на активистите за човекови права, во услови на зголемени ограничувања наметнати од конзервативната влада на премиерот Виктор Орбан кон ЛГБТ заедницата.

– Американската Влада денеска ќе претстави „национална стратегија“ за борба против внатрешниот тероризам, еден од приоритетите на претседателот Џо Бајден по серијата расистички напади во последните години и нападите врз американскиот Конгрес во јануари.

Македонските тимови ги дознаа ривалите во новоформираното фудбалско натпреварување – Конференциската лига на УЕФА. Шкупи ќе игра со Љапи од Косово, Силекс го доби Петрокуб од Молдавија, додека Струга ќе се сретне со Лиепаја од Летонија.

Back to top button
Close
Close