МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

14 јуни 2021

14 јуни 2021 

 Владата и Здружението на судии постигнаа согласност за зголемување на платите на судиите од 15 проценти. Десет проценти оваа година, а пет години следната, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ.

– На овој историски самит доаѓаме како делегација на 30-та земја членка која што не чекаше што Алијансата ќе направи за неа, туку сакаше да покаже дека знае и да придонесе, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која заедно со премиерот Зоран Заев, денеска во седиштето на НАТО во Брисел учествува на Самитот на Алијансата.

– Полска беше и остана искрен и вреден пријател на Северна Македонија за време на процесот на нејзиното остварување на целта да биде членка на НАТО, како и во поддршката за остварување на сите нејзини обврски за исполнување на условите за членство во ЕУ, истакна денеска премиерот Зоран Заев на средба со полскиот претседател, Анджеј Дуда, што се одржа на маргините на Самитот на Алијансата во Брисел.

– Наша заложба како Министерството за труд и социјална политика е преку креирање на законски решенија, како Законот за родова еднаквост, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, да придонесеме жените подеднакво да учествуваат во креирањето и воспоставувањето на улогите во општеството, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на регионалниот Форум на политики за рурален развој, во организација на Балканската мрежа за рурален развој, којшто се одржа во Охрид.

– Вакцините кои Грција ги најави за Северна Македонија, утре наутро се очекува да пристигнат во Скопје, дознава дописничката на МИА од Атина.

Масовната вакцинација на македонските државјани продолжи и викендов во Србија, каде нашите државјани бесплатно се вакцинираат без пријавување само со потребните лични документи, јави дописникот на МИА од Белград.

– Во Словенија во изминатите 24 часа регистрирани се само 24 новозаболени лица со Ковид-19 од 1.023 тестирани, поради што Владата одлучи од утре да не ја продолжи состојбата на епидемија.

 – Косовскиот министерот за финансии, труд и трансфер, Хекуран Мурати вели дека Владата предводена од Албин Курти очекува оти 2021 година ќе има „најдобри економски перформанси во последните две децении, од аспект на приходите, вработувањето и економскиот развој“, јави дописникот на МИА од Приштина.

– На пресвртна точка е економијата на еврозоната, а нејзиното цврсто и одржливо закрепнување е неопходен предуслов Европската централна банка (ЕЦБ) да размисли за повлекување на програмата за итна поддршка, изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард во интервју за „Политикоин“.

Претседателот на САД, Џо Бајден, пред почетокот на лидерскиот самит на НАТО, пред новинарите изјави дека членот пет од Повелбата на Северноатлантската алијанса е света обврска за неговата земја, јави дописничката на МИА од Брисел.

Македонскиот напаѓач Александар Трајковски смета дека натпреварот со Украина, в четврток ќе биде клучен за „црвено-жолтите“ кои се дебитанти на Европското фудбалско првенство.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close