МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

2 јуни 2021

2 јуни 2021

– Комисијата за одбрана и безбедност денеска треба да одржи продолжение на седницата за амандманската расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка, поднесен од пратениците од Алијанса на Албанците (АА) и Алтернатива.

– Премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска ќе извршат увид во градежните работи на новата градинка „Срничка“ во Општина Аеродром, информираат од Владата на Републиа Северна Македонија. На увидот ќе присуствува и градоначалникот на Општина Аеродорм Златко Марин.
– Високата делегација од сојузната држава на САД, Вермонт, предводена од заменик на гувернерот Моли Креј и командантот на Националната Гарда (НГ) генерал-мајор Грег Најт, денеска ќе го посети Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.
– Во пресрет на лидерскиот самит на земјите – членки на Алијансата кон средината на месецов, вчера попладне преку заштитена видео-конференциска врска се одржа состанок на Северноатлантскиот совет на ниво министри за одбрана на кој учествуваше министерката Радмила Шекеринска.
 Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска ќе престојува во Општина Кочани.

– Јавен настан на тема „Можеме ли заедно?“ на кој ќе стане збор за придобивките кога различните заедници работат и живеат заедно ќе се одржи денеска во Скопје во организација на ЦИВИЛ.

– Движење без маски на отворено, организирање  свадби, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 отсто од вкупниот капацитет на посетители. Тоа се дел од  измените на  рестриктивни мерки што ги усвои Владата вчера на седница, по намалувањето на бројот на новозаболените од Ковид-19.

– Деветтиот по ред Викенд на гордоста – Скопје, фестивал за квир култура, уметност и теорија ќе се одржи од денеска до 9 јуни во Музејот на современа уметност, КСП Јадро и кафе барот Шортбас.

– Државната изборна комисија денеска напладне ќе одржи јавна седница. Како што соопштија од ДИК, седницата ќе се емитува во живо на нивната јутјуб страница.
 – Здружението СВТ Алумни Скопје, како членка на НМСМ, денеска ќе организира јавна расправа на која ќе се дискутира за моменталната состојба и можности за унапредување на локалната поддршка за младинското претприемништво во Скопскиот регион.

 

– Во Националната опера и балет вечер ќе биде изведен балетскиот концерт „Романтична балетска вечер“. Изведбата е поставена и режирана од Ева Клоберг и Франк Андерсен, од Данска.

– Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска напладне ќе се одржи чествување на македонскиот прозаист и драматичар, Коле Чашуле, по повод сто години од неговото раѓање.

–  Претседателот на Република Португалија, Марсело Ребело де Соуза, денеска и утре ќе престојува во официјална посета на Бугарија на покана од бугарскиот претседател Румен Радев.

– Дрон влета во лавата на вулкан на Исланд каде што неговата камера сними зачудувачки снимки.

– Пожар избувна на брод на иранската морнарица во близина на пристаништето Јаск во Оманскиот Залив, но целиот екипаж успеа безбедно да се симне, објави  новинската агенција Фарс, пренесувајќи соопштение на морнарицата.

– Како одговор на минатонеделниот воен удар во Мали  Африканската унија (АУ) го суспендираше членството на земјата во оваа организација и и’ се закани со санкции доколку не се воспостави цивилна влада, соопшти Унијата вчера.

– Кибер напад врз најголемата светска компанија за преработка на месо – „JBS“ го парализира поголемиот дел од производството во Северна Америка и Австралија.

– Владата на американскиот претседател Џо Бајден ги прекина сите активности поврзани со истражување на нафта и гас во најголемото заштитено природно подрачје на Соединетите Американски Држави, Алјаска, каде што живеат поларните мечки.
 – Тренерот на Ренџерс, Стивен Џерард може да се пресели во Премиер лигата. Според „Атлетик“, Евертон започнал преговори со 40-годишниот поранешен играч за врска на Ливерпул.
 Џејмс Харден го постигна својот прв трипл-дабл за Бруклин во НБА плејофот, постигнувајќи 34 поени, 10 скока и 10 асистенции на натпревар број 5 во серија против Бостон . Бруклин победи со 123:109 и со 4:1 го елиминира Бостон.
 Првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ го коментираше медиумскиот бојкот на Наоми Осака и нејзиното повлекување од Ролан Гарос, откако организаторот ја казни парично и се закани со дисквалификација.

– Времето во земјава ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Утринската температура ќе се движи од 4 до 11, а максималната ќе достигне од 18 до 26 степени. УВ-индексот ќе изнесува 7, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи. Во Скопје,  сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Утринската температура ќе се спушти до 7, а дневната ќе достигне до 24 степени.

Back to top button
Close
Close