МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

1 јуни 2021

1 јуни 2021

– Владата денеска во 12 часот ќе ја одржи редовната 75-та седница на која ќе биде разгледан Записникот од 39-тиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус КОВИД-19, одржан вчера, во кој се вклучени измени на мерките за заштита на Комисијата за заразни болести, предложени на 28 мај.

– Добрите економски и билатерални односи меѓу Србија и Северна Македонија може дополнително да се унапредат со јакнење на динамиката и темпото на работа за изедначување на деловното опкружување и постигнување поголема вредност на регионот како една дестинација за инвестирање пред меѓународните пазари и институции, вели претседателот на Стопанската комора и ко-престедател на Коморскиот инвестициски форум Бранко Азески во интервју за српскиот дневен весник „Вечерни новости“.

– Независната угостителска комора (НУК) смета дека новите протоколи од Комисијата за заразни болести поврзани со организирањето на прослави, веселби и свадби наместо позитивно да влијаат, ќе предизвикаат хаос во работењето на угостителските објекти.

– Не станува збор ниту за нова градба, ниту за капацитет каков што ние планираме да изградиме, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче во врска со обвинувањата што вчера ги изнесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека во Србија се гради Клинички центар кој ќе чини многу помалку отколку оној што се планира во земјава.

– „Синиот час” е насловен краткометражниот филм по сценарио и во режија на Ана Јакимска кој почна да се снима вчера, во продукција на „Кавал филм“ и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм.

– Во рамки на 30-годишниот  јубилеј од основањето, „Матица македонска“ ја објави поетската книга „Куќа во куќа“ од современата македонска поетеса Гордана Михаилова-Бошнакоска.  Стихозбирката содржи четириесет и две песни, поделени во три циклуси кои сочинуваат тематска целина.

 – Македонскиот писател Сашко Насев ќе го претстави својот роман „Средби со ѓаволот“, смешно-тажна, светло-иронична балканска верзија на „Мајсторот и Маргарита“, на 2 јуни во 18 часот во литературниот агол на Пазарот на пролетни книги, паркот пред Националниот дворец на културата во Софија.

– Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје во рамки на проектот „Храбри нови зборови, прекрасни нови светови/Europe is BRAVE NEW WOR(L)DS“ ја објави книгата „Вознемирени луѓе“ од шведскиот автор Фредрик Бакман.

– Без вода утре од 09:00 до 13:00 часот ќе бидат дел од корисниците од Радишани, во општина Бутел. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека прекин на водоснабдувањето ќе има поради чистење и дезинфекција на резервоарот во Радишани, висока зона.

– Прекин на водоснабдувањето денеска од 09:15 часот ќе имаат корисниците од улица „Букурешка“ 83 и дел од улица „Прашка“, во Тафталиџе 1. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека корисниците ќе бидат без вода поради уличен дефект ф-80мм на улица „Букурешка“ 83.

– Пролетниот базар на книгата пред Националниот дворец на културата во Софија почна под мотото „Девет отсто ДДВ за пообразована и почитувана нација“. На овој начин, бугарските писатели, издавачи и читатели ја изразија желбата на оваа културна заедница за трајно намалување на ДДВ-то на девет отсто.

– Хрватска од денеска почнува со издавање на ковид пасоши, односно зелени сертификати, а одлуката за тоа ја донесе владата на телефонска седница.

– Првиот подводен музеј во Грција што пилотски започна со работа лани и се наоѓа на островот Алонисос од денеска повторно е отворен за посетителите – нуркачи, јави дописничката на МИА од Атина.

– Напаѓач пукал во полн ноќен клуб во Хјустон во понеделникот рано наутро, пред да биде убиен од заменик-шерифот кој не бил на должност. Тој работел како чувар во клубот.

 – Венецуелската армија ги ослободи осумте војници кои на почетокот на мај беа киднапирани од страна на колумбиските вооружени групи во близина на меѓудржавната граница.

– Канадскиот премиер Џастин Трудо ја изрази тагата на земјата откако беа откриени остатоци од 215 домородни деца во стар интернат за присилна асимилација и воедно вети „конкретна акција“ за поддршка на домородните заедници.

 Фудбалската федерација на Македонија денес преку соопштение се заблагодари кон сите кои искажуваат честитки кон репрезентативците пред историскиот настап на Европското првенство и имаат желба лично да им се обратат на фудбалерите со намера да им посакаат успех и добар резултат на натпреварите од Европскиот шампионат.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close