МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

18 мај 2021

18 мај 2021

-На инфективните одделенија во земјава се лекуваат вкупно 457 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, од кои 264 во болниците низ земјава и 193 на инфективните одделенија во главниот град. Во ковид центрите има околу 680 празни болнички кревети, информираат од Министерството за здравство.

Поради намалениот број на болни, од МЗ информираат дека болниците затвориле дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

-Министерството за надворешни работи прогласи дипломат на руската Амбасада во Северна Македонија за непожелна личност. -Министерството за надворешни работи, согласно член 9 од виенската конвенција за дипломатски односи, одлучи да прогласи еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Република Северна Македонија, стои во соопштението на МНР.

-Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска изјави дека овие денови се очекува засилен ангажман од португалското претседателство со ЕУ, со цел одржување на првата меѓувладина конференција.

-Турската агенција за соработка и координација ТИКА ќе продолжи да ги поддржува заложбите на Владата на Република Северна Македонија за унапредување на квалитетот на националниот образовен систем, инвестирајќи во повеќе негови сегменти, со особен фокус на инфраструктурните проекти. Ова било потврдено на денешната средба на министерката за образование и наука Мила Царовска со претседателот на ТИКА Серкан Кајалар која се одржа во главниот град на Турција, каде делегација од МОН во која покрај министерката е и заменик министерот Арафат Шабани, е во неколкудневна посета.

-По повод 40 години од упокојувањето на Архиепископот охридски и македонски Доситеј, денеска во црквата „Св. вмч. Димитриј Солунски“ во Скопје, каде што е неговото вечно почивалиште беше отслужен помен на кој чиноначалствуваше Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, како и на повеќемина свештеници од МПЦ-ОА.

-Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, вечер ќе има средба со шесте лидери на земјите од западен Балкан за да разговара со нив за стратегијата на ЕУ во регионот, јави дописничката на МИА од Брисел.Целта на високиот претставник е да ги собере шесте лидери од регионот за да ги слушне нивните мислења за тоа како ЕУ да биде поангажирана и поприсутна во регионот.

-Новиот бугарски министер за правда, Јанаки Стоилов, за неколку дена ќе нареди ревизија во Агенцијата за регистрација и Дирекцијата за бугарско државјанство и анализа на склучените јавни набавки. Како што јавува дописникот на МИА од Софија, целта на инспекциите, што се очекува да завршат до крајот на месецот, не е да се прават смени, туку да се утврди дали во овие институции има лоша пракса, што треба се елиминира во корист на граѓаните, објасни министерот Стоилов.

-Шпанската Влада распореди воени сили во Сеута за да патролираат долж границата со Мароко, откако неколку илјади мигранти вчера допливаа во оваа шпанска енклава на африканскиот континент, изјави денеска неименуван извор од шпанското Министерство за внатрешни работи.

-Во земјите од Европската унија досега се администрирани повеќе од 200 милиони дози вакцини против Ковид-19, а скоро 53 милиони Европејци се целосно вакцинирани. Во 27 земји се аплицирани најмалку 200 милиони дози на околу 148 милиони луѓе, што е 32 проценти од населението на Унијата.

-Повеќе од 90 проценти од Британците развиле антитела на коронавирусот откако ја примиле првата доза на вакцината „АстраЗенека“ или „Фајзер“, а по втората доза развиле речиси 100 проценти од вакцинираните, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено на 8.517 луѓе во Англија и Велс.

-Палестинците во Израел, Ерусалим и на окупираниот Западен брег денеска одговорија на повикот за генерален штрајк во знак на протест против конфликтот во Појасот Газа. Тие протестираат и против израелската политика, за која многу активисти и некои организации за човекови права тврдат дека претставува систем на апартхејд во кој на Палестинците им е ускратено правото што го имаат Евреите.

 

-Здружението на лекари во Токио повика на откажување на Олимписките игри на околу два месеци пред нивниот почеток во јапонската престолнина поради пандемијата на коронавирусот, наведува ДПА.

Back to top button
Close
Close