МИА Радио флеш

МИА Радиофлеш

17 мај 2021 

17 мај 2021 

– Како што информиравме, на средбата беа разгледани можности за соработка, особено во економијата и енергетиката, рече портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони, на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина за средбата во четвртокот на премиерите на Грција и Северна Македонија, Кирјакос Мицоткис и Зоран Заев.

Во однос на идеите и предлозите за тргање на бугарската блокада, кои Мицотакис ги развил на средбата, а кои премиерот Заев ги спомена во интервјуто за МИА,  Пелони уште еднаш ја повтори грчката поддршка за ЕУ перспективата на Западен Балкан.

– Дискриминацијата базирана на сексуална ориентација или родов идентитет е неприфатлива за Северна Македонија, држава како дом во кој сите се еднакви, напиша денеска на Фејсбук премиерот Зоран Заев по повод 17 Мај, Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и биофобијата.
-Денеска е Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата. Убав ден да застанеме во заштита и да им оддадеме почит на сите што ги бранат и промовираат правата на припадниците на ЛГБТИ заедницата. Да порачаме дека во борбата за еднакви можности, без оглед на сексуалната ориентација или родовиот идентитет, секој може да го даде својот придонес, напиша Заев.

– Граѓанската Иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска достави предлог за покренување иницијатива за распишување на референдум до претседателот на Собранието, со цел изјаснување на граѓаните околу нацрт Законот за дигитализирање на учебниците во основните и средните училиштата.

Имено, за овој предлог биле собрале околу 600 потписи само на подрачје на град Скопје, меѓутоа од иницијативата на денешната прес-конференција одржана пред Собрание истакнаа дека имаат голема поддршка и од останатите градови.

– Комисијата за заразни болести на состанокот кој го одржа утринава, донесе предлог да останат на сила веќе постоечките рестриктивни мерки, потврдија за МИА од Министерството за здравство.

Забраната за движење на населението е од полноќ до 4:00 часот наутро, а угостителските објекти работат до 23:30 часот.

– Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 од ноќеска на полноќсе намалува за 0,50 денар/литар, а малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V)  и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) остануваат исти, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за  0,51 проценти.

-Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби оствари средба со Русос Кундурос, новиот грчки амбасадор во Република Северна Македонија.

На средбата, како што соопштија од кабинетот на вицепремиерот, се дискутирало за унапредувањето на соработката во областите важни за граѓаните на двете држави, што се оценува дека се веќе во фаза на реализација, имплементацијата на Преспанскиот договор, политичките случувања во земјата и регионот, како и нашата европската интеграција.

-Следното рочиште за случајот „Титаник“ е предвидено да продолжи на 20 мај. Дел од сведоците предложени од обвинителството при денешното сведочење истакнаа дека немаат никакви сознанија за финансирање на политичките партии и дека никогаш не уплатила средства за партијата.

Судскиот процес за овој предмет е уште во фаза на доказна постапка.

– Државниот завод за ревизија во периодот од 2010 до 2019 година извршил вкупно 699 ревизии, од кои 513 се ревизии на регуларност, 165 на успешност и 21 ревизија на усогласеност. Сите извештаи од извршените ревизии се собрани во една база, од страна на Центарот за граѓански комуникации.

-Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски денеска се вакцинираше во вакциналниот пункт во училишната сала на средното училиште „Перо Наков“ во Куманово. Тој се заблагодари на медицинскиот персонал и на вклучените во процесот на вакцинација во Куманово.

– Ова е регионален центар, организацијата е добра, на високо ниво. Ги поздравувам здравствените работници, волонтерите од Медицинскиот факултет од Штип, претставниците на Црвениот крст, МВР, АРМ и да посакам што поголем број граѓани да го искористат правото, да се имунизираат, бидејќи тоа е најдобриот начин да се заштитиме од глобалната пандемија, изјави Димитриевски.

 – Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците во главниот град и во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат 490 лица позитивни или суспектни на коронавирусот, како и дека има околу 750 празни болнички кревети во ковид центрите.
Во Скопје, во изминатите 24 часа во ковид-центрите се хоспитализирани шест нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 204 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град.
Во последното деноноќие, на Интерните клиники немало приеми.

– Врз основа на најавите за подготовка на нов Закон за продажба на земјоделското земјиште, Националната федерација на фармери подготви Анализа за импликациите од процесот на продажба на земјодеското земјиште врз земјоделството и руралниот развој.

– Ние како претсавници на земјоделците и малите земјоделски стопанства од никогаш не сме се согласувале да се донесуваат закони преку кои ќе се врши продажба на земјоделско земјиште. Не се согласувавме и со донесениот Закон за продажба на земјоделско земјиште во 2013 и сметавме дека тој треба да се укине. Според нас лоша политика е да се врши продажба на земоделското земјиште и пренамена на земјоделското земјиште во градежно, наведуваат од Националната федерација на фармери.

 Фондот за иновации и технолошки развој објави јавен повик за воспоставување на две лабoратории за производство „Младите создаваат“ каде младите на возраст од 15 до 29 години ќе добијат бесплатен пристап, менторска поддршка, просторни и технички услови да конструираат прототип и да тестираат некое свое иновативно решение.

За оваа цел се обезбедeни девет милиони денари. ФИТР обезбедува до 90 проценти од кофинансирањето, во максимален износ од 4,5 милиони денари, додека останатите десет проценти треба да ги обезбеди апликантот.

– Албанските демократи на 13 јуни ќе избираат нов лидер, по принципот еден член еден глас.

Ова е едногласна одлука донесена на седницата на Националниот совет на партијата, по предлог на Претседателството, а по се зачестените барања за оставка на актуелниот лидер, Љуљзим Баша, по поразот на парламентарните избори, што во земјата се одржаа на 25 мај.

– Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска повика на воведување меѓународни санкции кон Израел со цел да се запре „масакрот“ врз Палестинците.

– Доколку меѓународната заедница не го санкционира Израел за извршено злосторство против човештвото, Палестинците ќе продолжат да бидат масакрирани, рече Ердоган во телефонски разговор со папата Франциск.

-Франција, Германија и Шпанија денеска соопштија дека постигнале договор за идниот воздухопловен борбен систем (SCAF), што се очекува во 2027 година.

„Разговорите … во последните месеци овозможија да се постигне избалансиран договор меѓу различните партнери за следната фаза од програмата“, се наведува во заедничкото соопштение на министрите за одбрана на трите земји.

-Поранешниот претседател на Јужноафриканската Република Џејкоб Зума пристигна во судот каде против него треба да почне процес за примање мито.

Зума се соочува со 16 обвиненија за измама, мито и рекет. Обвиненија за набавка на воени авиони, патролни чамци и воена опрема во 1999 година од пет европски компании за вооружување за 30 милијарди ранди (пет милијарди долари во тоа време).

-Речиси 150.000 луѓе ги напуштија своите домови во индиската држава Гуџарат, а властите ги затворија пристаништата и главниот аеродром, бидејќи до западниот брег на земјата се доближува најсилниот циклон во повеќе од две децении.

Циклонот „Таукте“ досега уби осум лица и предизвика штета откако ги погоди бреговите на индиските држави Керала, Карнатака и Гоа, соопштија индиските власти.

Back to top button
Close
Close