14 мај 2021 

– Во Кабинетот на претседателот денеска беа доделени сертификатите на учесниците во програмата „Млади менаџери и бизнис лидери“ кои што во изминатиов период успешно ја завршија обуката во осумте компании – членки на Советот на странски инвеститори: ЕВН Македонија АД, Комфи Ангел, Ван Хоол Македонија, Кемет Електроникс Македонија, ЕОС Матрикс Македонија, Филип Морис ТКП, Рамстор Македонија и Макстил АД Скопје.

– Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска во Охрид ги посети училиштата „Ванчо Питошески“ и „Наум Охридски“, во рамки на втората фаза од кампањата „Учи паметно, работи стручно“, за промоција средното стручно образование и запознавање на идните средношколци со перспективите и можностите што ги нуди тој тип образование.

– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој денеска е во посета на општина Битола, по средбата со стопанствениците изјави дека нема ефект од државната помош за стопанството во овој град, дека фирмите се борат за егзистенција. Големи разочарувања, рече тој, има и од локалната власт, која, како што нагласи, на граѓаните им сервира лажна реалност.

Од вкупно 61 пријава за труење со храна кај децата од кумановската градинка „Ангел Шајче“, кај 31 дете и тројца вработени, изолирана е бактеријата салмонела ентеритидис, потврдија денеска од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Бактеријата е откриена во оригиналното пакување во мајонез. Инспекторатот извршил и контролен надзор и констатирал дека храната се носи од главната кујна, а затворена останува кујната во „Пчелка“, во занималните каде беа сместени децата со симптоми на труење е извршено чистење и дезинфекција и во овие објекти нема згрижено деца.

– Северна Македонија е меѓу земјите за кои, веќе и официјално постои исклучок од забраната за влез во Грција, согласно министерската одлука објавена во Службен весник, во која детално се објаснети условите за патување кај јужниот сосед, јави дописничката на МИА од Атина.

– Оваа година избраниот хибриден модел на наставата даде одлични резултати, без застој во образованието, а притоа се заштити здравјето на учениците и наставниците како и колективното здравје. Тоа покажа дека образовниот систем може да се справува со вакви потреси. Тоа денеска до Охрид го посочи министерката за образование и наука Мила Царовска која беше во посета на средните стручни училишта во градот.

– Неколку десетици граѓани се собраа денеска во центарот на косовската престолнина, за да му изразат поддршка на палестинскиот народ во конфликтот што изби на Средниот Исток меѓу Палестина и Израел, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави кон крајот на минатиот месец дека тинејџери на возраст меѓу 16 и 18 години ќе можат да ја примат вакцината на Фајзер/БиоНТек. Повеќе од 90.000 млади луѓе веќе се регистрирале за вакцинација, со неопходна дозвола од родителите, пишува Евроњуз.

– Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц ги повика раководствата на социјалните мрежи Фејсбук и ТикТок да се борат против пропагандата и да ги отстранат содржините кои шират говор на омраза, објави „Тајмс оф Израел“.

Екипата на Навико Академија ФМП попладнево го победи Пелистер со 100:98 и се избори за полуфинале што е најголем успех во историјата на клубот од Кисела Вода.

Back to top button
Close
Close