МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

7 мај 2021

7 мај 2021 

– Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за петмина од обвинетите за случајот „Двојник“, за нелегално издавање пасоши на странски државјани. 

– Основниот кривичен суд во Скопје изрече казна затвор од една година и седум месеци на уште еден од вработените во МВР за издавање на пасоши во случајот „Двојник“, кој призна вина на денешното рочиште. 

– Да се биде заштитник и пријател на граѓаните е голема обврска, но и огромна чест која им е доверена на полициските службеници, напиша премиерот Зоран Заев на „Фејсбук“, честитајќи и го Денот на македонската полиција. 

Денот на полицијата претставува симбол на пожртвуваноста, одговорноста, храброста, моралот – карактеристики што треба да ги развива секој поединец кој положил заклетва пред сината униформа, порачува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во честитката до полициски службеници, вработени во МВР, по повод 7 Мај – Денот на полицијата. 

– Здруженито за надворешна и меѓународна политика „Совет на Амбасадори“ денеска  преку соопштение информира дека со посебна загриженост и вчудовиденост ја примиле најавата на комесарот за проширување Оливер Вархеји за време на неговата турнеја по земјите на Западен Балкан дека е можно Северна Македонија и Албанија да бидат поделени во нивниот пат до полно членство во Европската Унија ако С Македонија и Бугарија не најдат заеднички јазик во решавањето на спорот околу идентитетските прашања. 

– Еко акција за позелена татковина ќе се одржи од денеска до 9 мај, во вкупно десет општини во државата, Крушево, Охрид, Дебар, Демир Капија, Куманово, Гевгелија, Крива Паланка, Струмица, Штип и Велес, а со поддршка од компанијата Пакомак, Министерството за животна средина и просторно планирање и од Министерството за земјоделие и шумарство. 

– Министерката за образование и наука Мила Царовска, денеска ќе ги посети  СОУ „Љупчо Сантов“ и СОУ „Гошо Викентиев“ во Кочани, како дел од втората фаза од кампањата за промоција на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно“. 

– Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска во Битола ќе го промовира проектот Заедничка прекугранична соработка за заштита на населението од природни непогоди и катастрофи предизвикани од човечки фактор, преку кој е набавена цистерна за исправна вода за пиење за потребите на јавното комунално претпријатие Водовод како претпријатие кое опслужува три општини од Пелагонискиот регион Битола, Могила и Новаци. 

– Под мото: #Незапирливи македонскиот Црвен крст ќе се приклучи на одбележувањето на 8 Мај, Светскиот Ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, а ќе ја со повеќе активности ќе ја одбележи и Неделата на Црвениот крст на РМ од 8 до 15 мај. 

– Полициски службеници од Полициската станица Кичево синоќа ја лишиле од слобода Љ.М.(26) од Кичево. При претрес во нејзиниот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана. 

– Со 46,5 милиони евра обезбедени од Светска банка ќе бидат реализирани два проекта значајни за економскиот развој на земјата. Станува збор за проекти за енергетска ефикасност во јавниот сектор и за унапредување на основното образование кои се дел од четиригодишната рамка за партнерство со Светска банка, вреден 420 милиони долари. 

– Јавниот повик за субвенции за велосипеди е затворен, поради големата заинтересираност и исполнување на предвидените средства. На јавниот повик аплицирале вкупно 3 057 граѓани, со што се исцрпени предвидените финасиски средства, информира Град Скопје. 

– Министерството за труд и социјална политика соопшти дека согласно со Законот за празниците , 13 Мај 2021 година (четврток), Рамазан Бајрам, првиот ден на Рамазан Бајрам, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија. 

– Иако пристапот  до образованието е подобрен, квалитетот на образованието и натаму е предизвик како што е потврдено од резултатите на учениците во Македонија на меѓународните тестирања, дека недостатоците почнуваат рано во основното образование, а опстојуваат понатаму, истакна директорот на Светска банка (СБ) во државава Максимилијано Паолучи на денешната презентација на проектот за унапредување на основното образование во вредност од 21,5 милиони евра преку СБ. 

– Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје информира дека претстојниов викенд, 8 и 9 мај, автобусите ќе сообраќаат до 23 часот, а билетарниците ќе работат вообичаено. 

– Во холот на НУ Музеј на македонската борба за самостојност поставена е изложбата „Градење на македонската државност“ посветена на столбовите на македонската држава – трите заседанија на АСНОМ. 

– Претседателот на Бугарија Румен Радев соопшти дека Камелија Нејкова ќе биде на чело на Централната изборна комисија, откако претходно денеска одржа вонредни консултации со парламентарните партии со цел да биде предложена кандидатура за претседател на ЦИК. 

– Ќе ја пренесам желбата на сите, да се даде приоритет на отворањето на граничниот премин Евзони, како и да се разгледа можноста за влез и со селф тест, рече, меѓу другото заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, надлежен за регионот Македонија и Тракија Ставрос Калафатис на состанокот за отворањето на копнениот туризам со префектите и здруженијата на хотелиери од северна Грција, јави дописничката на МИА од Атина. 

– Американскиот амбасадор во Приштина Филип Коснет изјави дека ниту САД ниту нивните европски партнери немаат интерес да промовираат каква било размена на територии на Западен Балкан. 

– За посета на угостителските објекти, црквите, кината и театрите, трговските центри и моловите, за фитнес центрите, училиштата за танц, за домовите за стари лица, хотелите и туристичките објекти, за казината и за време на конференциите, од понеделник, на Кипар е задолжителен CoronaPass, односно документ со кој граѓаните ќе покажат или негативен резултата од брз/ПЦР тест направен во последните 72 часа или вакцинација со најмалку една доза и поминати три седмици или потврда за прележан Ковид-19 во последните шест месеци, јави дописничката на МИА од Атина. 

– Температурата на Земјата достигна рекордни нивоа од пред 3.000.000 години, изјави генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш 

– САД испратија дополнителни сили кои ќе ги штитат американските и коалициските сили за време на повлекувањето на трупите од Авганистан. 

– Напаѓачот на Манчестер јунајтед, Единсон Кавани постигна два гола синоќа во полуфиналниот натпревар од Лигата на Европа со Рома (2:3). Во првиот натпревар (6:2) 34-годишниот Уругваец исто така двапати го погоди голот на римјаните. 

– Кошаркарот на Вашингтон, Расел Вестбрук, ноќеска забележа уште еден трипл-дабл во регуларниот дел од сезона во НБА-лигата против Торонто (131:129). Тој за 44 минути игра, постигна 13 поени, 17 асистенции и 17 скока. 

– Петтиот светски рекет Стефанос Циципас вчеравечер во третото коло на Мастерсот во Мадрид загуби од Каспер Руд – 6:7, 4:6. Гркот загуби за прв пат оваа сезона пред четвртфиналето. 

Back to top button
Close
Close