МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

7 мај 2021

7 мај 2021

– Претседателот Стево Пендаровски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во 15 часот ќе имаат средба во Вила Водно, на која, според најавите од партијата, ќе се разговара за осудените во случајот „27 април“ и за актуелната политичко-економска состојба.

– Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска ќе престојува во работна посета на Естонија.

– Северна Македонија заедно со Албанија доби поддршка за отворање на преговорите за членство од министрите за надворешни работи на членките на Групата седум индустриски најразвиени држави (Г-7) кои ја потврдија нивната заедничка посветеност на безбедноста, економското закрепнување и европската перспектива на Западен Балкан, како клучна инвестиција за мирот и стабилноста.

– Иако процесите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ досега течеа  заедно, Брисел би можел да ги раздвои и да ги почне пристапните преговори со Тирана, доколку продолжи бугарската блокадата на Скопје и не се најде заеднички прифатливо решение со Софија, изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји.

– Во организација на Министерството за внатрешни работи денеска во Полицискиот центар „Ѓорче Петров “ ќе се одржи  централната прослава по повод одбележувањето на 7 Мај – Денот на македонската полиција.

– Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седница ќе одржи Комисијата за транспорт, врски и екологија.

– Американската компанијата „ЛЕАР“ и „Нормак Инвестмент Груп“ денеска во Технолошко индустриската развојна зона во Тетово ќе постават камен-темелник на новата заедничка инвестиција. Станува збор за нов втор инвестициски циклус кој изнесува 15 милиони евра.

– По повод одбележување на Денот на Европа – 9 Мај  денеска во Општина Аеродром ќе се одржи проактивен настан „100 дена европски Аеродром“ во новиот парк покрај булеварот „Трета македонска бригада“, кој ќе го добие името „9 Мај“.

– Книгата „Осврти – рефлексии, илуминации и реминисценции“ од Виолета Калиќ ќе биде промовирана денеска во Галеријата „КО-РА“ во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.

– Создавањето нови работни места по пандемијата Ковид-19, подобрувањето на нивниот квалитет, борбата против сиромаштијата и социјалното исклучување ќе бидат во фокусот на состанокот на европските лидери, што ќе се одржи денеска и утре во португалскиот град Порто.

– Државниот секретар на САД Ентони Блинкен ја повика Русија да престане со своите „непромислени и агресивни активности“ против Украина.

– Ученичка од шесто одделение отвори оган во своето училиште во Ајдахо, на северозападот на САД и повреди три лица. Таа беше разоружана од страна на една наставничка.

–  Најмалку 155 милиони луѓе во светот се соочиле со акутен глад во 2020 година, а на 133.000 итно им е потребна храна за да се избегне глад. Изгледите за 2021 година се исто толку мрачни или уште полоши. Ова се наведува во извештајот на 16 организации.

– Американскиот претседател Џо Бајден донесе одлука за продолжување на режимот на еднострани санкции против Сирија за уште една година.

– Пивара Скопје ќе биде еден од спонзорите на македонската фудбалска репрезентација на претстојното Европско првенство.

 Тренерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер го пофали настапот на Давид Де Геа на реваншот од полуфиналето на Лига Европа против Рома.

 – Тренерот на Арсенал, Микел Артета ги сумираше впечатоците од вториот полуфинален натпревар од Лигата на Европа против Виљареал (0:0).

– Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13, а максималната ќе достигне од 23 до 30 степени Целзиусови. Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 28 степени.

Back to top button
Close
Close