МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

23 април 2021

23 април 2021

– Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека главната расправа за предметот „Моќник“ што требаше да се одржи денеска, се одложува поради смртен случај на еден од обвинетите.

– Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска ја продолжува балтичката турнеја со посета на Литванија.

– Актуелните состојби во регионот, прашањата значајни за продлабочување на билатералните односи, идните проекти и приоритети кои ќе бидат тема и на следната заедничка владина седница, како и перспективите за соработка во области од заемен интерес, посебно во економијата и трговската размена, ќе бидат во фокусот на денешната официјална посета на министерот за надворешни работи, Бујар Османи на Република Косово.

– Сè уште не стивнуваат реакциите откако минатата недела словенечкиот портал „Нецензурирано“, објави нон-пејпер испратен до ЕУ, во којшто се предлага прекројување на границите на Западен Балкан. Документот наводно бил напишан од словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој потоа тоа го демантираше, додека Канцеларијата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, во изјава за порталот „Еурактив“ не можеше да негира дека го добила документот, ниту пак даде дополнителни коментари.

– Американската компанија за производство на електронски компоненети „Кемет Електроникс“ ќе го проширува капацитет на постоечката фабрика во ТИРЗ Бунарџик.

– Средното училиште „Михајло Пупин“ денеска со неколку компании ќе потпише договор за соработка во дуално образование.

– Зајакнување на образовниот капацитет за управување со ризиците од ненативните и инвазивни видови во регионот на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора), по пат на промовирањеедукативни активности за студентите од високото образование и засегнатите страни од целните земји, е целта на преоктот што во рамки на програмата „Erazmus+ градење на капацитети во високото образование за 2020 година“ го имплементираат Хидробиолошкиот институт од Охрид и охридското Здружение за екологија „Екоменолог“.

 – Продолжува 13. состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, кој се одржува онлајн. Историчарите разговораат за учебниците за седмо одделение и ликот и делото на Гоце Делчев.

– Танцовите центри во земјава, вкупно 46, бараат укинување на забраната за нивна работа и финансиски надомест за претпрените штети изминатата година. И тие од вчера се приклучија на протестите на туристичко-угостителкиот сектор и сметководителите, поради, како што соопштија, нелогичностите при постапувањето на Владата со новите рестриктивни мерки кои опфаќаат затворање на овие институции и спречено вршење на нивната дејност, засега до 27 април 2021, но со веројатност за продолжување.

– Во салата „Борис Трајковски“ денеска ќе се вакцинираат пратениците, како дел од критичната инфраструктура опфатена во Националниот план за ковид имунизација. Како што информира Министерството за здравство, вакцинацијата ќе се одвива во три групи, од 10 до 18 часот.

– Бугарскиот претседател, Румен Радев, синоќа разговараше со претседателот на Воениот комитет на ЕУ, генералот Клаудио Грацијано, за амбицијата на Европската унија да постигне рамнотежа меѓу задачите, ресурсите и можностите на вооружените сили во одделни земји-членки.

– НАТО соопшти дека останува буден по веста на повлекување на руските трупи распоредени во близина на украинската граница и на Крим и притоа ја повика Москва да ги повлече сите свои сили од територијата на Украина.

– Алексеј Навални е прегледан во болница надвор од затворот, соопшти тимот на рускиот опозициски лидер доцна синоќа.

– Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин предупреди на глобалните безбедносни ризици што ги предизвикуваат климатските промени.

– Шест болници во главниот град на Индија, Њу Делхи, останаа без кислород, а лекарите велат дека другите болници имаат кислород за уште само неколку часа.

 Во третманот на кинеските власти кон муслиманите во провинцијата Синџијанг забележани се сите елементи на геноцид или свесна намера за целосно или делумно уништување на оваа национална, етничка, расна и религиозна група, пренесоа американските медиуми.

– Меѓународната невладина организација „СОС Медитеран“ синоќа соопшти дека во морето во близина на либискиот брег потонал брод со 130 мигранти.

– Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс изјави дека Вашингтон „ќе продолжи внимателно да ја следи“ ситуацијата на руската граница со Украина.

– Германската Влада сака да продолжи да го поддржува Авганистан дури и откако ќе ги повлече своите трупи оттаму подоцна годинава, изјавија двајцата министри од владиниот кабинет во своите размислувања објавени денеска, пренесе ДПА.

 Напаѓачот на Наполи, Дрис Мертенс синоќа постигна гол на натпреварот од 32. коло во италијанскиот шампионат против Лацио (5:2).

 Напаѓачот на Барселона, Лионел Меси постигна два гола во победата од 5:2 остварена синоќа над Хетафе во шпанската Ла Лига.

 Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Ентони Дејвис, се врати на теренот по 30 пропуштени натпревари поради повреда. Тој рано во поразот на Лејкерс од Далас маверикс (110:115) одигра 17 минути.

-Во изминатите 24 часа најмногу дожд, 14 литри на метар квадратен, наврнал во Лазарополе, во Охрид и Дебар се измерени 8 литри, во Претор и на Попова Шапка 6, во Маврово и Пожаране 5, во Крива Паланка и Тетово 4, во Куманово 3, во Скопје-Зајчев Рид и Петровец, Прилеп, Виница, Крушево и Ѓуриште 2, додека по еден литар на единица површина наврнал во Битола, Демир Капија, Струмица, Гевгелија, Берово, Тополчани и Пожар. Утрово е најстудено на Попова Шапка, 0 степени, а најтопло, со максимални 12 степени, е во Гевгелија и Дојран. Два степена е во Лазарополе, 3 во Маврови Анови, 5 во Крушево, 7 во Крива Паланка, Охрид, Претор и Берово, 8 во Прилеп, Тетово и Дебар, 9 во Скопје-Петровец и Зајчев Рид, Штип, Битола, Виница и Куманово, 10 во Демир Капија и 11 во Струмица. Времето во моментов е облачно со повремени врнежи дожд. И во текот на денот се очекува да биде облачно и посвежо со повремени врнежи. Повеќе врнежи ќе има во западните и југозападните делови од земјава. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 17 степени. Во Скопје облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне 15 степени.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close