МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

22 април 2021

22 април 2021

– Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска и утре ќе престојува во работна посета на Летонија и Литванија, каде со високите претставници на двете земји ќе разговара во контекст на поддршка за европското досие на Северна Македонија.
 – Фотоволтаична централа денеска ќе биде пуштена во употреба во селото Теново во општина Брвеница. Оваа централа е една од вкупно 27-те централи кои склучија договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште во приватна сопственост. Јавниот повик беше објавен во 2019 година.
– Шестиот пакет мерки, тежок 17,8 милиони евра, предизвика различни толкувања и реакции. Според власта, тој е таргетиран, со поддршка насочена кон најпогодените сектори и ќе ги даде очекуваните ефекти, додека за опозицијата, мерките се задоцнети и ненаменски предвидени.
– Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници ќе одржат Комисијата за здравство и Законодавно-правната комисија.
– Нашата држава веќе има изготвено сертификат, по насоки на ЕУ, со посебен код кој ќе послужи на граѓаните да патуваат во Грција, откако тамошните власти ќе донесат и официјална одлука за тоа, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Според најавите што Филипче ги добил  од грчкиот министер за туризам Теохарис тоа се очекува да се случи на 14 мај. Освен сертификат за вакцинација, граѓаните кои не се вакцинирани ќе може да патуваат и со потврда за негативен ПЦР – тест што може да го направат во една од дваесетте лаборатории кои имаат дозвола од Министерството за здравство.
 – Конкурсот за упис во средните стручни училишта е направен врз основа на потребите, утврдени во социјален дијалог меѓу училиштата, локалните самоуправи и компаниите. Тоа е едниот ефект – реален конкурс за упис во средните училишта. Вториот е дека 97 паралелки се отворени како дуални, што во превод значи дека имаме паралелка со поинтензивна праска и повеќе часови пракса во компанија, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.
– Националната платформа за електронски упис на првачиња за новата 2021/2022 учебна година денеска ќе биде промовирана во ООУ „Вера Циривири – Трена“ во Општина Карпош.
– Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска ќе ја посети градинката „Осми Март“ во Драчево, Општина Кисела Вода.
– Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска по повод Денот на планетата Земја ќе учествува во акцијата за пошумување што ќе се одржи во Крушево, кај споменикот Слива.
– Мрежата за заштита од дискриминација и Комисија за спречување и заштита од дискриминација денеска организираат онлајн конференција „Зајакнување на улогата на КСЗД во промоцијата и заштитата на човековите права“.

– По повод 22 Април- Денот на планетата Земја денеска ќе почне двондевна онлајн обука за предавачи на интернационалната GLOBE Програма за животна средина и едукација.

– Новиот предизвик „Стартап херои“ денеска ќе биде претставен на прес-конференција.

 – Здружението на граѓани „Еко Логик“ во соработка со Институтот за комуникациски студии денеска организира онлајн настан „Што може да направиме денес, за да ја зачуваме Брегалница за во иднина?“.

 – Дел од корисниците лоцирани на улицата „Панче Пешев“ бр. 7-Б во населбата Тафталиџе денеска од 10 часот ќе имаат прекин во водоснабдувањето. Како што соопшти РЦУК-Скопје, прекинот е поради реконструкција на водоводна мрежа на оваа улица.

 – Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас се очекува да допатува денеска во еднодневна официјална посета на Косово, каде што ќе се сретне со претседателката Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и министерката за надворешни работи и дијаспора, Доника Грвала, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Претседателот на Воениот комитет на Европската унија, генерал Клаудио Грацијано, пристигнува во официјална посета на Бугарија, на покана од началникот на одбраната, адмирал Емил Ефтимов, соопшти Министерството за одбрана.

 Европската комисија се подготвува да поднесе тужба против „АстраЗенека“, соопшти „Политико“, цитирајќи пет неименувани дипломати на Европската унија.

–  Адвокатот Јури Зенкович, кој е уапсен под сомнение дека подготвувал атентат врз белорускиот претседател Александар Лукашенко и дека подготвувал државен удар, во исказ во истрагата ја призна вината, изјави шефот на истражниот оддел на КГБ на Белорусија, Константин Бичек.

– Руската полиција во 82 града вчера уапси 1.496 приврзаници на осудениот опозициски лидер Алексеј Навални, кои протестираа за негово ослободување низ целата земја.

 Индонезиска воена подморница, што вчера исчезна кај островот Бали, со екипаж од 53 војници, се верува дека се наоѓа на 700 метри под вода, соопшти денеска морнарицата, пренесе ДПА.

– Светска здравствена организација (СЗО) покренува нова иницијатива за искоренување на маларијата во 25 држави до 2025 година.

– Американскиот претседател Џо Бајден има намера официјално да го признае геноцидот врз Ерменците во Отоманската империја, од почетокот на дваесеттиот век, јави „Волстрит журнал“, цитиран од Тасс.

– Иран инсталираше понапредни центрифуги во подземната постројка за збогатување на ураниум во Натанц и планира дополнително да го зголеми нивниот број, со што продолжува кршењето на Договорот за иранската нуклеарна програма, се наведува во вчера објавениот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

– Прстен со дијамант од 25 карати, беше продаден на аукција во Сиднеј, Австралија, за рекордни 1,25 милиони австралиски долари.

 – Претседателот на Реал Мадрид и претседател на Европската Суперлига, Флорентино Перез останува уверен во проектот за новото натпреварување. Според него, досега никој не го напуштил списокот на учесници, и покрај изјавите.

 Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев се запиша во историјата на италијанската Серија А со постигнати 100 голови.

 Кошаркарот на Бруклин нетс, Кевин Дурент е близу до враќање во тимот. Тој може да се врати на теренот в сабота за средбата со Бостон селтикс, или в понеделник против Феникс санс.

– Времето е ведро и претежно тивко, а утринава се зголемува облачноста од југозапад. Најниска температура од – 3 степени е измерена во Берово и Лазарополе, нула во Крива Паланка и Попова Шапка, еден во Скопје-Петровец, Битола, Охрид, Крушево и Маврови Анови, два во Прилеп, Тетово, Струмица, Дебар и Претор, три во Куманово и Демир Капија, четири во Скопје-Зајчев Рид, Штип и Гевгелија, пет во Виница и осум степени во Дојран. Претпладне во поголемиот дел од земјата ќе биде сончево, а во западните ќе се зголемува облачноста. Попладне ќе преовладува умерено до значително облачно со појава на повремен дожд во западните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Повремен дожд ќе се прошири преку ноќта и во останатите делови од земјата. Максималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22 степена.

Back to top button
Close
Close