МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

21 април 2021

21 април 2021

– Уставниот суд денеска повторно треба да одлучува по иницијатива поднесена на членот 163, став 3 од Законот за банки, според кој, побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители.

– Телото на починатата стружанка што синоќа со нож ја уби сопругот, ќе биде дадено на обдукција, соопшти денеска Јавното обвинителство.

– Владата го презентираше шестиот пакет антикризни мерки, проектиран на 17,8 милиони евра. Станува збор за таргетирана финансиска помош што ќе ја добијат околу 10.000 компании и 60.000 вработени.

 Во Собранието денеска седници ќе одржат Комисијата за здравство и Законодавно-правната комисија.

– Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да ја одржи 39. седница на чиј дневен ред е Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на државата, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање мигранти и заради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на КОВИД и спречување на негово ширење.

– Дискусија за националната подготовка за учество на Конференцијата COP 26 во Глазгов ќе се одржи денеска преку видео-конференциска врска.

– Во организација на Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP), Министерството за животна средина и просторно планирање и платформата Климатски Промени (klimatskipromeni.mk), ќе се реализира онлајн настан #ВозможноЕ. Првиот дел од настанот ќе се одржи денеска од 13:00 до 15:00 часот како настан во живо на социјалните мрежи,  на тема „Националните придонеси за климатските промени во фокусот – #ВозможноЕ да се постигне глобалната цел за климатски промени од 1,5 степени со амбициозна #КлиматскаАкцијаСега“.

– Постојните мерки за ограничување на движењето и за другите рестрикции и мерки за примена на личната заштита за спречување на ширењето на КОВИД-19 остануваат во сила уште една недела. Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести, вчера одлучи тие да се применуваат до 27 април 2021 година (вторник).

 – Продолжува процесот на вакцинација во земјава. Досега, заклучно со 18 април вакцинирани се 7020 здравствени работници со прва и 6750 со втора доза на вакцина против КОВИД-19. Од 31 март, кога почна вакцинацијата на населението за лицата над 73 години вакцинирани се 13 575 лица. Од 5 април, пак, почна масовната вакцинација во вакцинален пункт во салата „Борис Трајковски“, каде се вакцинирани вкупно 18 376 лица. Во земјава пред два дена стасаа 10 илјади вакцини од „Фајзер“, а во текот на месецов се очекуваат и од останатите производители. Земјава има направено нарачки на над 2 милиони вакцини, но од вчера, доколку за тоа се укаже потреба, вакцини ќе може да набавиме од Институтот за вирологија, вакцини и серуми „Торлак“ од Србија.

– Поради изведување водоводен приклучок на ул. Христо Татарчев бб  изутринава од 9.00 часот прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од оваа улица, од бр.1-до бр.64, како и дел од „Пушкинова“.

– Армијата доби нови 7.400 комплети гортекс униформи, како донација од Турција.

– Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ изјави дека Владата обезбедила 3,1 милиони дози вакцини до 30 јуни, така што дотогаш ќе бидат вакцинирани од 50 до 55 проценти од граѓаните.

– САД ја повикаа Русија да им дозволи на независни лекари веднаш да го посетат Алексеј Навални и повторно предупредија дека Москва ќе сноси последици доколку нешто му се случи на опозиционерот додека е во затвор.

– Претседателот на Украина, Володимир Зеленски преку видео порака го покани рускиот претседателВладимир Путин да се сретнат каде било во Донбас.

– Преговарачите на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент денеска, во раните утрински часови, постигнаа договор за Законот за клима, според кој Унијата до 2030 година ќе ги намали емисиите на штетни гасови за 55 проценти во споредба со 1990 година.

 Црногорската полицијата синоќа во Котор го уапсила наводниот водач на криминалниот Кавачки клан, Слободан Кашчелан, пренесува весникот „Вијести“ од Подгорица.

– Американскиот режисер Мартин Скорсезе го почна снимањето на новиот филм „Убијците на цветната Месечина“ (Killers of the Flower Moon), заснован на истоимениот роман од 2017 година од Дејвид Грен. Снимањето започна во американската сојузна држава Оклахома.

– Поранешниот полицаец од Минеаполис, Дерек Шовин, е прогласен за виновен по сите три обвиненија за смртта на Џорџ Флојд. Одлуката  на поротниците, донесена синоќа, е дека Шовин е виновен за убиство од втор степен, убиство од прв степен, и предизвикување смрт од небрежност.

– Претседателот на САД, Џо Бајден синоќа, откако поранешниот полицаец Дерек Шовин беше прогласен за виновен за убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, ги повика Американците да се обединат во борбата против расизмот.

– Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа повика на референдум за избор на следниот премиер, додека се мачи да формира нова владеачка коалиција по победата на парламентарните избори.

 Обединетите нации ги повика Обединетите Арапски Емирати да обезбедат конкретни докази дека е жива принцеза Латифа Ал Мактум, ќерката на суверенот на Дубаи, која наводно е затворена спротивно на нејзината волја.

 – Потпретседателот на Супер лигата и претседател на Јувентус, Андреа Ањели ги демантираше информациите за напуштање на торинскиот клуб.

 – Европската Супер лига одлучи да го прекине проектот, откако вчера сите англиските клубови го откажаа учеството во натпреварувањето.

– Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Утрото ќе биде свежо. Во текот на денот на места ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи, претежно во планинските подрачја. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од минус еден до шест, а максималната ќе достигне од 13 до 21 степен.

Back to top button
Close
Close