МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

19 април 2021

19 април 2021

– Во Собранието на Северна Македонија денеска е закажана седница на Комисијата за финансирање и буџет.

– Туристичко-угостителскиот сектор утре ќе протестира пред Владата се до исполнување на нивните барања. Бараат еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, како и мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, сè додека не почнат да работат без рестрикции.

– Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски  во реакција по потпишувањето на указите за законите што вчера беа изгласани во Собранието вели дека претседателот на државата Стево Пендаровски потпишал, како што наведува во објава на Фејсбук, се што му наредил стопанот.

– По неколкумесечна блокада за реализација на петтиот пакет антикризни мерки вчера пратениците во Собранието ги донесоа законите поврзани со овој пакет. Законите беа донесени едногласно, со гласовите и на парламентарното мнозинство и на опозицијата, а од посебни кабини и облечени во скафандери гласаа и двајца пратеници позитивни на Ковид-19.

– Попладнево се очекува во земјава да пристигнат 10 илјади вакцини на „Фајзер“, а исто толку се очекува да стигнат и на 26 април. Вакцините денеска со авион ќе стигнат во Софија, а попладнето со специјален транспорт ќе дојдат во Скопје.

–  На Деновите на македонската книга што се одржаа во Московскиот дом на националностите во рамки на проектот „Читаj jа Македониjа!”, иницијаторот на проектот Олга Панкина ја претстави книгата „Послание. Поезија на Блаже Конески на руски”. Ја најави и новата поетска збирка „100 песни на Блаже Конески во препев на руски” коjа се подготвува токму за јубилејот на поетот.

– Веќе в среда може да се гласа на новата бугарска Блада, предводена од Даниел Митов, изјавија извори од ГЕРБ за водечките бугарски медиуми.

– Германските конзервативци го пробија рокот, кој самите си го поставија, во кој треба да одлучат кој ќе ги предводи ЦДУ и ЦСУ на парламентарните избори по заминувањето на канцеларката Ангела Меркел.

– Папата Франциск изрази загриженост за неодамнешното трупање руски војници во близина на границата со Украина и повика на напори за смирување на тензиите во седумгодишниот конфликт во источна Украина, каде украинската армија се бори против бунтовниците поддржани од Русија.

– Европската Унија денеска се состанува во формат на министри за надворешни работи во Советот, за да расправаат за влошената здравствена состојба на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој се наоѓа в затвор, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Две лица загинаа во американската сојузна држава Тексас, во сообраќајна несреќа во електромобил „Тесла“. Според надллежните во градот Хјустон, „при несреќата никој не седел на возачкото место“, како што стои во известувањето.

– Највозрасната Американка, Хестер Форд, почина во саботата на 116 години, оставајќи зад себе околу 200 правнуци, објави нејзиното семејство на социјалните мрежи.

– Администрацијата на Џо Бајден разгледува опции Москва да претрпи „последици“ доколку опозицискиот лидер Алексеј Навални умре во затвор, изјави синоќа Џејк Саливан, советник за национална безбедност на претседаетелот.

– Русија вчера протера 20 чешки дипломати еден ден откако Прага протера 18 руски дипломати. Чешките дипломати имаат рок од 24 часа да ја напуштата земјата, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

 –  Францускиот претседател, Емануел Макрон, изрази волја за помирување на спомените меѓу Французите и Алжирците и покрај „одредениот отпор“ што постои во Алжир.

– Стратовулканот Мерапи на островот Јава во Индонезија еруптираше рано изутринава, исфрлајќи огнена лава 16 пати, соопшти агенцијата за вулканологија во земјата, пренесува ДПА.

– Патувањето од Австралија до Нов Зеланд од денеска е можно без карантин, по повеќе од една година забрана поради пандемијата на коронавирусот.

 Организаторите на Супер лигата најавија официјално формирање на новиот турнир. Во Супер лигата ќе се натпреваруваат: Арсенал, Челзи, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Милан, Интер и Јувентус. Уште осум клуба треба да им се придружат подоцна.

 Европската фудбалска асоцијација наскоро ќе објави дали ќе имаат завршница Лигата на шампионите и Лигата на Европа оваа сезона.

– Претежно облачно време со врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат поројни и проследени со грмежи се очекуваат во текот на денешниот ден. Локално, според прогнозата на синоптичарите, ќе наврнат и над 15 литри на метар квадратен. На планините на северозапад ќе врне снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната од 10 до 17 степени. Во Скопје слично време со дожд и слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 13 степени.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close