МИА Радио флеш

МИА Радиофлеш

16 април 2021

16 април 2021

– Премиерот Зоран Заев и претседателите на опозициските албански политички партии Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши на средбата во Собрание постигнаа договор, но детали ќе се соопштат откако ќе се стави на хартија предлогот со точни правни формулации.

-Завршивме и денеска со состанокот, верувам дека постигнавме договр. Ова што го договоривме ќе го ставиме на хартија, бидејќи има и правни формулации, за потоа да можеме и да ги соопштиме и самите детали, изјави премиерот по средбата.

– Рокот за пријавување за втората фаза од вакцинацијата против Ковид-19 за новинарите и медиумските работници е продолжен и трае до 23 април (петок), информираат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

-На овој повик нема ограничувања и може да се пријават сите новинари и медиумски работници кои имаат активен ангажман поврзан со некој медиум, како и слободни новинари и медиумски работници. Имунизацијата, во соработка со Министерството за здравство се очекува да биде организирана наскоро, за што пријавените навремено ќе бидат известени, како за термините, така и за локацијата, велат оттаму.

-Обвинителството поведе постапка за агентот за недвижности за кој пишуваше МИА, за продолжено кривично дело – Измама, при што за него ќе биде поднесен Предлог за определување мерки на претпазливост – обврска повремено да се јавува кај определено службено лице во Судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, како и забрана за преземање определени работни активности, информираат од Основното јавно обвинителство – Скопје.

За лицето, МИА утрово објави дека Единицата за економски и компјутерски криминал при МВР, по наредба на надлежен обвинител од ОЈО, го лишила од слобода и е предадено на надлежна полициска станица за понатамошна постапка за потребите на истрагата за која ОЈО оформи предмет пред три дена, по пријавите на граѓаните.

-Регистарот на професионални онлајн медиуми Промедиа.мк отсега ќе бидат јасно назначени на агрегаторот Time.mk (https://time.mk/blue), информираат Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Time.mk.

Со ова, информираат од ЗНМ, агрегаторот Time.mk се придружува на напорите за саморегулација на двете новинарски оганизации во обид да се препознаат професионалните и етички онлајн медиуми.

-Дисциплинска комисија ќе ја утврдува одговорноста врз основа на конечниот извештај на Комисија за утврдување на правилноста во примената на мапите на работен процес формирана на 5 април, за работењето на РЦУК Кратово, РЦУК Куманово и Дежурниот оперативен центар, ДОЦ на ЦУК, а во врска со настанот за спасување на настраданиот од мозочен удар и премрзнување од високопланинското село Емирица.

Ова го најави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција и нагласи дека на крај одговорноста ќе ја утврди Јавното обвинителство.

-Министерството за животна средина и просторно планирање ги објави резултатите од спроведениот Конкурс за распределба на средства за финансирање и реализација на програми, проекти и други активности од област на животна средина согласно Програмата за инвестирање во животна средина за 2021 година. Резултатите се достапни на следниот линк од Службен весник број 83.

-Програмата изнесува 65.000.000,00 денари, а средствата се наменети за финасирање или кофинансирање на проекти за заштита и унапредување на водите, посебно во дел изградба на канализациони системи и системи за одведување и пречистување на отпадни води, заштита на природата и биолошката разновидност, подигање на јавната свест, едукација и обука во областа на животната средина, поттикнување на образовни, истражувачки и развојни студии, програми и проекти за заштита и унапредување на животната средина и природата, информира МЖСПП.

-Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз, на која се разговараше за последните акции на МВР и тековната техничка помош на САД за поддршка на Министерството.

Како што соопшти МВР, Спасовски се заблагодари за техничката поддршка што МВР ја добива од Амбасадата на САД, што  многу придонесува за успешни резултати во работата на полицијата. Амбасадорката Брнз, пак, го истакна значењето на неодамнешните акции во борбата со криминалот.

-Меѓу 5.000 и 10.000 тони преспанско јаболко од минатогодишната реколта стои неоткупено во магацините на производителите. Причина за тоа, според првиот човек на Здружението на јабокопроизводители Љубе Пампулевски, е пандемијата од Ковид – 19, која направи застој во пласманот на светските пазари.

-Во обичните магацини на овоштарите има меѓу пет и 10.000 тони складирано јаболко, кое и покрај побарувачката, поради коронавирусот и тргни застани на меѓународните пазари останува неоткупено, вели Пампулевски.

-Претседателот на Словенија Борут Пахор денеска ја отфрли идејата за промена на границите на државите од поранешна СФРЈ и истакна дека го поддржува проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан.

Пахор на прес-конференцијата рече дека не знае за нон-пејперот и дека за тоа не разговарал со премиерот Јанез Јанша.

-Германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот денеска на Твитер напиша дека цртањето нови граници на Западен Балкан е опасен пат.

– Регионално помирување и соработка се клучни за мирот, демократијата и просперитетот. Цртањето нови граници е опасен пат, напишта Рот.

-Морталитетот се зголеми во Франција за време на пандемијата на коронавирус, со посилен пораст кај луѓето што живеат во Франција но родени во странство, покажуваат податоците денеска објавени од Службата за статистика Инзи.

Севкупната смртност – имајќи ги предвид сите причини за смрт – во Франција се зголеми за девет проценти минатата година, соопшти Службата, пренесува ДПА.

– Висок дипломатски извор во ЕУ денеска на брифинг со новинарите во Брисел увери дека одлуката да се одложи дебатата за западниот Балкан на претстојниот Совет за надворешни работи е исклучиво поради тоа што средбата не е физичка, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Одлуката да ја одложиме дебатата за Западен Балкан за мај е апсолутно, директно и стопроцентно поврзана со промената на природата на Советот за надворешни работи, од физичка на видеоконференција, а за Западен Балкан сметаме дека заслужува искрена и отворена дискусија, најверојатно со интервенција од господинот Лајчак, изјави дипломатот на средбата со новинарите.

– Норвешка денеска потврди дека потпишала изменет договор со САД за тоа како да се регулираат американските воени активности на нејзино тло, што ќе им овозможи на САД да градат објекти на три норвешки аеродроми и една поморска база. Базите нема да бидат самостојни, а договорот пред да стапи во сила мора да биде ратификуван од Парламентот.

„Договорот го регулира и олеснува американското присуство, обука и вежби во Норвешка, со што и се овозможува на земјата брзо зајакнување во случај на криза или војна“, се вели во соопштението од Владата.

-Германската канцеларка Ангела Меркел, кинескиот претседател Си Џинпинг и францускиот претседател Емануел Макрон денеска имаа онлајн самит на кој разговораа за напорите за справување со климатските промени, пренесе ДПА.

Според кинеската државна телевизија, тројцата лидери разговарале за соработка во справувањето со климатските промени, односите меѓу Кина и Европа, за заедничката работа во борбата против пандемијата на коронавирусот и за други меѓународни и регионални теми.

Таг
Back to top button
Close
Close