МИА Општински пул

МИА општински пул

18 мај 2020 

18 мај 2020 

Кочани, 18 мај 2020 (МИА) – Вкупно 338 интервенции имала Територијалната противпожарна единица од Кочани во текот на 2019 година за гасење пожари и за технички интервенции, што е идентично на претходниот едногодишен период, но на двојно поголема опожарена површина.

Најголем број од интервенциите, односно 250 биле за гасење оган на отворен простор, при што е изгорена површина од над 640 хектари. Во 11 случаи се интервенирало во гасење пожар во шумски појаси со зафатена површина од над 280 хектари, а останатите интервенции се кај запалени стрништа и други пожари на отворено.

Кичево,18 мај 2020 (МИА) – Детската градинката „Олга Мицеска” во Кичево е меѓу првите во земјава што успеа да го заврши тестирањето за коронавирусот на сите 63 вработени кои работат во трите нејзини објекти и сите вработени се негативни на тестирањето, информира директорот Садик Ахмети.

Извршена е и целосна дезинфекција на објектите, како и набавка на средства за одржување на хигиената во градинката.

Ахмети додаде дека кога и да одлучат надлежните да се отвори градинката, тие се целосно подготвени да ги примамат децата во установата.

Тетово, 18 мај 2020 (МИА) – Градењето на нови викендички како и реновирање на старите објекти се причините се поголема да биде дивата депонија со градежен шут на Попова Шапка. Остатоците од градежните материјали се оставаат на потегот од викенд-населбата во правец кон месностите Јелак и Лешница. Наместо во модерен туристичко-скијачки центар се ризикува Попова Шапка да биде место кое ќе се одбегнува, велат граѓаните и спортистите со оглед дека постојан проблем таму е и складирањето на комуналниот смет.

Надир Мурсели, еден од најпознатите тетовски алпинисти кој живее на релација Македонија-Швајцарија образложува дека за развој на планинските спортови и туризмот е недозволиво да се создава ваква депонија во скијачко-рекреативен центар како што е Попова Шапка. Според него потребно е итно планско справување со сите проблеми за да не се дозволи уште полоши слики како оние од дивата депонија со градежен шут.

Штип, 18 мај 2020 (МИА) – Владата го доставила Предлог-нацрт договорот до ТАВ, според кој, наместо за изградба на Карго аеродром меѓу Свети Николе и Штип, средствата од околу 49 милиони денари да се искористат за изградба на нови водоводи, канализации, градинки и училишта низ општините во земјава.

Како што изјави денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, одговорот од ТАВ се очекува во најбрз можен рок.

-Ние очекуваме нивни одговор се работи з асума од околу 50 милиони евра или над 49.700.000 евра и врз база на нивниот одговор што ќе го добиеме, бидејќи нашето барање е тие да бидат слеани во буџетот и понатаму да се градат секаде инфраструктурни проекти низ државата. Очекуваме во најбрз временски период, тоа да биде решено со ТАВ, истакна Сугарески по посетата на Свети Николе.

Куманово, 18 мај 2020 (МИА) – Музеите треба да го искористат напредокот на технологијата, дигитализацијата, да обезбедат виртуелни посети и да го презентираат богатството пред публиката, порачаа денеска надлежните од кумановскиот музеј по повод 18-ти мај, Меѓународен ден на музеите.
Археологот, Дејан Ѓорѓиевски истакна дека сега, во ваква состојба поради пандемијата, добро е музеите да  размислат и да ги искористат предностите на дигитализацијата, да  обезбедат онлајн реализација, можност да се видат збирките, да се искористат апликациите за презентирање на збирките, да се организираат интерактивни видеоигри за децата да се запознаат со историјата на нивниот крај и со збирките.
-Кај нас, за жал сме во почетна фаза, единствено интеракцијата се одвива преку социјалните мрежи, бидејќи дигитализацијата е процес што бавно оди, иако има формирано и Центар за дигитализација во Скопје. Верувам дека ова ќе биде поттик да се искористи дигитализацијата и кога ќе излеземе од оваа криза, тука да се концентрираме, за да ги следиме светските трендови, изјави Ѓорѓиевски.

Дебар,18 мај 2020 (МИА) – Дебранец заработи кривични пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

– Одделението за внтарешни работи од Дебар поднесе кривична пријава против Д.К.(38) од Дебар. Тој, на први мај во 18:15 часот, е затекнат на улицата ,,Братсво единство“ во Дебар при што, полициските службеници констатирале дека нема соодветна дозвола за движење во полициски час, издадена од надлежен орган, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Во досегашниот период, од прогласувањето на вонредната состојба поради пандемијата со Ковид-19, ОВР Дебар има поднесено десеттина кривични пријави за дебрани кои го сториле истото казниво дело.

Прилеп, 18 мај 2020 (МИА) – Во Прилеп денеска нема регистрирано новозаболени од коронавирусот, а од заразната болест оздравело едно лице.

На инфективното одделение во прилепската болница се хоспитализирани 19 лица. Од нив, 16 се позитивни на коронавирус, а во делот за изолација се наоѓаат тројца пациенти, сите негативни на Ковид-19. Во самоизолација се 158 лица.

Во деновите од викендот се забележани 3 нарушувања на полицискиот час.

Штип, 18 мај 2020 (МИА) – До крајот на мај или почетокот на наредниот месец се очекува распишување на првиот тендер за инфраструктурен проект на Владата, „Македонија без кал“, најави денеска во Свети Николе министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

– Станува збор за 15 до 20 општини, согласно оние најспремни проекти коишто се, а потоа за месец до два ќе се распишува и вториот и третиот тендер. Значи сите активности очекуваме да почнат од следниот месец, со распишување на првите тендери се со цел да по завршувањето на нив да отпочне со изградба на улици и патишта, рече Сугарески.

Прашан за изградбата на брана на река Отиња, кој е во фаза на коригирање на одредени забелешки од ИЗИС, Сугарески истакна дека не сака никој да му ги вади изјавите од контекст, бидејќи никаде во последната изјава дадена во штипскиот регион не спомнал ревизија на проектот. Според него, станува збор за проект на Општина Штип, за кој пред да се достави барањето за добивање на градежната дозвола, треба да се комплетира и оваа документација.

Тетово, 18 мај 2020 (МИА) – Во текот на вчерашниот ден во тетовската полиција се пријавени два напада  бездомни кучиња. Малолетник во едниот случај повеќе пати бил нападнат од едно куче, а 38-годишник го нападнале повеќе кучиња.

-На 18.05.2020 во 09.30 часот во СВР Тетово, 41-годишната Д.Л. пријавила дека во 06.40 часот на улица „Браќа Миладинови“ нејзиниот малолетен син неколку пати бил каснат од куче скитник во пределот на левата нога и телото. Во 09.30 часот во СВР Тетово, Ц.А.(38) од Тетово пријавил  дека околу  07.20 часот на улица „Ѓоце Стојчески“ во Тетово бил каснат од две кучиња скитници во пределот на левата нога, соопштија од СВР Тетово.

 

Back to top button
Close
Close