МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

4 август 2021

4 август 2021

Скопје – Министерството за труд и социјална политика ги повикува работодавачите, негувателите и воспитувачите во градинките, вработените во Центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат.

-Целата територија на нашата држава ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза во текот на следните денови, почнувајќи од среда 4 август до 5 август, велат од Министерството за труд и социјална политика од каде потенцираат дека поради тоа треба да се почитуваат општите мерки.

Скопје – Заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа утре без електрична енергија ќе останат дел од корисниците од општините Студеничани и Карпош, соопштуваат од РЦУК – Скопје.

Во периодот од 9:00 до 12:00 часот без напојување со електична енергија ќе останат корисниците од селата Вртекица, Рамни Габер, Пагаруша, Долно и Горно Количани, општина Студеничани. Во периодот од 9:00 до 13:00 часот без струја ќе останат корисниците од булеварот „Партизански Одреди“ и улиците „Софиска“ и „Петар Драганов“, општина Карпош

Скопје – Од 10 часот денеска прекин во водоснабдувањето ќе имаат корисниците од улица „Бел камен“ во населба Водно и делови од улиците „Козара“ и „Васил Ѓоргов“, најави ЈП Водовод и канализација-Скопје.

Прекинот ќе биде поради изведување водоводен приклучок на ул. „Бел камен“ бр.3 и ќе трае до завршување на зафатот.

Скопје – На 11 локации во Скопје ќе започнат градежни активности. Како што информираат од Град Скопје, периодов започнува летна градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските улици и булевари.

-Градежните работи се во тек на Булевар АСНОМ, од булеварот „Гоце Делчев“ до влезот во Ќерамидница, на должина од 300 метри, улица „Васко Карангелевски“, на потегот од булеварот „Јане Сандански“ до булеварот „Трета македонска бригада“, на должина од 1.000 метри, и на раскрсница на улицата „Скупи“ и булеварот „8.Септември“, раскрсница на булеварот „8.Септември“ и булеварот „Никола Карев“ и раскрсница на булевар „Никола Карев“ и булевар „Словенија“ (капиталниот проект за изградба на два кружни тека, подвозници и надвозници кај Момин поток). Булевар „Борис Трајковски“, на потегот од Пинтија до Драчево, на должина од 2.000 метри, улица „Лука Геров“, на потегот од кружниот тек кај пожарната до улицата „Волковска“, на должина од 1.800 метри, булевар „Киро Глигоров“, од булеварот АСНОМ до булеварот „Александар Македонски“, на должина од 500 метри, изградба и пробивање на улица „Есенинова“, од булевар „Борис Трајковски“ до булевар „Трета македонска бригада“. Улица „Индира Ганди“, втора фаза до обиколницата, на должина од 800 метри, стои во соопштението.

Скопје – Активни во моментов се девет пожари, а состојбата е најсериозна во Општината Старо Нагоричани, околу селото Дренак. Состојбата се менува од час во час, но ние ги имаме ангажирано сите расположливи ресурси, и верувам доколку не се појават нови, во текот на денешниот ден ќе воспоставиме целосна контрола врз сите пожари, изјави за МИА в.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Тој посочи дека состојбата е најкритична околу селото Дренок, а во овој момент таму дејствуваат три хеликоптери од Србија, заедно со еден наш Армиски хеликоптер. Ангелов очекува наскоро тој пожар да  биде ставен под контрола.

Скопје – Во спроведена зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли, во текот на вчерашниот ден санкционирани се 98 возачи, од кои 30 биле исклучени од сообраќај.

Како што соопшти МВР, од вкупно изречените казни, 62 се за возачи кои не користеле заштитна кацига за време на возење, 21 возеле без возачка дозвола, а санкционирани се и други прекршоци.

Скопје –  Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ во име на Општината потпиша договор со Министерството за животна средина и просторно планирање за доделување  средства остварени по основ на надомест за производство на енергија од фосилни горива како наменски дотации.

Со Договорот, Општина Центар од МЖСПП доби на располагање 2.857.657 денари  кои ќе бидат искористени за активности од програмата за зашитата на животната средина на општината.

Скопје – Општина Карпош започна со реконструкција на фекална канализација на крак од улицата „Миле Поп Јорданов“ број 14.

Како што информираат од локалната самоуправа, врз основа на барањето на граѓаните од овој дел од Карпош, се реконструира постоечката фекална канализација во должина од 65 метри и се врши зголемување на внатрешниот профил на цевки Фи 500.

Скопје – Водостојот на поголем дел од реките денеска е повисок во однос на вчерашниот ден, покажуваат најновите мерења на Управата за хидрометеоролошки работи.

За 59 сантиметри денеска е повисоко нивото на Црн Дрим во споредба со вчера, за 14 сантиметри нивото на Бабуна, а зголемување се бележи и кај реката Вардар, освен кај Велес каде денеска нивото е за пет сантиметри пониско во однос на вчера.

Делчево – Со хеликоптери од АРСМ од утрово се гаси пожарот на најкритичната точка над Пасјак во село Нов Истевник. Воздушната поддршка во гаснењето на големиот пожар, кој е активен 48 часа на планината Средна, беше неопходна поради интензивирањето на пожарот и неможноста да се локализира и да се стави под контрола поради непристапниот терен, сувата трева и ветерот.

-Активно во гаснењето на пожарот се вклучени 90 припадници на АРСМ, припадници на Граничната полиција, просторните сили на Општина Делчево заедно со екипи на ЈКП „Брегалница“ ЈП Национални шуми, екипи на ТППЕ од Делчево и регионот, информираа од Општината.
Куманово – На подрачјето на општина Старо Нагоричане останува активен пожарот кај Дренак, на тешко пристапен терен информираше денеска командирот на противпожарната единица, Далибор Трајковски. Таму како што информираат од РЦУК Куманово дејствуваат и пожарникарите, вработени од шумско стопанство кои сè уште се на терен. Надлежните очекуваат пожарот во планинскиот дел да се гаси со поддршка на хеликоптери.

Од РЦУК Куманово информираа дека пожарот од Кокински дол кон Арбанашко, целосно е изгаснат во попладневните часови, со поддршка на Армијата, полицијата, припадниците на ДЗСИ, шумско стопанство и со хеликоптери.

Прилеп – Пандемијата не е завршена, и нормално е дека луѓето се внимателни, претпазливи. И тоа е добро. Стравот ги држи луѓето да го одржуваат тоа ниво на самозаштита, што е многу битно. Сметам дека во наредниот период, сѐ додека постои опасност да се шири вирусот, луѓето треба да бидат внимателни, но тоа да не значи паничен страв, туку одржување на тие механизми кои ќе ги држат во една дистанца и хигиенска заштита, нагласува во интервју за МИА, Јован Велески, клинички психолог.

Како што посочува тој, ние сакаме или не можеме да веруваме, но овде во овој дел од Балканот, истакнува, недостигот од ментално здравје постои повеќе години. Порачува дека мора да обратиме повеќе внимание на менталното здравје, зашто постковид-состојбите, покажуваат резултатите, го бараат тоа.

Back to top button
Close
Close