МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

3 август 2021

3 август 2021

Скопје – Сто и осумнаесет години од Крушевската република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ се одбележуваат денеска на на 2 Август – Денот на Републиката. Со Илинденското востание и Крушевската република во 1903, а потоа и на вториот Илинден, во 1944 година со Првото заседание на АСНОМ беа поставени столбовите на Републиката и на државноста.

Институциите ја објавија агендата за денешното чевствување, според која оваа година премиерот Зоран Заев ќе одржи говор во Пелинце, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе се обрати на настаните организирани во Скопје, а претседателот на државата Стево Пендаровски ќе присустува на манифестацијата во Крушево, но како што најави нема да одржи политички говор и подоцна во текот на денот во Крушево ги повика да присустуваат претставниците на државниот врв, но и лидерите на сите парламентарни политички партии.

Скопје – Пораки за обединување беа упатени вчера од прославите организирани во Скопје, Пелинце и Крушево по повод одбележувањето на 2 Август Илинден – Денот на Републиката. Со Илинденското востание и Крушевската Република во 1903, а потоа и на вториот Илинден во 1944 година со Првото заседание на АСНОМ беа поставени столбовите на Републиката и на државноста.

Прославата беше засенета од повеќето пожари кои попладнето избувнаа на неколку локации во земјава, а особено од пожарот во Кочани кој што се приближи до населбите во градот и оштети неколку куќи. Гаснењето на огнот во кое се вклучија и противпожарни единици од повеќе градови од земјава беше отежнато од силниот ветер и многу топлото време, но сепак до вечерните часови огнената стихија беше ставена под контрола и локализирана. По наредба на шефот на државата и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски прогласена е и тревога на целокупниот состав на Армијата за справување со елементарни непогоди.

Скопје – Претседателот на Собранието Талат Џафери годинава 2 Август – Денот на Републиката го одбележува на манифестациите организирани во Скопје, а положувањето на цвеќе тој ќе одржи говор за граѓаните на Република Северна Македонија.

Џафери, ја предводи собраниската делегација на настаните во Скопје, која положи цвеќе пред споменик на Методија Андонов-Ченто, пред Споменик на АСНОМ и пред споменик на Никола Карев. По говорот на Џафери следува културно-уметничка програма.

Скопје – Во рамки на одбележувањето на националниот празник на македонскиот народ и патрониот празник на Општина Илинден „Илинден 2-ри Август” се одржаа повеќе настани и активности. Во општината се одржаа спортските натпревари во фудбал и тенис, под покровителство на градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски, а љубителите на спортот имаа можност да гледаат квалитетни натпревари, соопштија денеска од Општина Илинден.

Како дел од одбележувањето на патрониот празник беше и традиционалната крводарителска акција, на која жителите на Општина Илинден уште еднаш ја покажаа хуманоста и солидарноста на дело преку дарувањето на крв.

Скопје– Владата апелира до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата, заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите.

– Во текот на денешниот ден, 3 август (наутро) стапува во сила целосна забрана за движење во шумските предели низ Републиката, соопшти владината прес-служба.

Скопје – За утре е закажана седница на групата за процена на која ќе биде разгледана сериозноста на ситуацијата со пшожарите и доколку е потребно ќе биде предложено да се прогласи кризна состојба на дел од територијата или на целата територија на државата, изјави синоќа директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов при посетата на Кочани.

Тој информира дела армискиот хеликоптер кој учествуавше во гаснење на пожарот кај Старо Нагоричане, немал доволно време да пристигне до Кочани поради недостаток на гориво.

Скопје – Од денеска стапува во сила целосна забрана за движење во шумските предели, соопшти владината прес-служба.

Владата апелира до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата, заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите.

Скопје – Поради зголемениот ризик од пожари од високите температури и портокаловата фаза со која е зафатен регионов, како и големиот број локални пожари што се активни на терен, на барање на градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, Владата од денеска воведе целосна забрана за движење на Водно и на Скопска Црна Гора.

Од Градот Скопје апелираат до сите граѓани да ја почитуваат забраната и да не се движат низ шумските подрачја во земјата, заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите.

Скопје – Земјотрес беше почувствуван синоќа во Скопје. Како што соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје земјотресот имал локална Рихтерова магнитуда ML3.3, а од граѓаните на главниот град и околината бил почувствуван со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје синоќа во 23 часот и 07 минути го регистрираше земјотресот.

Скопје – Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Поради зголемена фреквенција на возила, на ГП Богородица времето на чекање за излез од државата е околу еден час. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, соопшти АМСМ. и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Скопје – Пожарот во Кочани е локализиран благодарение на професионалноста на пожарникарите, на помошта која стига од целата држава и на солидарноста на граѓаните, објави ноќва премиерот Зоран Заев на Фејсбук.

– Системот функционира, во текот на целиот ден безбедноста на граѓаните ни беше на прво место и до овој момент немаме лица со изгореници. Остануваме со министерот Филипче во Кочани цела ноќ, а во кумановско се веќе вицепремиерот Николовски и министерот Спасовски, наведува Заев во објавата.

Скопје – Од Територијалната противпожарна едница-Кочани за МИА информираа дека се прави обиколка на терен пред да се ангажираат хеликоптерите за гаснење на пожарот кој вчера попладне избувна во Кочани.

– Пожарот е се уште активен. Голема е веројатноста дека ќе се поврзе со опожарените места кај селата Бања и Тркање. Таму имаше пожар пред неколку дена, велат од Територијалната противпожарна едница-Кочани.

Скопје – Екипите на Дирекцијата за заштита и спасување се на терен и се справуваат со гасење на пожарот во Кочани, објави доцна вечерва ДЗС.

– Вработените на ДЗС по вонредниот состанок се упатија во местата опфатени од пожарите во Кочани и Старо Нагоричане, информира Дирекцијата на Фејсбук страницата.

Скопје – Поради сериозноста на ситуацијата со пожарите, веднаш по заминувањето од Крушево, заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, се упативме на локациите во Ранковце, каде што има активни пожари, напиша вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски на Фејсбук.

Службите, посочува Николовски, се на терен, сите надлежни институции се активирани, со цел да се стави под контрола оваа состојба.

Скопје – Заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа без струја денеска ќе останат дел од корисниците во скопските општини Центар и Бутел, соопшти РЦУК.

Без електрична енергија во периодот од 08:30 до 15 часот, ќе бидат корисниците од улица „Орце Николов“ на потегот од Општина Центар до улица „Кострурски Херои“ броеви од 109 до 121 во Општина Центар.

Скопје – Пожарот во Ранковце е локализиран и ставен под контрола, објави ноќва на  Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Оттаму заедно со вицепремиерот Николовски и со македонската полиција се упатив кон Старо Нагоричане кадешто има активни пожари. Во текот на ноќта будно ќе ја следиме состојбата, државата ги мобилизира сите свои сили со кои располага за ставање на состојбата под контрола и целосно гасење на пожарите, наведе Спасовски.

Скопје – Деветтемина жители на Кочани кои синоќа побараа лекарска помош поради вдишување чад, како последица од пожарот, се во добра здравствена состојба и сите се пуштени дома, соопшти денеска Министерството за здравство.

Пациентите, како што се посочува, синоќа беа задржани во болница неколку часа и примаа кислородна терапија.

Скопје – На територија на Скопје вчера се изречени 142 санкции за брзо возење, 23 за возење без возачка дозвола и 10 за возење под дејство на алкохол.

Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека во засилените акциски контроли во текот на вчерашниот ден изречени се вкупно 215 мерки. Меѓу нив, има и шест мерки за некористење сигурносен појас и седум мерки за прекршоци направени од страна на мотоцикли.

Скопје – Во текот на минатата недела на територија на Општина Центар санкционирани се 155 непрописно паркирани возила што го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

-Во период од 26 јули до 1 август 2021 година, со помош на специјалните возила „Пајак“, отстранети се 88 непрописно паркирани возила. Со поставување на механичко средство блокатор, санкционирани се 67 возила затекнати во резидентните зони што не биле корисници на секторот во којшто биле паркирани, информира ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.

Скопје – Министерството за внатрешни работи, при зајакнатата акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија, вчера санкционирало 417 возачи поради движење со брзина поголема од дозволената.

Како што информираат од МВР, од нив, 37 возилa се движелe со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 11 возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.

Крушево – Со читањето на Манифестот, со подигнување на државното знаме, синоќа на Гумење во Крушево беше отворена манифестацијата „10 дена Крушевска република“.  

Пред бројните посетители, крушевскиот градоначалник и претседател на манифестацијата Томе Христоски рече дека со манифестацијата го промовираме нашето историско и културно наследство.

Кавадарци – Дваесет и една година без престан пасам овци, речиси не знам што е свадба сите овие години, на погреб на блиски луѓе не можев да отидам поради обврските околу стадото, а најболно од сè ми е што на крштевката на роденото внуче што го носи моето име не можев да присуствувам како што посакував, оти сепак некој треба да се грижи за триста овци што ги поседува моето семејство. А имаше болни животни, кои не можеше да бидат оставени сами. Булукот не се остава никогаш сам.

Во ова време, што би рекле моите тиквешани, многу често не можеш да најдеш човек, дури и на софра да го поканиш, а не пак да те замени во сточарството. На ручек да го каниш не иде, ете такво време дочекавме. Во Тиквешијата ќе слушнеш како велат, каниме блиски на ручек и не идат, а не пак да ги поканиш да ти покопаат на лозјето. Или уште помалку, да ти ги попасат овците.

Кавадарци – Да не се повтори Кочани! Сите авторитети, поединци и институции, јавни претпријатија, медиуми, здруженија на граѓани, еколошки и планинарски друштва и други субјекти, да одвојат барем пет минути за превенција и спречување на пожари. Граѓаните да бидат посовесни при секое излегување на отворен простор, поле, нива, шума. Да ги преземат сите мерки за да се исклучи човечкиот фактор и тие да не бидат предизвикувачи на пожари.

На ова денеска повика инспекторот за превенција Димитар Каракулев.

Кочани – Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев ноќва изјави дека пожарот околу градот е под контрола, но остануваат да дежураат цела ноќ заедно со противпожарните единици коишто, како што рече, се во огромен број дојдени на местото од целата држава, со цел да се локализира огнот.

На новинарско прашање кои се првичните информации од што настанал пожарот, Илијев рече оти не би сакал да шпекулира и ќе остави да истражат официјалните органи.

Кочани – Здружени сме и правиме се што можеме. Приоритет се човечките животи, има девет луѓе коишто вдишеле чад и се на лекување во болница. Немаме загрозени човечки животи, изјави синоќа премиерот Зоран Заев, кој беше во посета на Кочани.

Тој нагласи дека Владата ќе изнајде начини за да ја надомести материјалната штета, без разлика дали станува збор за опожарени покриви, куќи или за уништена стока. 

Кочани – Пожарот во атарот на кочанските планински села Костин Дол и Ново Село сè уште не изгаснат, но веќе се става под контрола со поддршка од армиските хеликоптери.

Огнената стихија зафати површина од неколку десетици хектари со дабова и букова шума и нискостеблеста вегетација, а во гаснењето се ангажирани над стотина лица.

Кочани – Пожарот кај Кочани во текот на ноќта е локализиран и ставен под контрола. На одделни места во близина на селото Тркање од рано изутринава сѐ уште се забележува чад од огнот што зафати шумски појас и нискостеблеста вегетација во пречник од десетина километри.

Околу 500 припадници на територијалните противпожарни единици од повеќе градови во државата, од Армијата и месно население ноќеска учествуваа во гаснењето на огнената стихија. Во изминатото деноноќие таа сериозно ги загрози населбите на западната страна од градот, поголем број производствени капацитети во зоната Лесна индустрија, склад со течни горива и гас, како и земјоделски површини со лозови и други насади.

Куманово – Пожарот кај Кокино е ставен под контрола, но противпожарните служби од Старо Нагоричане утрово информираат дека нивни екипи се упатуваат кон непрооден пат на уште три жаришта во месноста „Кокински Дол“ каде не може да се интервенира со возила, ниту пак има пристап со лесни возила.
– Во моментов наши екипи и и припадници на Армијата се упатуваат кон овие три жаришта. Цела ноќ, екипите се на терен, делумно е локализиран пожарот-изјави командирот на противпожарната единица, Далибор Трајковски.
Куманово – Пожарникарите од Старо Нагоричане заедно со припадници на Армијата, полицијата и екипа на шумско стопанство се на терен и работат на догасување на две активни жаришта пожарот во месноста Кокински дол под опсерваторијата, помеѓу селата Кокино и Арбанашко, соопштија  денеска надлежните од противпожарната единица и од РЦУК Куманово.

Пожарот кај Кокино делумно е локализиран, освен на  овие две локации каде не може да се пристапи со возила. Од општина Старо Нагоричане најавија дека ќе се одржи и седница на кризен штаб.

Куманово – Семејството Стошевски од Куманово, ја отвори првата апи комора во североисточниот регион во нивниот пчеларник во селото Драгоманце, општина Старо Нагоричане. Апи-терапија со инхалација помага при лекување на луѓето кои имаат астма, бронхитис, белодробни заболувања, проблеми со дишните патишта, инфекции и алергии, главоболки и мигрена, а го подобрува и имуниот систем.

Идејата дошла случајно, истражувајќи на социјалните мрежи и по едукациите со пчеларите, објаснуваат браќата Бобан и Сашо Стошевски, кои секое слободно време го поминуваат во пчеларникот опкружен со високи дрвја и недопрена природа во близина на реката Пчиња.

Крива Паланка – Шумскиот пожар што вчера зафати голема површина во атарот на селата Отошница и Радибуш во Општина Ранковце рано утрово е локализиран, информираат од Јавното претпријатие Македонски шуми, подрачно шумско стопанство „Осогово”, Крива Паланка.
-Пожарот кој вчера стихијно се ширеше во најголем дел од реонот на селото Отошница и дел село Радибуш и опожари и шуми и ливади, но за жал и куќи на месното население, е локализиран околу полноќ. По неговото првично локализирање повторно се појавија одредени жаришта, на кои се интервенираше, така што целосно е локализиран околу два часот утринава. Со пожарот е зафатена голема површина борова и дабова шума, ливади, а проценка и мерење ќе се врши во текот на денот, изјави Ивица Митовски, директор на ПШС „Осогово”, Крива Паланка.

Новаци – Во вчерашниот пожар во мариовското село Скочивир изгореле 15 стари одамна напуштени куќи. Пожарот зафатил и трева, се проширил низ селото каде изгореа 15 стари, напуштени куќи. Ниту една од нив не е вселива.

Огнот е под контрола, информираат од Територијалната против пожарна единица во Битола и предупредуваат на внимателност кај жителите зашто за време на пожарот се слушнале експлозии од стари експлозивни средства останати од Првата светска војна.

Охрид – Во рамките на „Охридско лето“ вечерва на „Долни Сарај“ ќе се одржи музичко-сценскиот проект „Нашата вечер во Охрид“ со српскиот актер и уметник Иван Босиљчиќ, кој ќе презентира стихови на најголемите светски поети, сето проследено со богата музичка заднина претставена со лириката на маестро Зоран Стојановиќ.

Повеќе од една деценија Иван Босиљчиќ, покрај богатата театарска и интернационална филмска кариера е посветен на изведбата на авторски поетски проекти. Тој креира и изведува интимни театарски исповеди, раскажани низ стиховите на големите поети. Со голем успех неговите претстави се изведувани во голем број театри и концертни сали низ целиот балкански регион- почнувајќи од белградскиот Дом на синдикати и операта „Мадленијанум“, преку Македонската опера и балет и Универзална сала во Скопје, Новосатскиот национален театар и многу други, а успешно се претставува и во: Австрија, Шведска, Швајцарија, Норвешка, Исланд и во Канада.

Делчево – Припадниците од Вториот баталјон од касарната Јане Сандански од Штип од рано утрото активно се вклучени во гаснење на пожарот во близина на шумскиот појс помеѓу општините Делчево и Пехчево кај селото Пасјак. Кире Цоневски соработник за превенција заштита и спасување при Општинa Делчево информираше дека покрај армијата и екипи на Територијалните противпожарни единици од регионот, во гаснењето се вклучени и делчевските Просторни сили.

-Во моментот се одвиваат активности за локализирање на пожарот кај Пасјак. Зафатена е поголема површина, припадници на армијата се на терен, заедно со противпожарната единица од Делчево и М.Каменица, Јавното комунално претпријатие и просторните сили во Делчево. Доколку има потреба од воздухоплови испратено е барање до Дирекцијата за заштита и спасување и армијата и тие ќе дејствуваат согласно законски пропишаните мерки, информриа Цоневски.

Делчево – Делумно е локализиран пожарот кај Нов Истевник, кој се закануваше да го проголта маалото Пасјак, соопшти Општина Делчево.
Согласно последните информации, кај најзагрозената населба пожарот е пресечен, спасени се куќите, но и по 24 часа, сè уште гори кај месноста Бајаз Тепе, а опожарена е борова шума, јасика и ниско стеблести растенија на површина од 30 хектари.

Струга – Во организација на Музичка младина на Македонија од денеска до 9 август во Струга ќе се одржи камп насловен „Етно Македонија“ со музичари од седум држави, кои ќе презентирана традиционална музика од своите земји.

Кампот ќе заврши со концерт на 8 август на кој ќе настапат сите учесници, како дел од програмата за народна, светска и традиционална музика „Етно“ на Меѓународна музичка младина.

Тетово –  Културно-уметничкото друштво „Брвеница“ од Брвеница настапи на три културно-уметнички манифестации во рамки на тридневната викенд турнеја во Република Србија во неколку места при Општина Рашка, меѓу кои и истоименото село Брвеница.

Играорците од друштвото настапија на манифестацијата во Градачка бања, манифестацијата „Брвеница игра и пее“ во село Брвеница, Општина Рашка и „Илински денови“ на Семетешко  езеро.

Back to top button
Close
Close