МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

30 јули 2021

Тетово, 30 јули 2021 (МИА) – Несовесни лица се смета дека искршиле десетина млади дрвја кои се посадени долж тротоарот на улицата „Иво Лола Рибар“ во Тетово во близина на градскиот стадион.  Вработените во комуналното претријатие  информираат дека оштетувањата се забележани синоќа по 22:30 часот.

Оштетувањето на дрвјата, зеленилото и јавниот имот е вандалски и срамен чинСторителите на еден ваков недостоинствен чин ќе бидат откриени и против нив ќе биде поведена соодветна правна постапка, истакна градоначалничката на Тетово, Теута Арифи преку профилот на социјалната мрежа Фејсбук.

Пустец, 30 јули 2021 (МИА) – Македонците од областа Мала Преспа  го одбележаа патронот на познатиот манастир „Света Марина“ во селото Туминец. 

По повод денешниот празник посветен на Света великомаченица Марина – Марена – Огнена Марија, по традиција во Туминец од синоќа, а посебно денеска освен  жители од селата на Мала Преспа, беа и од подрачјето на Корча, како и од Ресен и Прилеп. 

Струга, 30 јули 2021 (МИА) – Општина Струга објави јавен повик за субвенционирање на дел од трошоците за набавка на велосипеди за 2021 година.

Според повикот, општината ќе субвенционира половина од трошоците направени за купен велосипед, но не повеќе од 3.000 денари. За оваа намена од Буџетот на Општина Струга издвоени се 500.000 денари, а ќе бидат поделени по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Делчево, 30 јули 2021 (МИА) – Во делчевското село Стамер се подобрува патната инфраструктура во близина на подрачното училиште „Св.Климент Охридски“.
Како што информира Општина Делчево, новоизградената улица е долга 100 метри, а  нејзината изградба е од огромно значење за поврзување со другиот дел од селото.
-Заврши асфалтирањето на улица во село Стамер, која го поврзува ПУ „Св.Климент Охридски“ со другиот дел од селото. Станува збор за изградба на нова улица во должина од 100 метри со што инфраструктурно се решава приодот до училиштето, наведува  Општината.

Скопје, 30 јули 2021 (МИА) – Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Грвала денеска присуствуваше на откривање на таблата на улицата „Јусуф Грвала”, именувана по нејзиниот татко, на влезот на Старата скопска чаршија.

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, како домаќин на настанот изјави дека Јусуф Грвала, освен што беше патриот, исто беше човек на пишувањето, културата.

Крива Паланка, 30 јули 2021 (МИА) – Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски,  во големата општинска сала се сретна со женската кошаркарска репрезентација до 16 години, која е на десетдневни подготовки во Крива Паланка пред престојниот ФИБА челенџер во Т’билиси, Грузија, што ќе се одржи од 8 до 14 август 2021 година.

За време на подготовките репрезентацијата ги користи спортските капацитети на општина Крива Паланка, а во спортската сала „Бранители 2001“ изминатите два дена се одиграа и два контролни натпревари со соодветната репрезентација на Бугарија.

Скопје, 30 јули 2021 (МИА) – Прекин во водоснабдување денеска имаат корисниците од улиците „Емил Зола“, „Виктор Иго“, „Дренак“, „Драга Стојановска“ и „Невена Георгиева Дуња“ во општина Кисела Вода, соопшти ЈП Водовод и канализација.

Причина за прекинот на водоснабдувањето, како што посочија, е штопирање на стара водоводна мрежа на улица „Емил Зола“.

Гевгелија, 30 јули 2021 (МИА) – Илинден традиционално е празникот за чие чествување Дојран привлекува најмалку десетина илјади туристи од кои поголемиот број се од земјава. Годинава по олабавувањето на ковид мерките, повторно ги има и од соседна Србија кои на пропатување кон Грција знаат да се задржат ден – два и во Дојран.

Од локалната самоуправа велат дека Дојран уште во текот на денот почна да се полни со гости кои доаѓаат заедно со месното население да го прослават заштитникот на Дојран, Свети Илија и да се забавуваат на уредените плажи и зелените крајбрежни појаси подготвени за главната туристичка сезона.

Охрид, 30 јули 2021 (МИА) – Градскиот совет денеска во рамки на 62-та седница го усвои ребалансот на буџетот на Општина Охрид.

Градоначалникот Константин Георгиески образложувајќи ги измените појасни дека имаат за цел обезбедување подобра функциналност на буџетските средства во насока на исполнување на приоритетните потреби и барањата на граѓаните, преку внатрешна прераспределба на средствата по годишните програми за работа на секторите на општината.

Кичево, 30 јули 2021 (МИА) – Тим  на полициски службеници од СВР Охрид  и од ОВР Кичево, првенствено од оделението за превенција, како и останати полициски службеници, синоќа од 22 до 2 часот по полноќ, го реализираа проектот „Соседска патрола“ во Кичево.

Во проектот беа вклучени и претставници од ЕЛС Кичево – секторот за образование, претставници на Центарот за социјални работи, невладини организации, членови на родителски совети…

Скопје, 30 јули 2021 (МИА) – Од денеска, од 18 часот, поради изведување градежни активности на дел од коловозот на булевар „Кузман Јосифовски Питу“, на потегот од крстосницата со улица „Беласица“ и улица „Никола Карев“ до крстосницата со булевар „Кочо Рацин“, возилата од линиите кои сообраќаат во овој реон во насока кон Бит пазар, мост „Гоце Делчев“, Градска болница, Билна аптека и слично, ќе имаат изменет режим на сообраќање.

Како што информираат од ЈСП, пренасочувањето ќе трае се до завршување на активностите на терен кои се вршат по налог на „БЕГ“, од каде очекуваат градежните зафати да завршат до недела (01.08.2021 година).

Кавадарци, 30 јули 2021 (МИА) – Обновен е релјефот на споменикот за 12 Ваташки младинци, стрелани на 16 јуни 1943 година. Претходниот релјеф беше украден пред неколку години.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев рече дека благодарение на соработката меѓу локалната самоуправа, Музеј галеријата и Министерството за култура, направена е обнова на релјефот, кој е изработен од кавадаречкиот вајар Кире Мукаетов.

Back to top button
Close
Close