МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

27 јули 2021

27 јули 2021

Скопје – Поради зголемена фреквенција на возила на граничниот премин Табановце времето на чекање за влез во државата е околу 30 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања, соопшти Автомотосојузот на Македонија.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.

Скопје– Во скопското село Стајковци, општина Гази Баба, денеска ќе биде отворена новата градинка „Пеперутка”.

На отварањето најавено е присуство на премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и  градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

Скопје– Санкционирани се 33 мотоциклисти на подрачјето на Штип во акциска контрола спроведена синоќа, од 20.00 до 02.00 часот.

За време на  контролата за прекршоци кои ги прават возачи на мотоцикли во сообраќајот биле констатирани 47 прекршоци од кои 33 по акциската контрола и сите биле соодветно санкционирани.

Скопје – При вчерашната засилена акциска контрола во сообраќајот, на територијата на град Скопје изречени се вкупно 184 мерки, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Како што стои во соопштението од МВР, за возење повеќе од дозволената брзина се изречени 39 санкции, 23 прекршоци што ги чинат пешаците, 14 за возење без возачка дозвола, 12 прекршоци што ги чинат возачите на мотоцикли.

Скопје – ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје за седум дена санкционираа 163 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

– Во периодот од 19.07. до 25.07.2021 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 94 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 69 возила кои биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани, соопштија од ЈП ПОЦ.

Скопје – Поради изведување на водоводен приклучок ф-80мм на ул.Борис Трајковски 300 (Зинес Мебел), прекинато водоснабдување денеска ќе имаат објектите во непосредна близина, односно индустриската зона, соопшти ЈП Водовод и Канализација Скопје.

Прекимот во водоснабдувањето ќе трае се до завршување на активностите..

Скопје – Синоќа во 23.30 часот во авто-камп во струшкото село Радожда, полициски службеници од Полициската станица Струга го лишиле од слобода А.А.(24) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена марихуана.

Од МВР денеска информираа дека тој бил приведен во полициската станица и по целосно расчистување на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.екимот во водоснабдувањето ќе трае се до завршување на активностите.

Скопје – Во текот на вчерашниот ден во рамки на спроведената зајакната акциска контрола за санкционирање на возила кои непрописно престигнуваат на територијата на Република Северна Македонија, санкционирани се 121 возач. Од нив, соопштија денеска од МВР, 36 се на територијата на СВР Тетово, а 23 непрописно престигнувале на територијата на СВР Охрид.

Засилените акциски контроли, најавуваат од МВР, продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.

Охрид – Програмата на „Охридско лето“ продолжува со настан од музичкиот дел, со концертот на турската пијанистка Ѓулсин Онај.

Ѓулсин Онај свири пијано од три годишна возраст, а првиот рецитал на Турското радио го има уште на шест годишна возраст. Со специјална државна стипендија учи со Ахмед Аднан Сајгун и Михат Фенмен, а потоа во Париз нејзини педагози се Пјер Санкан, Моник Хас и Надја Буланже. Дипломира на Парискиот конзерваториум на 16 години со оцена Premier Prix du Piano”, а освојува награди на бројни меѓународни натпревари. Нејзината богата кариера се протега на сите континенти во преку 80 држави од Венецуела до Јапонија. Концертира во најпознатите светски концертни сали како: „Концертгебау“ во Амстердам, салата на Берлинската филхармонија, Концертхаус во Виена, салата „Гаво“ во Париз, Квин Елизабет хол и Вигмор хол во Лондон и др. Настапите со оркестар ги вклучуваат: Дрезден Штатскапеле, Оркестарот „Филхармонија“, Англискиот камерен оркестар и Кралската филхармонија во Лондон, Јапонската филхармонија, Симофнискиот оркестар на Минхенското радио, Филхармонијата на Санкт Петербург, Симфонискиот оркестар на Токио, Варшавската филхармонија и Виенскиот симфониски оркестар. Ѓулсин Онај е Државен уметник во нејзината родна Турција каде повеќе години била официјален солист на Претседателскиот симфониски оркестар во Анкара. Нејзините повеќе од 20 снимени изданија говорат за широчината на нејзиниот репертоар, како и за нејзината интерпретативна моќ која се протега од делата за соло пијано и концертите на Хајдн и Моцарт, па до дела од современи композитори. Онај е резидентен уметник на Универзитетот „Билкент“ во Анкара и е носител на почесен докторат од Универзитетите „Босфор“ во Истанбул и „Хачетепе“ во Анкара. Во 2014 година и е доделен Почесен медал од Истанбулскиот фестивал, а во 2018 година почесен медал и од Фестивалот во Бодрум.

Битола – Собранието на Република Северна Македонија како претставнички дом на граѓаните чија што улога е, и да биде дел од ваквите традиции е горд покровител на фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“, истакна потпретседателот на Парламентот Горан Мисовски синоќа во Битола.

Прогласувајќи го фестивалот за отворен, Мисовски рече дека музиката, фолклорот и игрите се универзална цивилизациска категорија, дел од светското културно наследство, но во исто време тие претставуваат значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет.

Крива Паланка – Секторот паркови и зеленило на јавното претпријатие Комуналец од Крива Паланка започна со хортикултурно уредување на новиот плоштад и градски парк во општината, со што ќе бидат уредени 1280 метри квадратни тревна површина и дополнителни цветни декоративни форми.

-Нашите вработени отпочнаа со етапно засадување цвеќе на предвидените локации и форми за оваа намена. Мора да напоменам дека набавени се најсоодветни цвеќа согласно годишната доба и временските услови,а за претстојниот период веќе е одобрен тендер за набавка на есенско цвеќе и комплетно уредување со разни сезонски цвеќиња. Исто така набавени се и веќе се засадени неколку декоративни дрвца, јапонска слива, а се садат и повеќегодишни зимзелени дрвја за жива ограда кај паркот. Истовремено, на сите новоуредени површини е поставен систем за наводнување капка по капка и пумпи со модерна контрола за активација, изјави директорот на Јавното претпријатие Комуналец, Крива Паланка, Миле Марковски.

Крива Паланка –  Градоначалникот на Општина Кратово, Љупчо Бојаџиев, ги награди со дводневна екскурзија највредните и најуспешни поединци, ученици кои учествувале на бројни општински, регионални и државни натпревари и покажале одлични резултати во учебната 2020/21 година.

-Патувањето на дваесет ученици од основно општинско училиште „Кочо Рацин“ и средно општинско училиште „Митко Пенџуклиски“, Кратово се организираше врз основа на подготвена програма од страна на професорот Младен Мицевски, со што првиот ден беше опфатена посета на: националниот парк Маврово, Мавровско езеро, преубавиот Бигорски манастир „Св.Јован Крстител”, прекрасните пејзажи покрај течението на реката Радика и главното туристичко место во летниот период, Охрид, вклучен во светското наследство на УНЕСКО. Учениците вториот ден уживаа на Охридското крајбрежје, разгледување на манастир „Св.Јован Богослов Канео”, манастир „Св.Климент – Плаошник”, староградската архитектура, прошетка низ охридската чаршија. Сите ученици заедно, здружени и насмеани, другаруваа на патувањето, информираат од службата за комуникација со јавност на Општина Кратово.

Куманово – Општина Куманово ги информира граѓаните дека утре и задутре ќе се извршат третмани на ларвицидна и терестична дезинсекција против комарци. Двата третмани имаат за цел уништување на ларвите и возрасни форми на комарци.

– На 28 јули, среда, на територијата на општина Куманово ќе се изврши третман на ларвицидна дезинсекција, која има за цел уништување на ларвите на комарците. Се известуваат граѓаните дека на 29 јули, четврток, во 00:00 часот, на територијата на општина Куманово ќе се изврши

третман на терестична дезинсекција против возрасна форма на комарци, информираа од општината.

Back to top button
Close
Close