МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

26 јули 2021

Берово, 26 јули 2021 (МИА) – Одобрен е проектот за санација на ѕидови и плафон во деветолетката „Никола Петров Русински” во беровското село Русиново.

За реализација на проектот, а со цел подобрување на условите за учење на учениците, како што информираа од Општината, претходно беше поднесена апликација до Министерството за образование и наука.

Битола, 26 јули 2021 (МИА) – АД Електрани на Северна Македонија презентираа дел од новата механизација набавена за потребите на рудниците во РЕК Битола.

Набавени се четири нови дампери, автодигалка, утоварувач, грејдер и друга механизација со која се обезбедуваат поквалитетни услови за работа во рудниците на комбинатот.

Делчево, 26 јули 2021 (МИА) – Мечка која повеќе од еден месец предизвикува штети во атарот на делчевското село Киселица, опустоши пчеларник. Меѓу најоштетените е пчеларникот на делчевецот Мичан Стојчевски, кој по трет пат е на удар на напади од мечка.
-Со сигурност може да потврдиме дека се работи за мечка, бидејки не само што на овој пчеларник дејствува по трет пат, туку претходно е забележана штета и кај други пчелари. Штетата е пријавена до наделжните, од каде очекуваме упатства како понатаму да добиеме отштета, велат пчеларите.

Скопје, 26 јули 2021 (МИА) – ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје апелира до жителите на градот, рационално и внимателно да ја користат водата во денови со екстремно високи температури, особено да се избегнува непотребно трошење на водата за наводнување.

– Врз основа на податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, од каде се најавуваат високи температури кои деновиве ќе достигнат и над 40°C, како и податоците на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје за зголемена потрошувачка на водата, апелираме до граѓаните на градот Скопје за рационално користење и употреба на водата. Да се избегнува полевање поголеми површини и непотребно трошење на водата за време на топлите денови, се вели во соопштението од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Скопје, 26 јули 2021 (МИА) – Започнува комплетната реконструкција на улицата „Народен Фронт“, во Општина Центар.

Реконструкцијата опфаќа целосно уредување на коловозната конструкција на површина од 11.542 метри квадратни и трите краци на улицата, што минуваат меѓу зградите, информираат од Општина Центар.

Гевгелија, 26 јули 2021(МИА) – Градежни активности за уредување на улицата „Александар Бел“ во новата станбена населба „Мрзенски рид“ кај Гевгелија, почнаа со подготвителни работи на улицата која ќе биде главна сообраќајница во населбата, потврдија денеска од надлежната служба на Општина Гевгелија.

– На улицата со должина од 850 метри и два крака од по 110 метри, почна расчистувањето на трасата од нискостеблести растенија и нејзино обележување и обезбедување. Првата фаза од изградбата предвидува и уредување на долниот строј од улицата, велат од Општината.

Скопје, 26 јули 2021 (МИА) – Во Општина Шуто Оризари од денеска почнува поставувањето на атмосферска канализација. Проектот е дел од 99-те проекти на општините, финансирани од групацијата ТАВ. По повод започнувањето на овој проект, на денешниот настан присуствуваа премиерот Зоран Заев, градоначалникот на Општината, Курто Дудуш и директорот на ТАВ, Метин Батак.

Градоначалникот Дудуш истакна дека овој проект ќе ги реши децениските проблеми на над десет илјади граѓани во Општината.

Теарце, 26 јули 2021 (МИА) – Во Општина Теарце во тек се работите за поставување фекална канализациона мрежа со која се очекува се надминат постојните проблеми со кои населението од ова село се години се среќаваше.

Денеска Општината ја посети министерот за животна средина Насер Нуредини, кој од страна на градоначалникот на Општина Теарце Исен Асани беше запознаен со текот на работите.

Делчево, 26 јули 2021 (МИА) – Почнаа активностите за регулација на речното корито на река Брегалница во Делчево. Од општината информираат дека првата фаза од проектот ќеапочне со изградба на попречни прагови во коритото на река Брегалница.

-Економскиот оператор, градежните работи во коритото на реката, треба да ги заврши заклучно со 30 ноември оваа година. Вредноста на работите е 910 илјади денари, односно еден милион денари со вклучен ДДВ, а  средствата за реализација на овој Договор се обезбедени од Министерството за животна средина преку програма за управување со водите, во износ од 800.000 денари. Останатиот дел од паричните средства се обезбедени од општинскиот буџет, информираа од Општината.

Скопје, 26 јули 2021 (МИА) – Паркингот на Водно во текот на викендот го искористиле 230 возила според бројот на испратени СМС пораки, соопшти денеска службата за информирање на Град Скопје.

Како дел од континуираните заложби да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога е најпосетено Водно, Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“ воведоа зонско паркирање на паркиралиштата на Средно Водно.

Кочани, 26 јули 2021 (МИА) – Општина Кочани доби максимална поддршка од програмата Општинско корисна работа и вкупно 24 лица од септември ќе бидат вклучени во шест различни активности.

Локалната самоуправа конкурираше со два проекта што беа прифатени како добро подготвени. Стручните служби известуваат дека новина во Општинско корисна работа од оваа година е што необучените даватели на услуга треба да ја поминат обуката во рок од три месеци. Таа ќе биде овозможена и платена преку програмата, а веќе обучените ќе работат девет, наместо шест месеци.

 

Back to top button
Close
Close